Достапни линкови

На СЈО му се брза, ВМРО-ДПМНЕ купува време


Измените на законите што ги бара СЈО денеска не поминаа во собрание. Аналитичарите сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржува за да ја оневозможи работата на обвинителството, додека на СЈО му се брза за да може да ги доистражи случаите.

ВМРО-ДПМНЕ се обидува да купи време и да ја оневозможи ефикасната истрага на Специјалното јавно обвинителство и затоа на денешната собраниска седница не ги поддржа предлозите за измени на законите со кои би се продолжил рокот за поведување истрага и измените за заштитени сведоци, коментираат аналитичарите.

Извесно беше дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи барањата, а тоа веќе го најави лидерот на партијата Никола Груевски, кој рече дека обезбедиле сè што беше потребно и дека не сметале дека има потреба од проширување, надградување на договорено или пак нов договор.

Но, според упатените од досегашната работа на обвинителството се покажало дека тоа што е обезбедено не е доволно и дека се остава широк простор за опструкции, кој, како што велат, го користела владејачката гарнитура.

Јасно е зошто е ВМРО-ДПМНЕ против, затоа што по утврдувањето на материјалите што ги обработува СЈО ќе се бара кривична одговорност од носителите на власта, коментира поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски.

„Очигледно е противењето на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи на ваков начин сакаат да заштитат нешто што е очигледно, а тоа е дека сторителите на кривичните дела треба да се бараат во нивните редови бидејќи тие ја практикуваа власта во последниве десет години“, вели Трпеновски.

Аналитичарот Џељаљ Незири, пак, вели дека уште од почетокот владејачката гарнитура има стратегија да го изолира Специјалното јавно обвинителство, а неговата работа да заврши без резултат.

„Таквиот однос е поради можната негативна реакција што би можела да се предизвика од евентуалните резултати од работата на СЈО, а кои би биле на штета на нивниот рејтинг. Тоа значи дека истрагата за корупцијата и криминалот кои се содржани во опозициските бомби може да им нанесат директна штета на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, вели Незири.

Според Трпеновски, СЈО, од друга страна, ги бара овие измени затоа што со постојниот закон тоа е ограничено до кога треба да постапува и да поведе обвиненија, а со продолжување на рокот од 18 месеци за отворање постапка ќе добие можност докрај да ги истражи предметите што ќе се формираат од прислушуваните материјали. Во однос, пак, на заштитените сведоци, според постојниот закон, широк е кругот на институциите и лицата кои ќе знаат кое лице се предлага за сведок, додава тој.

„Сега постои страв кај СЈО да побараат одредено лице да биде заштитен сведок затоа што откривањето на лицето може да предизвика некакви реперкусии“, вели Трпеновски.

Односот на ВМРО-ДПМНЕ кон Специјалното јавно обвинителство се виде и минатата недела кога на собраниската расправа за шестмесечниот извештај на обвинителството, пратениците од владејачката партија постојано ја напаѓаа директно поврзувајќи ја со СДСМ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG