Достапни линкови

Власта не сака одврзани раце за СЈО


Владејачкото мнозинство гласаше против измените на Законот за Специјално јавно обвинителство и на Законот за заштитени сведоци да се носат по скратена постапка. Обвинуваат дека СЈО е продолжена рака на СДСМ, додека опозицијата тврди дека власта се плаши од истрагите за криминал.

Собранието денеска не прифати измените на Законот за Специјално јавно обвинителство и на Законот за заштитени сведоци да се носат по скратена постапка. Пратеничката група на СДСМ во петокот достави барање до Собранието за свикување итна седница, на која на дневен ред ќе бидат измените на законите и ги повикаа сите политички партии во Парламентот да дадат поддршка за нивно донесување. Против носењето на измените во скратена постапка гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов, рече дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се плашат од СЈО и не сакаат да бидат завршени истрагите и затоа одбиваат да гласаат за измените. Според него, пратениците станале помагачи на криминалот кој го гони СЈО, а алиби е гласањето на ДУИ.

„Незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ од специјалниот јавен обвинител е бидејќи тие имаат што да сокријат. „Држете го крадецот“ е синтагма со која низа години функционира ВМРО-ДПМНЕ. Ако се чисти и стојат на зборот кој го дале, зошто не гласаа за овие предложени закони“, праша Шилегов.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски рече дека останале на ставот, а тоа е дека неговата партија нема да прифати никакво разгледување на какви било барања на Специјалното јавно обвинителство што се надвор од Договорот од Пржино.

„Тоа што овие две барања доаѓаат од СДСМ јасно говори дека практично СДСМ и СЈО се синоним. Тоа е исто и нема разлика помеѓу СДСМ и СЈО. Тоа што СЈО го работи е кампања на СДСМ и тоа што СДСМ го работи и помага на СЈО да ја тера кампањата на СДСМ во овој предизборен период“, рече тој.

Иако координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џафери, пред неколку дена јавно посочи дека неговата партија ќе ги поддржи барањата на Јанева, со отсутвото на дел од пратениците од оваа партија, отсуствуваше и ветената поддршка. Џафери по гласањето во Собранието не сакаше да одговори пред новинарите зошто не гласал на седницата и зошто нема целосна подршка од ДУИ. Во Собранието од прес центарот се огласи Рафиз Алити од ДУИ кој посочи дека тој лично гласал „за“ законските измени да се разгледуваат во скратена постапка и дека тие и натаму го поддржуваат Специјалното јавно обвинителство.

„ Ние и како пратеничка група па и другите партии кои се во Парламетот му дадовме доверба на СЈО и стоиме на тоа дека треба да ја вршат својата работа според законот“, изјави кусо Алити.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ е против донесувањето на измените, бидејќи затоа што по утврдувањето на материјалите што ги обработува СЈО ќе се бара кривична одговорност од носителите на власта.

„Очигледно е противењето на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи на ваков начин сакаат да заштитат нешто што е очигледно, а тоа е дека сторителите на кривичните дела треба да се бараат во нивните редови бидејќи тие ја практикуваа власта во последниве десет години“, вели Трпеновски.

Тој додава дека власта купува време оти е ограничена работата на СЈО на 18 месеци и да не може поефикасно да работи, а за сведоците да не може целосно да се заштити нивниот идентитет, бидејќи широк е кругот на институциите и лицата кои ќе знаат кое лице се предлага за сведок.

Аналитичарот Џељаљ Незири, смета дека уште од почетокот власта има стратегија да го изолира СЈО, а неговата работа да заврши без резултат.

„ВМРО ДПМНЕ и ДУИ не сакаат СЈО да успее во својата работа. Таквиот однос е поради можната негативна реакција што би можела да се предизвика од евентуалните резултати од работата на СЈО, а кои би биле на штета на нивниот рејтинг. Тоа значи дека истрагата за корупцијата и криминалот кои се содржани во опозициските бомби може да им нанесат директна штета на двете партии“, вели Незири.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во неколку наврати побара усвојување на измените. Ленче Ристовска од СЈО претходно изјави дека ќе го користат сите можности кои веќе ги имаат и дека нивната работа нема да заврши ако Собранието не ги донесе измените на законите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG