Достапни линкови

АНА КАП ТРИО со „Француски бакнеж“ повторно во Филхармонија


Плакатот за концертот на АНА КАП ТРИО во Филхармонија
Плакатот за концертот на АНА КАП ТРИО во Филхармонија

„Француски бакнеж“ е насловен концертот што ќе се одржи в петок на 11 февруари во Филхармонија. Со оркестарот ќе диригира Џијан Емин, а солисти ќе бидат членовите на француското АНА КАП ТРИО чија музика е на програмата. Нивни гости се сонародниците Оливие Самулиан на виола и пејачката Бети Жарден.

По скоро две години од нивниот исклучително шармантен концерт во камерната сала во Филхармонија, во Скопје и во Македонија еве ги повторно АНА КАП ТРИО. И, повторно Пјер Миле на труба, Мануел Декок на виолина и хармоникашот Жан Мишел Трото, ќе ги видиме и чуеме со речиси истите соработници. На сцената и во изведбата на нивната авторска музика, тој преубав микс на ритми и сончевини, тага и веселби од различни поднебја, крај нив ќе бидат сонародниците Оливие Самулиан на виола и пејачката Бети Жарден, а овојпат со оркестарот на нашата национална институција ќе диригира маестро Џијан Емин, со кого поодамна ги споделуваат авторството и лудилото да се твори сега и глобално. Концертот е насловен „Француски бакнеж“ и ќе се одржи во петок, на 11 февруари во 20 часот.

И, кога сме веќе тука чисто како влез во она што треба да се очекува од АНА КАП ТРИО и веселата дружина зборовите на виолинистот Декок кажани во пресрет на првата камерна средба со овдешната публика.

Нам ни стана многу важно да не бидеме сериозно сфатени. Зошто? Бидејќи музиката е забава. Музиката не смее да биде церемонија. Ништо од тоа. Музиката треба да се свири онака како што ја чувствуваш, притоа треба да бидеш многу добар инструменталист...но не е неопходно да се прави класичен сериозен перформанс. Во ред на почетокот се е музика и тогаш почнуваме со шоуто и она што гледаме дека над главите на посетителите почнуваат да кружат бројни прашалници. Луѓето како да се прашуваат „Па, што прават овие тројца на сцената?“. И, така паѓаат сите бариери меѓу нас, ќе рече тогаш Мануел.

А, нашиот Џијан Емин, кој патем првата средба со музичарите од француското трио ја имал своевремено на концертот на Тони Китановски и ЧЕРКЕЗИ ОРКЕСТАР во Каен, на овој начин само ја продолжува сопствената интенција од пред две години членовите на Оркестарот на Филхармонија да ги воведе во една поинаква платформа, во „еден не-типичен програм и амбиент за класични музичари“.

Ова е конкретно можеби отворање на една платформа што би се викала „artist in residence“ во некоја блиска иднина се надевам. Инаку, според мојата точка на гледиште во однос на музиката што Пјер ја пишува и би рекол е малку филозофски ориентирана и едноставно бара да се размисли не само што се свири туку и како се свири, за интензивноста на звукот, моќта на песната и нејзиниот дух...и така со ред. Конечно, овој начин на работа е она што јас сакам да им го презентирам на колегите од Оркестарот и од Филхармонија како нешто кон што треба да се стремиме во времето пред нас. Сметам дека неколку вакви проекти во текот на една сезона би смениле многу во однос на нашето поимање на нештата. Значи да каниме музичари од страна и со нив активно да работиме на проекти од самиот нивни почеток до крајната реализација, говореше тогаш Џијан.

Инаку, АНА КАП ТРИО на своите настапи нудат лудо артистичко-поетско шоу. Миле, Декок и Трото се виртуози на своите инструменти кои патем и пеат, танцуваат и „растураат“. Кај нив ништо не е оставено на случајот. Вешто се поигруваат со емоциите, напати се трогателни потем урнебесно хумористични, но секогаш прецизни како швајцарски часовник. За нивните перформанси се вели дека „претставуваат камелеонски, инспиративни патешествија во кои се испреплетуваат виртуозната музика, чудесната комедија и дадаистичките песни“. Станува збор за тројца извонредни музичари: фасцинантен трубач кој по секоја цена покажува неизвесност, среќен хармоничар со биполарна тенденција и срамежлив и измачуван виолинист, кој се обидува, најдобро што може, да ја спаси фарсата...

Од друга страна, роден 1976 година во Тулуз, Оливие Самулиан откако го завршил конзерваториумот во родниот град личната наобразба ја продолжил на Колеџот за музика „Беркли“ во Бостон, САД. Покрај неговите интензивни и различни активности како изведувач, чисто за потсетување едно време беше член и на нашиот ПРОЏЕКТ ЖЛУС во неговите златни времиња, тој пишува и музика за филм и телевизија. За да ги сублимира своите пасии, ја создава и издавачката куќа „ Art Melodies“, специјализирана за издавање музика за филм. Оливие Самуилан соработува и со издавачката куќа „Cezame“ како композитор уште од 2004 година.

Бети Жарден, пак, е француска пејачка која живее во Нормандија веќе седум години. Шест години студирала џез теорија на Конзерваториумот во Каен, а едно време ја изучувала и индиската музика, во Јужна Индија каде престојувала повеќе од цела една деценија. Критиката за неа ќе забележи дека е препознатлива по „интеракацијата меѓу џезот и индиската музика кои и даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност“. Најчесто таа ги пишува своите песни, кои ги изведува со различни музичари и групи во Нормандија, односно во Франција и на Стариот континент.

И, конечно Џијан Емин е музичар, композитор, аранжер и диригент. Тој бил зад пултот со Македонската филхармонија во повеќе значајни проекти изминатите неколку години, во дел од нив и како оркестратор, привлекувајќи го силно вниманието на јавноста.

На пример, масовните концерти „Скопје за Боуви“ и „Пинк флојд“ во Градскиот парк на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ во охридскиот Антички театар со еден од пионерите на детроитската техносцена Дерик Меј и повторно Македонска филхармонија, проект со кој го прошета светот (САД, Австралија, Франција), потоа се памети и настапот со Белградскиот симфониски оркестар и американскиот диџеј Јуан Аткинс - уште еден експериментален влог во кој фузијата на електронската и класичната музика се покажа мошне инспиративна, минатогодишниот концерт „Париз те сакам“ по повод Денот на вљубените на кој француски познати шансони беа во негови аранжмани, проект со кој, исто така, излезе надвор од нашите граници (Прага, Будимпешта), мултимедијалниот проект „Neuland Sensorium“ што се одржа во „Мала станица“, а кој се издвои како еден од иновативните звучни проекти и во авторска, но и во продукциска конотација, како диригент на Симфониски концерти за деца, на новиот и мошне активен ансамбл на Здружението на џез-музичари на Македонија...

„Секој уметник кој се стреми да биде голем презема храбри чекори и одговара на предизвиците во уметноста, кои се круцијални за добивање нови форми, нов израз, нови начини кои носат воспоставување нови медиуми“, знае да каже Џијан.

За Емин, музиката има магична моќ. На различни начини успева да нè води низ времето, ни ги пренесува мудростите на животот, среќата, радоста, тагата..., несвесно влијае на нашиот разум и нè прави подобри луѓе. Тој го следи своето срце кое, признава, му нанело многу болки, но за возврат, денес ја има слободата која носи безмерна среќа, а која сака да ја споделува со луѓето.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG