Дваесеттина изданија како придружен вокал на различни дискографски проекти, неколку длабоко емотивни албуми и бројни глобални концерти со ДРАГАН ДАУТОВСКИ КВАРТЕТ, стотина часови снимена музика која ќе причека на објавување, хорска музика и музика за документарни филмови, проекти за и со деца, дуо соработки со холандскиот гитарист Золи Соос, македонската пијанистка и чембалистка Цветанка Созовска, шпанскиот пијанист Раул Сантана, со маестра Бајса Арифоска, потем и со кореографката Кренаре Невзати Кери на нејзиниот проект за Блаже Конески „Емоции/последна вечер“... перформанси што ги воодушевуваат публиката и сериозната критика по Европа и во светот. Еве ова, во само неколку збора, би била приказната за Александра Поповска. За жената која живее номадски живот некаде таму по Стариот континент, но која силата, храброста, упорноста и потребата неуморно да твори ги црпи од носталгијата по татковината и уште повеќе од сончевината и благоста во очите на своите две ќерки.
Прелистувањето на нејзината биографија вели дека е родена во 1975 година во Србија, поранешна Југославија. Дипломирала 1994 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот за Музичка теорија и педагогија. Магистерските студии ги завршува во Холандија во 2006 на Утрешката школа на уметности, Факултетот за уметност, медиуми и технологија и на Отворениот универзитет Лондон и поседува „Европски мастер на нови медиуми во уметноста“ од студиите во Англија (2010 година -Портсмут универзитет, Факултет за креативни и културни индустрии, филм и медии) каде работела на тема „Изведување и компонирање во мултимедијална околина“.
Од прекршувањето на столетијата па цела една декада потоа имала статус на слободен уметник во земјава, а по периодот додека живеела и работела на релација Македонија – Холандија, од 2012 и во наредните три години била ангажирана како координатор и како доцент по предметот глас/пеење на штотуку отворената студиска програма за Популарна музика на Факултетот за Музичка уметност во Скопје, на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Интернационалната кариера ја почнала со ДРАГАН ДАУТОВСКИ КВАРТЕТ и зад нема се повеќе од 200 концерти по светот, а учествувала и на неколку групни изложби и мултимедијални проекти.
Била член на Македонска Асоцијација за Електро-акустична музика и еден од иницијаторите на проектот „Звучни имерзии“ промовиран на фестивалот Денови на македонска музика во 2014, член на Холандската асоцијација на вокални педагози и дел од организациониот тим за ЕУРОВОКС 2018 (конгрес кој се занимава со различни аспекти на употреба на гласот, под покровителство на ЕВТА (Европска Асоцијација на вокални педагози), и од лани член на Холандската асоцијација на композитори Nieuwe Geneco и на уметничката платформа за соработка и онлајн настава „Галерија на тонови “.
И, овде наместо натамошно набројување на фактите само потсетување на една од нејзините изјави. Поповска знае да каже: Да се осмелиш да живееш „од глас“, за мене подразбира живење со верба и во себе и во животот!
Е, еве како одеше заедничката потреба од комуникација и споделување на реалноста следено од нејзините изведби со професорот Даутовски, Бајса и Ратко, песните на Џони Мичел поминати низ нејзиниот јужен сентимент, потрагите по феноменот именуван како Мередит Монк...Радост во времево што ни се лизга низ прстите.
Александра Поповска - портрет М Ламерс
Изведувач и креатор, педагог и истражувач – надминување на границите
Деновиве слушнав неколку работни композиции од твоето ново дуо. Вокал и пијано. И едноставно бев затечен колку напред отишла Александра Поповска и покрај информациите што ги имав од годиниве наназад. За каков проект се работи?
- Пред се, сакам да ти се заблагодарам за тоа што ја следиш мојата работа повеќе од дваесет години и што од самиот почеток си верувал во мене, си ме поддржувал и си пишувал за моите музички активности. Тоа многу ми значи! А, не знаеш колку многу се радувам дека со последните снимки сум успеала и да те изненадам. Чинот на слушање е креативен чин и тоа го знаат луѓе како тебе, сериозни вљубеници во музиката, луѓе со „отворени уши“. Навистина ми е драго дека сме се разбрале и преку музиката, а еве, сега продолжуваме и преку пишаниот збор.
Инаку, од неодамна имам нов и за мене лично мошне возбудлив проект - дуо со еден млад шпански пијанист, Раул Сантана, со кого свириме еклетичен микс на музика. Во новите композиции и импровизации можат да се слушнат влијанија и на класика и на џез, но и на музичката традиција од земјите од кои потекнуваме, поточно сето она што и двајцата сме го слушале и изведувале одделно низ годините, измешано со музички театар “slash” радио драма ( Мануел де Фаља го среќава Кит Џерет, Џерет го допира Курт Веил, а Веил пак се игра заедно со Берио... крсти го како сакаш...) Во моментот сме дуо, но отворените музички форми кои се во работна фаза сеуште како и третман на текстовите нудат можност и за различни соработки. Ке видиме во наредните месеци што е можно и до каде ке ја „измечтаеме“ работата.
Како ќе се развива проектот и колку притоа до израз доаѓаат твоите заложби за третман на гласот како рамноправен инструмент и потребата упорно и постојано да се надминуваат границите на познатото?
- Ако веќе ме прашуваш за заложбите во врска со третманот на гласот како инструмент ќе се обидам да ти одговорам, но не само во врска со последниот проект, туку накусо ќе ти раскажам за мојата посвета на развивањето, разбирањето и употребата на гласот во различни уметнички контексти и во секојдневниот живот, што можеби е пак, и одговор на она за кое ти погоре велиш „одење напред“.
Јас лично имам двоен однос кон гласот: еден како изведувач и креатор, а втор како педагог и истражувач. Првиот однос е личен, гласот е дел од мене и од моето тело и за да им одговорам на музичките предизвици низ годините, морав да изградам дисциплина, секојдневна вокална пракса која во меѓувреме станува водилка/ориентир во животот, бидејки е поврзана со состојба на духот и на телото, со здравјето, и бара од мене внимателно да (се) слушам. Ваква пракса или ритуал, може да се спореди со она што за некого се спорт или јога, сликање или пишување.
Исто така, имагинацијата, внатрешниот порив/желбата, потребата за комуникација, но и тоа што сум баеги „nerd“, се работи што мене лично како вокалист ме водат низ различни контексти/ стилови, и ме тераат да откривам дела од различни композитори кои твореле низ вековите, да учам нови јазици, да комбинирам медиуми, да бидам отворена за да можам да слушам поинаку, подобро, попрецизно, порафинирано, дека и тоа како слушаш и како ги перцепираш и чувствуваш движењата во телото, директно влијае на тоа како пееш.
Кога ме прашуваш за „надминување граници“, тука ке се обидам да ти одговорам на прашањето преку мојот однос кон гласот како истражувач-педагог.
Сите ние се раѓаме со поинаков инструмент/глас, од анатомска гледна точка, што само по себе во старт претставува одредено ограничување, па еден контра алт, на пример не може да стане лирски сопран, бидејќи секој од нас е поинаква „птица“. Но, во текот на животот, со редовна пракса тие што имаат желба можат да го откријат токму сопствениот инструмент и да ја согледаат неговата уникатна боја и квалитет. Посебност. Таа различитост е нешто што вреди да се слави и да се поттикнува во образовниот процес, а ми се покажало како вистина низ работата со стотици луѓе, аматери и професионалци, кои работејќи на својот глас си ја зголемиле и својата самодоверба, ја подобриле комуникацијата и со себе си и со луѓето околу нив. Откриле нова музика....
Освен овој проект во развој, на што друго работи Александра? Знам за твојата „Музичка соба“, за проектот „Номад“, за активностите врзани со фестивалот „Биг бенг“ ... работата со деца и млади од различни етнички заедници – емигранти во Холандија, Белгија, во земјите од Европа... и речиси толку. Што се случуваше со тебе како автор и воопшто уметник во изминативе две години на светска пандемија и изолации?
- Последното интервју го правевме некаде пред пет ипол години. Од тогаш до денес, нa творечки план ми се имаат случено убави работи, а би ги издвоила неколкуте премиери на современа класична музика. Неколку од нив се случија како дел од колективот на композитори КОкоа Amsterdam. Станува збор за отворена платформа за соработка во која двајца или тројца композитори работат заедно на една композиција и го делат својот начин на работа едни со други. Тоа беше супер искуство. Така композицијата “Harbours” за флејта и фиксен медиум премиерно се изведе во Тајван во 2018-та, а композицијата “Hydrastinia” за две харфи и два гласа се изведе во Амстердам, во 2020-та.
Исто така перформансот за глас, лента, харфа и видео “Stormy sea” ја имаше својата премиера во 2018 во Хаг .
Последните години работев и хорска музика, па така композиција „Ани мори нусе“ за мешан хор ми беше нарачана од хорот ЈИП од Утрехт за потребите на проектот „Sид“ базиран на фолклорни теми од Балканот кој беше изведен во Утрехт и во Хаг во 2017-та . Истиот аранжман во 2020-та ми го побара и го изведе академскиот хор Le Choeur de Brouhaha од Монтреал/Kanada, пo нив и холандскиот хор Амфион од Амстердам, а во 2021 и хорот Subito oд Прага. Овој аранжман си го живеше својот живот и за време на пандемијата.
Лани работев и музика за краткиот документарен филм „Марокански чај“ на младата руска режисерка Кристина Данурова која живее и работи во Амстердам. За потребите на саундтракот за овој филм соработував со Бајса Арифовска, нашата уникатна мулти инструменталистка, една и единствена во својата посвета и љубов кон музиката.
Од соработките со нашите уметници последните години, би ја спомнала и онлине соработката со кореограката и режисерката Кренарe Невзати Keри, со која имав чест и задоволсотво да работам на нејзиниот проект за Блаже Конески „Емоции/последна вечер“ кој се одржа во Универзитетската библиотека во Скопје во 2018-та.
Во врска со концертните активности за време на пандемијата, имав неколку онлине настапи, како и неколку концерти во живо со македонска музика. Така во хашкиот театар DeNieuweRegentes настапив со мојот долгогодишен соработник гитаристот Золи Соос, потоа во неколку наврати и со нашата пијанистка и чембалистка Цветанка Созовска, за да минатото лето со овие музичари и долгогодишни пријатели да отсвириме и серија на концерти во неколку паркови во Хаг, која беше подржана од најголемиот холандски фонд за изведувачки уметности ПодиумКунстен.
Пред пандемијата имав и можност да настапам на девет концерти како солист во делото за хор и оркестар Стабат Матер на еден од најизведуваните англиски композитори Јенкинс. Згора на ова од лани сум дел од концертната верзија на проектот „Песни со корени“, на белгијската компанија Зонзо (https://www.bigbangfestival.eu/nl/liedjes-met-wortels-xl) и за прв пат настапив со белгиските музичари и осмочлен вокално/инструментален состав во Луксембург во 2021. Проектот доби свое продолжение, но со нова музика и во форма на соло театарска претстава за деца со многу музика, која јас во моментот ја играм во Германија.
Тоа е дел од активностите на кои во моментот ми текнува. А проектите и часовите музика снимени за време на пандемијата, што се во фиока и чекаат да бидат ставени во календар за издавање или презентација ќе ги оставам за друг пат. Ах, кога денот би бил подолг...
Александра Поповска во проектот „Чуј го мојот глас“
Животот на уметникот никогаш не е потрошен бадијала
Со надеж дека тоа време полека истекува, каде се гледаш себе си како творец во таа поширока рамка – од Холандија каде што живееш како појдовна точка, на севе и кон југ на Стариот континент? Имаш ли сили и верба во себе за докажување? Колку работа и откажување треба еден творец да собере за да го дочека својот момент. Да му биде признаена уметноста? Каде стреми сега Поповска?
- Да се осмелиш да живееш „од глас“, за мене подразбира живење со верба и во себе и во животот. Една од најголемите придобивки од вокалната пракса, а верувам и од било која друга уметничка пракса е тоа што го подигнува нивото на свесност за кревкоста на човечкото тело и неговата смртност, и помага работите да не се земаат здраво за готово, туку го зголемува чувството на благодарност. Можеби токму во благодарноста се крие мирот што сите го бараме?
Инаку, и покрај силната имагинација, која е мојот најголем пријател и непријател, не можам во моментот да кажам каде точно се гледам (искрено, причината е дека минатиот месец се преселив и паметот ми е во кутиите кои чекаат да бидат распакувани штом се вратам од Германија:).
Сепак, искрено се надевам дека рамката во која моите активности ке се одвиваат ќе остане широка како и до сега, затоа што желбата да го живеам животот најавтентично што можам и умеам и да продолжам да создавам во било кој медиум е кај мене секогаш присутна и секој нов проект на некој начин ја подгрева таа желба. Тоа можеби на некого од страна кој работите ги гледа црно бели, може да му изгледа како расплинување, но за луѓе како мене, тоа е валиден начин на дејствување, како мозаик во кој секое парченце е битно. Така вокалната пракса ми користи и влијае на моите композиции, а пак анализата на едно дело и рабирањето на неговата вишеслосјност и структура ми помага во изведувањето. Педагогот ме учи да не бидам престрога кон себе, а потребата за визуелно изразување ја илуминира мојата помалку синестетска природа. И така.
Секако, со одредена животна зрелост доаѓа и потребата да се биде од полза на заедницата во која се дејствува и активно да се учествува во нејзиниот и културен, но и локален, „обичен живот“. Од таму и мојата вклученост во социјално ангажирани проекти и водење на аматерски хорови од Хаг кои настапуваат во домови за стари лица и центри за рехабилитација, или пак работа на проекти со малцински и ранливи групи. Да се биде на страна на послабиот е нешто што мене ми доаѓа природно, веројатно дека така било и во семејството од кое потекнувам, а комуникација со луѓе кои имаат изразено чувство на емпатија секогаш лесно ми одела.
Ваквите активности не се дел од медиумскиот радар, бидејќи не станува збор за клишеа од типот- сите сме „успешни, вечно млади и богати“, туку за вистинскиот живот и она што сите нa некој начин не очекува, ако имаме к’смет и да остариме.
Затоа кога ме прашуваш за моите стремежи, тие се многу приземни: како мајка на две девојчиња се обидувам да ги сочувам од лагите што се нудат на секаде и се продаваат како вистини; како педагог се стремам да го живеам тоа што го предавам и одново да го преиспитувам низ пракса, да не престанам да учам од моите ученици; како уметник се стремам кон континуирана работа. А пак, доколку постои шанса некој да ја засака мојата уметност или ако го поттикне и самиот да твори, е тоа е би било неверојатно убаво, нескромно кажано!
А, во врска со тоа дали и кога уметноста на еден креатор ќе биде или би била признаена, мислам дека само времето може да даде одговор. Надежта веројатно постои кај творците дека еден ден некој ќе успее да го поврзе сето она што тие го правеле и ќе го стави во некаква историска перспектива. Но, тоа е помалку и романтична мисла. Причините поради кои уметникот, или макар уметниците што јас ги познавам творат не се признанијата, туку пред се затоа што тоа е нешто што едноставно мора да го правиме! Признанијата се бонус. И ако бонусот го добите порано во животот тој веројатно ќе ви донесе повеќе работа во средината во која работите, а ако се случи по вашата смрт, можеби ќе им донесе финансиска придобивка на вашите поколенија. Но, можеби ништо од тоа и нема да се случи. Но, и тогаш животот на уметникот не е потрошен бадијала, бидејќи тој самиот се обидувал преку својата работа да ја открие смислата на сопственото битисување и да се поврзе со светот. И тоа делумно и пред очите на сите околу него! Затоа уметникот чувствува огромна радост кога тоа што тој го работи успеало да допре до некого, да го натера слушателот/гледателот/читателот да се запраша за некој работи, или суптилно да го посочи патот кон евентуалните одговори, без директно да ги даде.
Човек учи додека е жив – ги научи ли ти своите животни лекции? Расчисти ли со себе која е твојата професионална траекторија, каква музика и емоција сакаш да потече од тебе кон публиката?
- Многу лекции научив. Секако. Јас на музичката сцена влегов по малку наивно, и од оваа гледна точка ми се чини несвесна за својата незрелост, а и без многу сознанија за постоењето на стапици што самата професија ги носи. Така да, од првичниот занес во моите рани дваесети години, кога многу нешта настануваа спонтано и зависеа единствено од моменталната инспирација, креативниот процес во четирисетите е сосема поинаков, а поинаква е и свесноста за соствениот потенцијал и за средината во која се работи и како таа влиае.
Одговорноста и нивото на подготовка исто така стануваат многу поголеми и несомнено го менуваат човекот, му ја челичат волјата, му го тренираат трпението, ја проверуваат истрајноста, доблестите и мааните стануваат појасни, повидливи. Карактерот, контекстот во кој уметникот твори, улогите што еден човек ги има и бремето кое свесно решава да го понесе исто така играат улога и влијаат на професионалниот пат. Можеби е потребна и среќа да се најдеш во одредено место и време на некое место и да ја одиграш улогата која од тебе се бара. Но, како и да, мора да си спремен кога шансата се појавува, а и да си буден и присутен за да ја препознаеш.
Со ризик дека ќе ги разочарам читателите, морам да напоменам дека јас не сум од оној тип на човек што уште од дете сонувал да биде на сцена, да стане ова или она. Не сум мечтаела од малечка за аплаузи, ниту сум имала визија за иднина и светски сцени. Никогаш не сонувам музика, ниту можам со сигурност да кажам дека баш ваква или онаква музика сакам да излезе од мене. Тоа што пак, како музика излегувало од мене низ годините е во исто време резултат на моето музичко и животно искуство и одредено ниво на осетливост со кое го восприемам светот и го преработувам доживеаното. Се разбира како и на долгите години поминати во школо. Исто така, дел од музиката која сум ја испеала или компонирала дошла како одговор на задолженијата што сум ги добивала, по нарачка, а нарачките за секој уметникот се поттик. Кога имаме deadline, тогаш „реалниот“ свет како да престанува да постои ( оди во позадина, ама многу тивко:) и се му се подредува на креативниот свет.
За оставањето белег во колективната меморија
Ќе успееш ли нешто од тоа трајно да документираш, да ставиш на носач на звук? Да оставиш белег за себе и во нашата колективна меморија, во македонската култура?
- Во Македонија сум снимала многу, во деведесетите како пратечки вокал сигурно над дваесетина и повеќе албуми со најразлични музичари и продуценти, а и со квартетот од 2000/та па наваму, исто така неколку изданија. Тука се и две холандски изданија и една винилна плоча. Не знам колку е потребно човек да снима за да се каже дека оставил белег и дали над стотици отсвирени концерти низ Македонија или стотици надвор од земјата под македонското знаме, а и голем број само со моето име и презиме го гарантираат моето место во колективната меморија?
Искрено, не размислувам во такви големи, безвременски категории, како вечност и иднина, а сепак колку парадоксално и да звучи, живеам од и за уметност која ми потврдува дека одредени дела можат да комуницираат со тебе и после многу векови и дека вреди да се забележат. Затоа пеејќи композиција од Хилдегард ван Бинген од пред десет векови или песна од баба ми од пред педесетинa години, на ист начин може да ми овозможи дијалог и со едната и со другата. Хилдегард, која е родена во Германија, веројатно не ни сонувала дека станала дел од мојата меморија или од меморијата на моите деца. Баба ми можеби. :) Колективот го сочинуваат единките. Па затоа, со сигурност можам единствено да кажам дека живејќи најавтентично што можеме, ние стануваме дел од меморијата на тие околу нас пред се*, а дали нашите дела ке станат прифатени од цели групи на луѓе, тоа авторот никогаш однапред не може да го знае.
Во секој случај, пред да се пензионирам би било убаво да се влезе во студио уште неколку пати, зошто да не?
И, кога сме веќе таму „каде што најмногу боли“ колку ти е сега блиска и далечна татковината, Македонија? Успеваш ли да ги негуваш врските со драгите луѓе од Балканот? Со својата публика и сите оние што чекаат на некоја од домашните сцени да го слушнат твојот глас?
- Македонија ми е љубов, за вјек и вјеков и затоа пред пандемијата дома си доаѓав секое лето. Тоа го правев единствено поради негувањето на приватните врски, кои за сега успевам да ги одржам. Врската со македонската публика пак, во последните години ја имам само преку интернет. Би било убаво пак да се сретнеме во живо. Променети. Ако сметаш дека има луѓе кои чекаат да ме чујат на некоја од домашните сцени, ајде да правиме концерт!
Александра Поповска на сцена - фото Јасмина Дервишевиќ
Носталгичар по природа
Колку и дали ти недостига времето кога со ДРАГАН ДАУТОВСКИ КВАРТЕТ ги полневте салите и на луѓето им ја дарувавте вашата – наша музика, таа јужна емотивност и сончевина?
- Ти благодарам на убавите зборови и што така си го доживеал тоа време. Интересни и интензивни времиња беа тоа! Јас сум носталгичар по природа, али се носам со носталгијата како „голема“. Драго ми е дека стотици концерти се имаат случено и благодарна сум за сите музички средби што ги имав и со квартетот и со публиката. Музиката што ја создававме и ја свиревме тогаш, ја живевме целосно и тоа беше дар и за нас самите и за публиката. Од дуга страна искрено се радувам кога гледам колку многу акустични состави се појавија од тогаш, така да дарувањето сончевина како што велиш, имало причина и вродило со плод.
Квартетот официјално никогаш не ја заврши својата сторија, но помина многу време од вашиот последен заеднички настап. Остана ли желбата за „средба“, ново издание, концерти... нови музики и песни?
- Што ако приказните се надоврзуваат едни на други, па можеби приказната на квартетот во моментoт ја довршува некој друг состав, а нивната пак ке ја превземе некој трет во годините што доаѓаат, создавајќи „синџир“ на пренесувачи на песни што не треба или не може воопшто да се прекине? Кој знае..
Инаку, не сме зборувале на таа тема со никого од квартетот, а се немаме ни одамна видено во живо.
Конечно, колку Александра Поповска е сега далеку ( или блиску) од таа приказна? Си пожелува ли себе си да му се врати со нова возбуда и веќе помината професионална километража на македонскиот музички јазик и фолклорната традиција? Никнале ли во неа во меѓувреме такви идеи?
- Не знам што да ти одговорам на ова прашање, а да не те (се) излажам. :)
Во секој случај, македонскиот музички јазик и фолклорната традиција се многу големо поле за истражување и секогаш има нови работи за откривање. Јас лично, барам можност за нови читања/слушања, барам подтекст во текстовите, домечтајувам поинакви краеви на песните, ги изместувам ликовите од една песна во друга, им додавам и им одземам, ми даваат - им враќам. Некогаш во буквална смисла, а некогаш само во процесот на подготовка за изведба. Слободата да го правам тоа си ја земам затоа што чувствувам дека моите „интервенции“ се безопасни и добронамерни. Е, тоа го наоѓам за возбудливо!
Како уметник и изведувач многупати досега се прашав зошто те нема да пример на фестивали како „Денови на македонска музика“, Охридско лето, Скопско лето, Оффест... Пројавил ли досега некој овде дома интенција твојата творечка сегашност да и ја претстави на публиката?
- Во скоро време не пројавил, иако во 2015-та, една моја звучна инсталација беше поставена на Денови на македонска музика, во делот од програмата „Звучна имерзија“ која тогаш ја работевме заедно со Роберт Саздов, Мирослав Спасов и Иван Пенов.
Јас со задоволство би дошла. На сите тие фестивали што погоре ги спомна имам настапувано порано со квартетот, на некој од нив и повеќе пати, и носам само убави сеќавања.
Успеваш ли да ги следиш настаните на современата македонска музичка сцена? Има ли нешто што ти останало посебно интересно... Се гледаш ли себе блиска до некои наши модерни музичари. Еве еден Јордан Костов, на пример, кој е исклучително расположен за експериментирања...
Ги следам преку интернет колку можам и ме радува дека луѓето работат и дека сцената е убава и шарена! Има продукција скоро во сите жанрови, што е многу добро. Макар во Скопје … така ми изгледа. Не знам како е низ другите градови во Македонија.
Инаку, блиски ги чувствувам сите музичари кои вредно работат и живеат за музика!
Последните години приметувам и колку многу вобудливи работи се случуваат на литерарната сцена! Супер време да се твори во Македонија, дури ми е жал што не сум таму, одблиску да ја (до)живеам енергијата! Мислам дека се објавуваат супер книги и нема да можам да се донесам дома во Хаг летово!
И, за крај, што си пожелува Александра да и се случи во периодов што следува – ново издание, концерт, нова соработка... Не прашувам за успех оти успехот е релативна работа, а никогаш не сум те замислувал дека императив ти е популарноста. Повеќе потребата постојано и упорно да ги предизвикуваш твоите творечки граници.
Посакувам пред се добро здравје, па потоа да одвојам време и да ги ставам во агенда многуте започнати проекти кои чекаат да бидат завршени. Си посакувам еден убав тим на луѓе од различни фели со кои би работела едукативни и креативни проекти со млади уметници на релација Холандија-Македонија. Си посакувам концерт и изложба во Македонија...Но пред се, да сопрат војните!!!