Достапни линкови

„Артекологија“ како битка со современите демони


Плакатот за проекттот „Артекологија“ н Арс Акта
Плакатот за проекттот „Артекологија“ н Арс Акта

Девет македонски уметници обединети околу идејата во своите интервенции да проговорат за достапноста на масовните медиуми и екологијата се учесници во актуелниот интернет проект „Артекологија“ зад кој како потписник стои Институтот за култура и уметност Арс Акта од Скопје.

Уметност достапна до секого е пристап кон промоција на уметноста. Со кој таа се деинституционализира, излегува од својата комфорна зона и од елитизмот. Се обнародува, односно станува достапна до пошироката публика, како дел од општествено-социјалната иконосфера.

Ова најнапред во своето актуелно обраќање во пресрет на најновиот проект „Артекологија“ ќе го запишат од Институтот за култура и уметност Арс Акта. Со тоа, тие не само што се провикнуваат во дадениот простор туку и решително ја продолжуваат линијата на успешни реализации и проекти во доменот на уметноста во јавен простор која ги опфаќа двете успешни изданија на „Уметност на билборд 1 и 2“ , како и последната изложба „Траумакултура“, која се одржа лани во декември во фабриката „Ариљеметал“ во Скопје.

Славица Јанешлиева

Од таму не чуди што од Арс Акта забележуваат дека нивните „интереси во евидентирање на можностите на времето, технологијата и преокупациите на публиката се продлабочуваат“, па затоа решиле да се обидат да го „нападнат“ и виртуелниот простор, користејќи Интернет, разни веб-платформи, социјални мрежи и портали.

Дека во секојдневното социјално-општествено егзистирање, според нив, некако природно е да се помисли дека токму овој простор е соодветен за нов уметнички проект и за „контаминација“ со уметност и на обичната публика, која несвесно ќе биде „заведена“ да „консумира“ уметнички дела, да отвори едно авторско решение и потоа, евентуално, да биде „намамена“ да прочита нешто за авторот или, пак, за контекстот на проектот, а веројатно и да види наредно дело.

Проектот е осмислен да понуди уметност на различни нивоа, но оној момент на заведување или намамување е уметноста која се појавува како „реклама“ при разновидно разлистување на страници, платформи, социјални мрежи, јутјуб-канали. Целта е да го „нападнеме“ обичниот набљудувач со уметност, наместо со вообичаени комерцијални видеа или политички ветувања. Да го натераме да погледне нешто што ќе го измести од вообичаената секојдневна зона и вкус нурнувајќи во една поинаква естетика, по софистицирана, повисока. Да го принудиме да се запраша што гледа, што е тоа што се „рекламира“, постепено сфаќајќи дека гледа нешто што нема комерцијална заднина, ниту, пак, промовира некој познат бренд. На овој начин, уметноста ќе влезе во сечиј дом, велат од Арс Акта.

Кристина Пулејкова

Кураторот на проектот Ана Франговска истакнува дека уметноста на екологијата, или „Artecology“ како што е насловен овој проект, е во согласност со еколошките и политички прашања што ги преокупираат светските политики, а секако, сѐ почесто и уметниците, кои чувствуваат потреба и одговорност да се приклучат кон сеопштата битка за спас на планетата Земја.

Оваа потреба уште повеќе се нагласи со пандемијата со корона-вирусот, време во кое речиси сите се запрашавме за природата, земјата, космосот и колку со својата негрижа постепено но сигурно ја уништуваме нашата нормална еколошка средина, ќе рече Франговска.

Игор Сековски

Во „Артекологија“ со свои интервенции, кратки видеа и giff-ови, учествуваат Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Гоце Наневски, Славица Јанешлиева, Кристина Пулејкова, Денис Јагџи, Марија Сотировска, Борис Шемов и Игор Сековски.

Сите тие во своите дела говорат за природата, екологијата, уништувањето, вирусите, дезориентираноста, екологијата/или ерозијата на духот и сите останати нуспојави, за „демоните“ на секојдневието кои доведуваат до промена на „нормалноста“ во која живееме.

А колку капиталистичкото општество, стремејќи кон што повисока добивка, е подготвено да ги жртвува здравјето на луѓето и иднината на нашата планета е уште една тема кон која со критички тон се обраќаат уметниците, говорејќи за „урбана мафија“, загадување, за родова еднаквост, за миграција, историја, медиумски хаос, смрт и разни видови екологии, смета Ана Франговска.

Моника Мотеска

Инаку, проектот од 12 декември и во наредните два месеца ќе може да се проследи во целост на веб платформата artecology.mk и на останатите социјални мрежи.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG