Достапни линкови

Ако автомобилот брмчи како трактор веројатно сте ограбени


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Во време на економска криза, кога цените на благородните метали растат, катализаторите на автомобилите стануваат примамлива мета за крадците во Македонија. Кражбата трае неколку минути, а сопственикот на возилото честопати не е свесен дека бил ограбен.

„Утрото ја запалив колата и многу чудно брмчење имаше, мислев ќе експлодира. Kако трактор, многу чудно звучеше. Ја однесов на сервис и си заминав. По саат и половина ми се јавуваат од сервисот и ми велат – Госпоѓо вие сте ограбена. Велам - како ограбена? Па, катализатор и граната ви е исечена.“

Ова и се случило на Елена Николовска, жителка на Центар која неодамна била ограбена без воопшто да забележи. Возилото таа вечер го паркирала како и секогаш, на паркингот наменет само за нејзината зграда, во делот на приземјето. Дотогаш немала ниту чуено дека некој се дрзнува среде ноќ од возилата да краде катализатори. Сервисерите ја советувале да пријави во полиција, но и посочиле и дека кај нив дошле повеќе лица со ваков проблем од реонот на Карпош и Центар, каде преку ноќ крадци им ги исекле скапите делови на возилата, без никој да ги примети.

„Истиот случај го пријавив кај станарите во зградата. Прво ме исмејуваа, а после два дена се случи истото кај комшика, пет паркинг места подолу од мене. Исто така и таа има стара кола. Сеат, бензинец“, раскажува Николовска.

Назад во сервисот пак за делот и рекле дека нов, оригинален катализатор за нејзината кола немаат, а ако го набават ќе ја чини меѓу 500 и 1000 евра. Проблемот го решиле со поставување метална цевка на местото на катализаторот за неколку стотини денари, што и овозможило да може да вози, но без да биде сигурна дали вака возилото ќе и мине следниот пат на технички преглед.

Катализаторот е уред кој ги претвора емисиите од моторот во безбедни гасови пред да бидат испуштени од возилото, со што се намалува загадувањето на воздухот. Како што појаснува Александар Георгиевски машински инженер и професор во АСУЦ „Боро Петрушевски“, она што го прави катализаторот интересен за крадците, се скапите материјали со кои е обложена неговата внатрешност, каде има многу канали со површина од три фудбалски игралишта. Се работи за метали како платина, паладиум или родиум, што ги потпомагаат хемиските реакции за контрола на издувните гасови и не се трошат во овој процес.

„Од тука доаѓаме до заклучокот зашто катализаторите се многу интересни и вредни како и за сервисите за возила така и за отпадите за старо железо“, вели професорот, појаснувајќи дека и на негов познаник пред неколку дена му украле катализатор од паркинг во Аеродром.

Според полициската статистика, во 2021 година регистрирани биле 43 кривични дела поврзани со кражби на катализатори, за тековната, 2022 година бројката повеќе од двојно да порасне на 106 кривични дела. Сепак, се претпоставува дека голем дел од граѓаните и не ги пријавуваат ваквите кражби.

Љубе Левковски, мајстор од скопски Хиподром вели дека само летово кај него дошле десетина граѓани со украден катализатор. Неговата претпоставка е дека катализаторите се крадат за да се носат во соседна Србија или Косово, каде се препродаваат. Цената на црниот пазар чини неколку стотини евра.

Вели дека се потребни само три минути за да се украде делот. Граѓаните вели дека забележуваат оти има проблем дури откога ќе го запалат возилото.

„Како ќе приметат? Кога ќе запалат и бучи колата, и ноќта им го исекле катализаторот. Ги дигаат со дигалка и за три минути го вади. Јас имам сигурно десетина (оштетени) сега летово. Во Хиподром украдоа неколку. Сега не доаѓаат сите кај мене, одат и на друго место. Од Аеродром дојдоа едни, од Ѓорче... зависи“, вели Левковски кој со години ги поправа ауспусите на скопјани.

Појаснува дека најчесто се крадат катализаторите на возилата на бензин, бидејќи таму има повеќе благородни материјали. Така на пример, цената на паладиумот, порасна неколкупати во последните пет години, при што во март годинава достигна рекордни 3000 евра за унца. Во тој период беше украден катализаторот на Николовска. Потоа следеше пад при што цената речиси и да се преполови, за последнава недела повторно да почне да расте.

Со цел да се заштеди, Левковски на своите клиенти им нуди т.н. заменски катализатори, кои имаат иста функција како украдените, но се многу поевтини од оригиналот.

„Јас им нудам нови. Тие се заменски, не е како оригиналот. Ама повеќе сакаат само цевки да им монираме и тоа е. На технички не може да пројде така, треба да има катализатор“, појаснува тој.

Последново го потврдува и Дејан Рипилоски, раководител на станица за технички преглед. Вели оти ретко се случува возило да не помине на „технички“ поради високи емисии на гасови. Ова го припишува и на тоа што во сервисите сега се врши чистење, односно карбонизација на катализаторите.

„Обично сега постојат услови во сервисите каде што вршат карбонизација на катализаторите и на ДПФ филтрите, така што обично ги исполнуваат условите за поминување“, покажало искуството на Рипилоски.

Техничкиот преглед на возилата е задолжителен при нивната регистриција, а мерењето на испусните гасови е составен дел од прегледот. Притоа кај бензинските мотори се мерат емисии на гасовите, додека кај дизел возилата се проверува бојата на чадот кој го испуштаат.

Николовска вели дека нејзиното возило, кое инаку има и вграден плински уред, сега работи добро со изваден катализатор и заварена цевка. Иако повеќемина, меѓу кои и самите полицајци и посочиле дека е многу веројатно вака да го мине тестот на технички преглед, сепак, не сака да ризикува, ниту пак да загадува повеќе од дозволеното.

„Јас се уште чекам на старо да ми најдат катализатор којшто ќе чини поевтино, ама малку потешко, ова е постара кола“, загрижена е таа.

Професорот Георгиевски пак е дециден дека катализаторите се неопходен дел на возилата, во време кога е алармантно аерозагадување на светско ниво, при што во тоа голем удел имаат моторните возила. Лани во Македонија Државниот завод за статистика пребројал 477.820 патнички автомобили.

„Според мои истражување за изработка на катализаторите треба да се користат нови технологии кои ќе вградуваат ситни мелени компоненти кои ќе предизвикаат да се намали цената на секундарните суровини добиени при рециклажата. На тој начин се добива дупла корист каде имаме помало оптоварување на природните ресурси и помала цена на секундарните ресурси кои предизвикуваат и неисплатливост при кражбата на катализаторите“, смета професорот.

Дотогаш, полицијата ќе има полни раце работа. Така неодамна осум лица од Радовиш, Велес, Штип и Виница беа приведени во полициска акција и обвинети за четири кривични дела „тешка кражба “, од кои три во обид. Цел на приведените биле катализатори од системот за издувни гасови од патнички моторни возила на подрачјето на Штип.

Овие кражби не се новина ниту во светски рамки. Според Националното осигурително криминалистичко биро во САД, извештаите за кражба на катализатори низ целата земја се зголемиле за 977% од 2018 до 2020 година. Оттаму наведуваат дека постои јасна врска меѓу кризата и растот на овие кражби. Додаваат и дека крадците ги отсекуваат катализаторите од долната страна на автомобилите, потоа ги топат благородните метали и ги продаваат.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG