Достапни линкови

Бесмртниот Мерсад Бербер во скопската Уметничка галерија „Ел Греко“


Мерсад Бербер на својата ретроспективна изложба во Барселона, Шпанија фото: Петар Јурица
Мерсад Бербер на својата ретроспективна изложба во Барселона, Шпанија фото: Петар Јурица

Дваесет и три графички листови ја чинат изложбата на Мерсад Бербер, еден од најпознатите уметници од поранешна Југославија, што од 30 ноември до 20 декември се одвива во скопската Уметничка галерија „Ел Греко“. Ова е негово прво претставување во Македонија по безмалку цели четири децении.

Не многу по претставувањето на дел од творештвото на македонскиот уметник Ниче Василев, во скопската Уметничка галерија „Ел Греко“ уште една изложба што предизвикува особено внимание. По безмалку четири децении, македонската ликовна публика и воопшто домашната културна јавност, од 30 ноември до 20 декември, има можност да проследи избор од богатиот опус на еден од најпознатите ликовни творци од поранешна Југославија - Мерсад Бербер.

Мерсад Бербер по потекло е од Босна и Херцеговина, од малото место Босански Петровец, а својот животен век го поминал помеѓу својата матична земја и територијата на соседна Хрватска, каде во одредени подолги временски интервали се преселува, заради воените конфликти кои се случуваат за време на неговиот животен век. Тој е мултимедијален автор кој постигнал одлични резултати во разновидни уметнички медиуми и дисциплини, од графиката која му е специјализиран медиум, а секако и во дисциплината на сликарството, цртежот, илустрацијата, сценографијата, костимографијата и т.н.

Неговата виртуозност во цртачката техника му ги овозможила успешните манипулации во сите останати техники и медиуми. Со нејзина помош тој успевал да постигне деталност, мунициозност и прецизност, која ретко кој модерен уметник знаел да ја долови.

Инаку, Мерсад Бербер се појавува на тогашната југословенска ликовна сцена во втората половина на 60-те години на XX век и веднаш почнува да постигнува врвни резултати. Да освојува многубројни меѓународни награди на престижни биенални и триенални изложби за графика, кои постепено му го овозможиле интернационалниот подем и видливоста во кариерата

Од тука, тој се смета за една една од најзначајните уметнички фигури на поранешно југословенското уметничко милје од втората половина на XX век, кој постигнал завидна европска кариера што ретко успевале да ја досегнат уметниците кои потекнувале од овие простори на југозападна Европа и Балканот. Неговите дела се наоѓаат во многубројни значајни збирки на институции од културата и приватни колекции низ светот, меѓу кои една од најзначајните е галеријата Тејт Модерн во Лондон. Згора на тоа, за неговото творештво пишувале значајни критичари и теоретичари на уметноста, а особено важен е придонесот на светски познатиот уметнички критичар, куратор, писател и историчар Едвард Луси Смит, кој е автор на бројни светски историски прегледи на модерната и современа уметност.

Токму и затоа, историчарката на уметност Ана Франговска, во пресрет на оваа поставка во скопската Уметничка галерија „Ел Греко“, во својот кураторски осврт насловен како „Постмодерна уметничка меморија“, пишува дека „пред нас имаме сериозен и препознаен балкански маестро, чија вредност, и за време на неговиот живот, но и по неговата смрт, растела и расте и одново се верификува, како доказ на латинската флоскула Ars longa, Vita Brevis (Уметноста е вечна, а животот е краток), која говори за бевременоста и бесмртноста на уметничкото дело“.

Маестралноста на Бербер лежи во неговата одлична моќ да направи скенирање на најзначајните моменти од локалната, подалечна или поблиска, историја и традиција, како и на, за него, најзначајните примери на уметници и дела низ вековите, и истите да ги искомбинира, уметнички да ги трансформира и исколажира на мошне впечатлив, постмодерен начин кој оддишува со неверојатна моќ за поврзување на старото и новото, на Истокот и Западот, на класичното и современото, на исламското и христијанското, на ренесансата, нејзината обнова во нео-класицизмот, на експресионизмот и сецесиозмот и истите да ги преточи во современата цитатност и преобразба, низ дела кои освен со својата комплексна техничка постапка и сликарска (цртачка виртуозност) го носат и белегот на сижејна концентрираност во која се преплетуваат многуслојни поврзани, преклопени или кадрирани нивоа на читливост како полифонични панели, вели Франговска.

Таа не случајно дури во воведот на своето писание ќе посегне и по неговите зборови каде големиот Мерсад Бербер во една прилика рекол: Големите имиња во сликарството се како антички кариатиди. Мојата цел е постојано да се откриваат живи и плодотворни импулси во минатото бидејќи мојата традиција и припаѓа на големата традиција на европската култура во која се сретнуваат и преплетуваат антиката, Византија, средновековието, ренесансата, барокот, сецесијата, модерната, а исламската компонента на сето тоа му дава посебен тон низ синтеза на Истокот и Западот. Ако моето сликарство го нарекуваат неокласицизам, тоа е затоа што сакам да ги обновам сништата кои го чуваат достоинството на штафелајното сликарство низ историјата.

А, како заклучок Франговска и со дополна дека „значењето и вредноста на уметничкото кредо на Мерсад Бербер за балканската историја на уметност е посебно значајно, а неговите дела се своевидна современа хроника за историјата и културната традиција на еден народ и овие простори која треба да се архивира и запамети и тоа на еден специфичен, универзален начин, а тоа е безвремениот јазикот на уметност“.

Инаку, роден на 1 јануари 1940 година, во Босански Петровац, годините од најраното детство и младост, поради воените околности, Мерсад Бербер ги поминал во Бања Лука, каде што завршил основно и средно училиште. Веќе како средношколец илустрирал книги и списанија. Од 2959 до 1963 година студирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, кадешто дипломирал во класата на познатиот Максим Седеј.

Во 1965 година ги завршува постдипломските студии по графика на истата високошколска установа во класата на професорот Рико Дебењак, а истата година ја има првата самостојна изложба во Градската галерија во Љубљана.

Од 1968 до 1973 година предавал на Факултетот за применета уметност во Сараево, а во 1973 година бил назначен за доцент на тогаш ново отворената Академија за ликовни уметности во главниот град на тогашната Република Босна и Херцеговина. Во 1980 година, Мерсад Бербер е избран за член на Комитетот за дизајн, при Олимпискиот комитет, за организација и подготовка на визуелниот идентитет на Зимските олимписки игри во Сараево - ЗОИ ‘84.

Имал огромен број самостојни изложби низ целиот свет, а учествувал на многубројни локални и меѓународни групни поставки. Тој е добитник на голем број престижни награди и признанија на најзначајните меѓународни сликарски и графички изложби. Живеел и работел во Љубљана, Сараево и Дубровник, а починал на 7 октомври 2012 година во Загреб, Хрватска

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG