Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ: Прво буџетот, па распуштање на Собранието


СДСМ поднесе итно барање за распуштање на Собранието. Иста одделна иницијатива поднесе и Демократскиот сојуз. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат денеска прво да се гласа за буџетот за 2017, па потоа за распуштање

ВМРО-ДПМНЕ се согласува денеска да се гласа за распуштање на Собранието, но пред тоа бара да се гласа за буџетот за 2017 година. Партијата во соопштението што го објави како реакција на предлогот на СДСМ итно да се гласа за распуштањето на Собранието, предлага денеска во 17.00 часот да се закаже седница на која што прва точка ќе биде донесување на Буџетот за 2017 година, со што, како што наведуваат, ќе се гарантира редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и подмирување на другите потреби на граѓаните.

„ Втора точка, која во целост ќе ја поддржиме, предлагаме да биде донесување на одлуката за распуштање на Собранието и за неа да се расправа во 19.00 часот“ соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно СДСМ и нивните коалициски партнери поднесоа итно барање за распуштање на собранието.Координаторот на пратеничката група на опозициската партија, Горан Сугаревски, рече дека секој обид за одлагање на распуштањето од страна на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, ќе било доказ плус дека власта на Никола Груевски сакала да избега од избори на 11 декември. На прашањето што ако се распушти Собранието без да ги усвои законите за Специјалното јавно обвинителство и за заштитени сведоци и без договор за изборните единици, Сугаревски рече дека е можно се да се разреши во текот на денот.

„Бидејќи бараме итна седница уште во текот на денешниот ден, за сите овие работи слободно нека дадат предлог коалиционите партнери, согласно мнозинството кое го имаат во ова Собрание, можат да стават на дневен ред уште денеска сите овие проблеми да бидат разрешени и до полноќ Собранието да биде распуштенo“ рече Сугаревски.

Покрај СДСМ предлог- одлука за распуштање достави и Демократскиот сојуз. Претседателот на партијата Павле Трајанов, вели дека со тоа би се создале уставни можности за одржување на изборите на 11 декември.

„За подготовка на сите партии за учество на изборите неопходен е период од најмалку два месеца, поради што предлагаме во текот на денот распуштање на парламентот“, рече Трајанов.

Досега двата закажани датуми за избори во април и во јуни, беа одложени поради барање на опозицијата заради неисполнетите обврски од Договорот од Пржино. Сега СДСМ инсистира на одржување на изборите , а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие се секогаш подготвени наведувајќи дека досега СДСМ барале одложувања.

Сега механизмите со кои може да се одложат изборите се само во рацете на владејачките партии и тоа може да се случи само ако има волја кај нив оценува аналитичарот Алберт Муслиу.

„Затоа се што може да се случи и да биде причина за одложување е во рацете на власта, земајќи ги предвид не само изборните единици, туку може да се случи и изненадно да се произнесе Уставниот суд за Специјалното јавно обвинителство итн“, вели Муслиу, додавајќи дека Уставниот суд досега не бил убедлив дека работи самостојно, па затоа биле и сомнежите дека е во спрега со власта.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG