Вести
Наставници против Концепцијата за реформи во гимназиско образование, Јаневска вели дека е само нацрт
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска (27 јануари) во изјава за медиумите рече дека не е точно оти предметите филофозија и логика се исклучени од концептот за реформа во гимназиското образование, откако група гимназиските професори по овие предмети преку отворено писмо радикално и категорично ja отфрлија понудената Концепција .
„Не е точно, ниту филозофија, ниту логика се исклучени. Но, како и да е, ова е драфт верзија поставена на јавна расправа. Сега прибираме сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа ќе донесеме дефинитивен заклучок. Пред два дена бев на Филозофски факултет, имав средба со професорите од Филозофскиот факултет, разговаравме многу конструктивно. Очекувам и нивна поддршка, затоа што ги сослушавме и ќе постапуваме по заеднички препораки, но првенствено во корист на учениците“, изјави Јаневска.
Во отвореното писмо, наставниците порачаа дека „мноштвени се негативните импликации во однос на учениците, професорите, гимназискиот образовен процес и државата во целост. Оваа концепција, во која се отстранети философијата и општествено-хуманистичките науки нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење“.
Инаку, Филозофијата сега е задолжителен предмет кај гимназијалците во четврта година, а со предложената Концепција, предложено е да биде изборен предмет во трета и четврта.
Предметите Етика и Логика не се посочени како одделни предмети во документот за Нацрт-Концепцијата кој е достапен на веб страницата на Бирото за развој на образованието.
Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието ги повикаа сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија на документот. Целта, како што посочија, е да обезбеди современ, инклузивен и конкурентен образовен систем, а коментари може да се испраќаат на веб страницата на Бирото за образование најдоцна до 31 јануари.
Вучиќ најави итна реконструкција на српската Влада
Српскиот претседател Александар Вучиќ во јавно обраќање изјави дека испраќа барање до Владата на Србија за „најитна и најмасовна можна реконструкција“.
„Затоа што во овие тешки политички времиња стана јасно кој е подготвен да работи и да се бори, кој не е, и соодветно, очекувам повеќе од 50 проценти од министрите да бидат сменети во многу, многу итна реконструкција“, рече Вучиќ денеска (27 јануари).
Тој изјави дека во изминатите три месеци по несреќата на Железничката станица во Нови Сад во која загинаа 15 лица, создадена е „атмосфера која никому не му одговара“.
„Во тие три месеци слушнавме разни обвинувања кон државните органи, повици за уривање на државата, слушнавме многу неодговорни изјави, не само од опозицијата, туку и од нас, од редовите на власт“, додаде тој.
Вучиќ рече дека разговарал со владини претставници и оти тие „заклучиле дека им е важно да ја слушнат другата страна“ (студентите кои протестираат) и дека сакаат дијалог и разговор.
„Сите барања на студентите се исполнети“
Вучиќ рече дека во тек е натамошно објавување на документацијата за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад, со што, како што рече, се исполнети сите барања на студентите кои протестираат.
„Денеска веќе објавивме и во тек е понатамошно објавување на 925 документи“, рече Вучиќ во обраќањето до јавноста за време на кое на табли прикажуваше групи документи.
„Дадовме сè. Нема повеќе документација што има врска со реконструкцијата на Железничката станица“, рече Вучиќ.
Зборувајќи за барањето на студентите за гонење на одговорните за нападите врз нив, Вучиќ рече дека против 37 лица е покрената кривична постапка.
„Оваа постапка опфаќа сè што беше јавно познато и за кое беа поднесени кривични пријави“, рече Вучиќ.
Во врска со учеството на владини претставници во нападите, Вучиќ рече дека „во Нов Белград има само еден спорен случај“ и оти „верува дека тоа е веќе решено“.
„Подготвен сум да потпишам барања за помилување“
Во однос на студентското барање за отфрлање на кривичната пријава против уапсените учесници на протестот, Вучиќ рече дека постои основано сомнение дека некои од нив сториле кривични дела, но дека „ќе биде подготвен да потпише решение за помилување од кривично гонење доколку нема друго решение“.
