Корупцијата е канцер за секое општество, а справувањето со оваа болест треба да биде еден од клучните приоритети на земјата. За ова, пак, е потребна поголема политичка волја и конкретна стратегија на политичките сили, се согласија учесниците на Меѓународната конференција за справување со корупцијата и заробената држава во Југоисточна Европа. Последните истражувања на Центарот за изучување на демократијата и Лидерство за развој и интегритет на Југоисточна Европа покажуваат дека корупцијата во Македонија се зголемила за 5 проценти во периодот од 2104 до 2016 година и дека граѓаните сè помалку веруваат во мерките за справување со корупцијата, бидејќи ги сметаат за вештачки.
„Она што не го гледаме тука е политичка активност за намалување на корупцијата. Ако погледнете во работата што македонското граѓанско општество ја направило досега, ќе видите многу напори да ги натераат институциите да бидат отворени и транспарентни кон јавноста, но сето тоа треба да се подигне на политичко ниво. Има многу малку политичка активност во борбата против корупцијата“, вели Руслан Стефанов, претставник на СЕЛДИ.
Стефанов нагласува дека не постои еден модел или механизам во борбата против корупцијата, но постојат две институции кои се најважни за справување со корупцијата, а тоа се судството за кое граѓаните мислат дека е најкорумпирано и медиумите, слободни, независни истражувачки медиуми.
Шефот за соработка во делегацијата на ЕУ Никола Бертолини нагласи дека корупцијата треба да се нападне во три клучни области, превенцијата на корупцијата, контролата и спроведувањето на законодавството. Дека борбата против корупцијата мора да биде постојана и поддржана и од граѓаните, но и од политичките лидери зборуваше и заменикот на помошникот на државниот секретар за Европа и Евроазија на Стејт департментот, Александар Арвизу.
„САД и Меѓународната заедница ја поддржуваат одлуката на четирите политички партии да формираат СЈО да ги разгледа наводите за злоупотреби. Способноста на СЈО да ги истражи независно и процесуира случаите на корупција се чекор напред за Македонија и осигурување на граѓаните тука дека владата треба да даде отчет за својата работа. Ги поддржуваме сите политички партии да ја поддржат работата на СЈО“, изјави Арвизу.
И известувачот за Македонија Иво Вајгл смета дека секоја земја која сака да биде дел од ЕУ треба да се бори против корупцијата. Но покрај овој услов за Македонија ќе бидат важни изборите на 11 декември и исполнувањето на Пржинскиот договор, како и натамошната соработка на политичките партии по изборите.
„Многу поважно е да видиме политичка волја од сите политички лидери во Македонија да се соочат со корупцијата. Некои од нив треба да се справат со корупцијата во сопствениот двор“, изјави Вајгл.
На конференцијата се обрати и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Таа додаде дека ефективната примена на механизми за заштита од злоупотреби ја определува и ефективноста на општеството кое се справува со корупцијата, како најсериозна закана за државата. Вклученоста на граѓанскиот сектор и неговата улога во борбата против корупцијата е од голема важност во обезбедување транспарентност и отчетност на институциите.
„Последиците од коруптивното однесување ги плаќаат граѓаните кои не поседуваат механизми за контрола на Владата и институциите, но ние имаме обврска да обезбедиме адекватен институционален одговор на корупцијата“, изјави Јанева.
Таа меѓудругото истакна дека притисоците нема да ја обесхрабрат да ја исполни својата мисија во успешното справување со корупцијата.