„Прашањето е дали сето ова што го постигнавме ќе биде доволно за некој да каже 'условите се исполнети'? Не сум сигурен, но се надевам дека ќе биде. Но, сигурен сум дека ова мора да иницира дијалог во општеството и дека некој од ректорите и од деканите и сите останати мора да почнат да разговараат, а дека отворањето дијалог може да значи почеток на заздравувањето на нашето општество“, рече Вучиќ.
Претседателот Вучиќ, премиерот Милош Вучевиќ и претседателката на парламентот Ана Брнабиќ ѝ се обраќаат на јавноста на денот кога студентите кои протестираа организираа 24-часовна блокада на една од главните сообраќајни раскрсници во Белград.
Вулин му честита на Лукашенко за победата на изборите кои ЕУ ги нарекува фарса
Српскиот вицепремиер Александар Вулин му честиташе на белорускиот претседател Александар Лукашенко за победата на изборите на 26 јануари, кои лидерите на Европската унија ги нарекоа „фарса“.
„Им честитам на граѓаните на Белорусија за успешните и демократски избори и му честитам на претседателот Лукашенко за неговата победа. Нема поголема чест од тоа да му служиш на својот народ, ниту поголема храброст од водење самостојна и независна политика. Му честитам на пријателот на Србија, претседателот на Белорусија, за неговата победа“, порача Вулин.
Прорускиот потпретседател на Владата на Србија, Вулин, упати честитки до белорускиот амбасадор во Србија, Сергеј Малиновски, државниот секретар на Советот за безбедност на Белорусија, Александар Волфович, министерот за одбрана, Виктор Хренин и директорот на КГБ, Иван Тертел.
Авторитарниот лидер на Белорусија, Александар Лукашенко, го обезбеди својот седми мандат.
Централната изборна комисија на земјата објави дека, според прелиминарните резултати, Лукашенко освоил 86,8 отсто од гласовите на изборите. Неговиот најблизок ривал Сергеј Сиранков освои 3,2 отсто.
Лукашенко, руски сојузник кој е на власт три децении, им изјави на новинарите по гласањето дека Белорусија има „тврда демократија“.
Сепак, опозицијата, организациите за човекови права и Западот не се согласуваат со неговите наводи.
Невладината организација Фридом Хаус со седиште во Вашингтон во својот последен извештај ја опиша Белорусија како „авторитарна држава во која изборите отворено се фалсификуваат и граѓанските слободи се строго ограничени“.
Белорусија е под санкции на Европската унија (ЕУ) поради нејзината улога во руската инвазија на Украина.
Лукашенко е еден од ретките сојузници на рускиот претседател Владимир Путин во светот.
Србија селективно се приклучи на санкциите против Белорусија, додека одбива да ги воведе кон Русија.
Тензиите растат, САД и Талибанците разменуваат закани
Тензиите меѓу Вашингтон и талибанските лидери во Авганистан се зголемуваат недела дена откако претседателот Доналд Трамп се врати во Белата куќа, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Државниот секретар Марко Рубио на 25 јануари се закани дека ќе понуди награда за талибанските лидери доколку САД утврдат дека групата затворила американски граѓани.
„Само што слушнав дека талибанците држат повеќе американски заложници отколку што беше објавено. Ако ова е вистина, ќе треба веднаш да им дадеме МНОГУ ГОЛЕМА награда за нивните главни лидери, можеби дури и поголема од онаа што ја имавме за (лидерот на Ал Каеда), Осама Бин Ладен“, напиша Рубио на платформата X.
Сираџудин Хакани, вршител на должноста министер за внатрешни работи на Талибанците, моментално е единствениот висок член на групата на листата на најбарани на ФБИ. Сепак, десетици талибански претставници се санкционирани од Обединетите нации.
Рубио ја даде оваа изјава неколку дена откако талибанците ослободија двајца Американци во замена за еден талибански припадник кој отслужуваше доживотна затворска казна во САД под обвинение за дрога и тероризам.
Првиот официјален одговор на Талибанците на изјавата на Рубио дојде денеска (27 јануари), кога Сухаил Шахин, амбасадор на групата во Катар, изјави дека политиката на талибанците е да ги решаваат проблемите по мирен пат преку дијалог.
Сепак, тој во изјава за Радио Азади на РСЕ предупреди: „соочени со притисок и агресија, џихадот (борбата) на авганистанската нација во последните децении е лекција од која секој треба да учи“.
Талибанците се бореа против трупите на САД и НАТО речиси 20 години, додека не ја презедоа власта во 2021 година по хаотичното и крваво повлекување на странските сили.
Во извештајот на американското Министерство за одбрана од 2022 година се наведува дека воена опрема вредна околу 7 милијарди долари била оставена во Авганистан за време на повлекувањето, која потоа била запленета од Талибанците.
Пред инаугурација на 20 јануари, американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека доколку Талибанците не ја вратат американската воена опрема, тој ќе ја прекине идната финансиска помош за Авганистан.
Талибанците јавно не му одговорија на Трамп, но извор за Радио Азади рече дека групата „нема да врати ниту еден куршум во САД“.
Од повлекувањето на странските сили, Соединетите Држави насочија околу 3 милијарди долари преку Обединетите нации и невладините организации за помош на хуманитарните програми во Авганистан.
Филипче и Мизрахи во судир за случајот Онкологија
Венко Филипче како поранешен министер за здравство, директно или индиректно во неговото неработење дозволи системски башибозук и непочитување на шеесетина законски одредби. Тоа се шеесетина дејствија спротивни на законите. Тоа се шеесетина дејствија со директно влијание по животите на пациентите на Онкологија.
Ова го изјави пратеничката Рашела Мизрахи од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на денешната (27 јануари) прес-конференција, како реакција на прес-конференцијата на лидерот опозициската СДСМ, каде таа беше прозвана.
Поранешниот министер за здравство, Филипче, соопшти дека до Обвинителството доставил шестмесечни квартални извештаи за работата на Клиниката за онкологија, како и од експертските работни групи од времето кога тој бил министер за здравство.
Освен од пратеничката Рашела Мизрахи која ја водеше Комисијата за онкологија, одговори за тоа зошто се криеле овие извештаи, побара и од ВМРО-ДПМНЕ, како и од поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити.
„Дали е точно дека на барање на истражните органи, кои водат постапка за овој случај, овие извештаи не им биле доставени? Ги прашувам директно дали намерно се криеле извештаите за да ме вовлечат и да ме обвинат во скандалот?“, рече Филипче.
Според него, вистината за Онкологија која треба да ја знае јавноста е директно поврзана со Анкетната комисија која ја водеше Рашела Мизрахи, нарекувајќи ги лажни тврдењата дека не постојат извештаи за работењето.
„Мизрахи, од тогаш до денес, тврди дека јас имам одговорност во тој случај. Да ја потсетам јавноста, обвинувањето беше дека како тогашен министер за здравство, сум требал да водам сметка за тоа што биле обврски на Министерството за здравство кон Клиниката за онколoгија и обратно, а се однесува на редовните шестмесечни извештаи за работата на Клиниката и стручните комисии. Сите извештаи добро и уредно пополнети и заверени беа доставени“, рече Филипче.
Мизрахи, додаде тој, тврди дека такви извештаи немало од Клиниката кон Министерството, дека немало стручна контрола од стручните комисии и сите овие изминати месеци.
„Има ли нешто позлобно од тоа да се прикрива вистината во еден таков грозоморен случај за политички поени, па згора на се, да се кријат докази од истражните органи“, рече Филипче.
Според Филипче, против него се води политичка хајка. Очекува, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ и Мизрахи итно да излезат и да и се извинат на целата македонска јавност што ја донесоа јавноста во заблуда и го оцрниле неговото име, но исто така очекува обвинителството да се изјасни за овој дел од скандалот.
Мизрахи, пак, му порача дека Стручните комисии ги формира министерот и немаат никаква врска со шестмесечните извештаи.
„Заглавен до гуша во скандалот Онкологија неговиот прес е безмалку бесрамен. Господине Филипче, се чини дека во паниката во која се наоѓате го заборавивте и се надевам дека го заборавивте, а не дека не го познавате Законот за здравствена заштита, па оттаму и вашата прес-конференција на која ме прозивате е во тотален хаос“, возврати пратеничката.
Таа му посочи на Филипче дека согласно членот 295 надзор врз здравствените институции врши министерот и оттука следи неговата директна одговорност.
„Да ве потсетам исто така господине Филипче дека за време на анкетната комисија вие некако на ништо не се сеќававте, затоа сакам директно да ве прашам: Дали единствената цел на вашата прес-конференција беше само срамно да се брани профитот на веледрогериите кои ги уценуваат здравствените институции со години. Тоа се истите оние веледрогерии кои преку уцените до здравствените институции ги крадат и во џеб на поединци ги ставаат парите на сите граѓани“, рече Мизрахи на прес конференцијата.
На почетокот на септември 2023 година, Обвинителство отвори предистражна постапка. Беа извршени претреси на Клиниката и во два приватни стана од каде беа одземени компјутери и документации.
Тоа уследи по новинарските истражувања во кои беше посочено дека на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, а терапијата завршувала на црниот пазар.
Информациите предизвикаа остри реакции во јавноста, како и протести пред Владата и Јавното обвинителство со барања случајот веднаш да биде расчистен.
Мониторинг на изборите: Земале државни пари за рекламирање, а не се медиуми
На последните Парламентарни избори во Северна Македонија одржани во мај 2024, се основале голем број организации кои немале никаква врска со медиумите, а искористиле државни пари.
„Ќе отворат портал на интернет, ќе земат пари од државата и потоа нема никакво учество во политичкиот систем“, вели Сем Пауер, експерт за финансирање на избори.
Тој на денешниот (27 јануари) брифинг поврзан со проектот „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“, на Метаморфозис Фондација и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), сподели наоди од мониторингот на последните Парламентарни избори.
„Голема е веројатноста оти се основаа голем број организации за да ги искористат државните средства, иако немаа никаква историја поврзана со медиуми и веројатно само го користеа системот во Македонија за да земат пари од државата и потоа истите да ги злоупотребат“, вели Пауер.
Тој истакна дека подготвен е извештај со препораки кои имаат за цел да ги затегнат правилата за распределувањето на јавните финансии за време на изборни кампањи, а потенцира и дека утврдиле говор на омраза и неопходни се измени на Изборниот закон за ова да се спречи.
Мониторингот покажал дека политичките партии ги користат јавните субвенции наменети за рекламирање во кампања за да ги прераспределат на медиуми со позитивна уредувачка политика за нивните кампањи, првенствено според обемот на покриеност и тонот на известување.
„Информативните интернет портали (ИИП) со критичка уредувачка политика кон одредени партии или коалиции, беа видливо отсутни од партиските листи за ИИП кои објавуваат политичко рекламирање. Изборот на медиуми за рекламните банери во голема мера беше предодреден од политичкото расудување, отколку од логиката за политички маркетинг за да се зголеми онлајн видливоста на учесниците во изборите и да се допре до поголем број на потенцијални гласачи“, се посочува во мониторингот.
Посочено е и дека очигледно е оти помеѓу ИИП кои имале рекламен простор нарачан само од една од двете партии, најбројни се оние ИИП во кои ВМРО-ДПМНЕ нарачале рекламни банери.
Слична била состојбата и во однос на споредбата меѓу двете водечки коалиции во албанскиот политички блок – ДУИ и ВЛЕН/ВРЕДИ, каде што при мониторингот, велат, забележале дека се очигледни истите практики да се купи рекламен простор на ИИП првенствено или исклучиво од едната или другата коалиција.
Според наодите од мониторинг кај онлајн медиумите, 150 од онлајн порталите или околу 60 проценти имале платено политичко рекламирање. За онлајн рекламирање за време на парламентарните избори, бројките покажуваат дека се потрошени 811 илјади евра јавни пари.
Со измената на Законот за финансирање на политичките партии во 2018 година, партиите си предвидоа наместо дотогашните 1.8 милиони евра од државниот буџет да добиваат 4.5 милиони евра.
До 2016 година, партиите сами си го плаќаа рекламирањето за избори во медиумите. Во 2018 година, на лидерска средба на која присуствуваа Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами договорија измени на Изборниот законик со кои државата ќе плаќа за рекламирањето на партиите за време на избори. За овие измени на Изборниот законик гласаа 101 пратеник.
Според последното истражување на Меѓународниот републикански институт ИРИ, за десет години од 2011 до 2021 година, од државниот Буџет се исплатени вкупно 26,5 милиони евра кон политичките партии во Северна Македонија.
ЕУ ги обнови санкциите за Русија
Европската унија (ЕУ) денеска (27 јануари) се согласи да ги продолжи своите санкции против Русија поради војната во Украина, откако Унгарија се согласи на потегот по неколкунеделниот застој, пренесува агенцијата АФП.
„Министрите за надворешни работи на ЕУ штотуку се согласија повторно да ги продолжат санкциите кон Русија. Ова ќе продолжи да ја лишува Москва од приходите за финансирање на нејзината војна“, напиша шефицата за надворешни работи на блокот, Каја Калас, на платформата X.
Инаку, 27-те членки на ЕУ треба едногласно да се согласат за продолжување на санкциите на секои шест месеци, а следниот рок се наближуваше на 31 јануари.
Унгарија, една од најпријателските земји за Русија во ЕУ, ги налути другите земји-членки со одбивањето да даде зелено светло за последното продолжување.
Будимпешта најпрво рече дека сака да почека дo инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, за да се изјасни.
Откако тоа помина, премиерот Виктор Орбан потоа инсистираше Брисел да ја притисне Украина повторно да го отвори гасоводот што води кон Централна Европа.
Европската комисија објави изјава во која се вели дека е подготвена да ги вклучи Унгарија и Словачка во разговорите со Киев за испораките на гас во Европа.
Челниците на ЕУ додадоа дека „ќе и се пријде на Украина за да се побараат гаранции во врска со одржувањето на трансферите на нафтоводи во ЕУ“.
„Унгарија ги доби гаранциите што ги побара за енергетската безбедност на нашата земја“, рече унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, во онлајн објава.
Украина дозволи договорот за транзит на гас со Русија да истече на Нова година, бидејќи се обидува на Москва да и ги скрати приходите кои ги користи за финансирање на војната што Кремљ ја започна во февруари 2022 година.
Орбан постојано ги одложуваше претходните одлуки за санкциите на ЕУ кон Русија поради инвазијата на Украина, пред на крајот да ги одобри.
Официјални лица предупредија дека ако Унгарија дозволи санкциите да се отстранат, ова ќе предизвика западните поддржувачи на Киев да ја изгубат главната моќ над Москва пред потенцијалните мировни преговори.
ЕУ го одобри договорот за соработка на Фронтекс со Босна и Херцеговина
Советот на Европската унија усвои одлука со која и се овозможува на Европската унија (ЕУ) да потпише договор со Босна и Херцеговина (БиХ) за оперативни активности што ги спроведува Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс.
Договорот ќе им овозможи на ЕУ и БиХ да организираат заеднички операции во кои ќе бидат вклучени граничарите на Фронтекс и граничарите од БиХ.
Ова исто така значи дека тимовите за управување со границите на Фронтекс можат да бидат распоредени во БиХ, што ќе и овозможи на Фронтекс да и помогне на БиХ во управувањето со миграциските текови, борбата против илегалната имиграција и прекуграничниот криминал.
Со цел да ги извршува своите задачи, Фронтекс може да спроведе активности поврзани со управувањето со границите на ЕУ на територијата на трета земја – во зависност од согласноста на таа земја.
Од усвојувањето на новата регулатива на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража во 2019 година, персоналот на Фронтекс може да врши извршни овластувања во трета земја, како што се гранични проверки и регистрација на лица.
Во 2022 година, Советот одобри отворање на преговори со четири партнери од Западен Балкан за соработка со Фронтекс. Оттогаш, ЕУ потпиша договори за соработка во управувањето со границите со Србија, Северна Македонија и Црна Гора.
Во 2022 година, Советот одобри отворање на преговори со четири партнери од Западен Балкан за соработка со Фронтекс. Оттогаш, ЕУ потпиша договори за соработка во управувањето со границите со Србија, Северна Македонија и Црна Гора.
Откако Европскиот парламент ќе даде согласност за договорот, Советот конечно може да го склучи.
Босна и Херцеговина и Европската унија (ЕУ) на 18 декември минатата година го парафираа договорот во Сараево со кој ќе се овозможи распоредување на полицајци од Фронтекс на територијата на БиХ за подобра миграција, поради подобро управување со миграциите.
По парафирањето, договорот ќе биде потпишан кон крајот на февруари или почетокот на март, кога се очекува во Сараево да пристигне еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер.
Босна и Херцеговина е единствената земја во регионот која нема оперативен договор со Фронтекс, што е еден од условите за отворање на пристапните преговори со ЕУ.
Персоналот распореден од Фронтекс ќе биде под команда на нивните колеги од БиХ - не само државната гранична полиција, туку и два ентитетски и десет кантонални полициски сили. За разлика од БиХ, во земјите од регионот само граничната полиција може директно да соработува со Фронтекс.
Ова беше спорна точка за време на повеќегодишните преговори, бидејќи политичките претставници на Република Српска бараа службениците на Фронтекс да бидат под команда на полицијата на тој ентитет „во согласност со нивната надлежност“.
Претставниците на партиите со седиште во Сараево побараа офицерите на Фронтекс да бидат под команда само на граничната полиција на БиХ, од што на крајот се откажаа.
БиХ и Фронтекс на крајот на 2018 година парафираа договор со кој беше исклучена соработката со ентитетските и кантоналните полициски сили, но тој не стапи во сила поради ветото на Милорад Додик, тогашен член на Претседателството на БиХ, коешто има уставна надлежност за меѓународни договори.
Во моментов, околу 1.800 граничари на БиХ се одговорни за чување на повеќе од 1.500 километри од границата со Хрватска, Србија и Црна Гора, што значи дека еден граничар чува околу километар и половина од границата.
Лидери на ЕУ: Невиден пораст на антисемитизмот во Европа
Лидерите на ЕУ денеска (27 јануари), по повод Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, укажаа на „невиден пораст на антисемитизмот“ на европскиот континент, кој не е забележан од Втората светска војна и порачаа дека се решени да се борат против антисемитизмот и за заштита на еврејскиот начин на живот во Европа.
„Никогаш повеќе е сега“, нагласија лидерите на ЕУ во изјава објавена на веб-страницата на Европскиот совет.
Во исто време, тие остро го осудија „загрижувачкиот пораст на насилни антисемитски инциденти“, негирањето и искривувањето на вистината за холокаустот, како и теориите на заговор и предрасудите против Евреите.
„Денес сме сведоци на невиден пораст на антисемитизмот на нашиот континент, кој не е забележан од Втората светска војна“, порачаа членовите на Европскиот совет.
Потсетувајќи дека на Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот се одбележува 80-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау, тие порачаа дека се сеќаваат на „невидените ужаси на Холокаустот“, за време на кој беа убиени шест милиони Евреи и милиони други народи, од кои 1,1 милион само во Аушвиц.
„Повеќе од кога било досега, од клучно значење е да ја исполниме нашата одговорност да им одадеме почит на жртвите на холокаустот. Ние сме решени да се бориме против антисемитизмот и да го заштитиме и негуваме еврејскиот начин на живот во Европа. Ги осудуваме сите форми на дискриминација, нетолеранција, расизам и ксенофобија и ќе преземе решителна акција за да одговориме на овие закани за демократските општества“, рекоа лидерите на ЕУ.
Тие истакнаа дека почитувањето на човечкото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права, вклучително и слободата на изразување и вера или уверување, како и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата, мора и ќе ги водат активностите на ЕУ во секој момент, во согласност со вредностите на кои се заснова ЕУ и кои се заеднички за сите.
Руски напади со беспилотни летала ширум Украина
Повеќе региони во Украина беа цел на руски борбени беспилотни летала во текот на ноќта, објавија украинските власти во понеделник (27 јануари).
„Серија експлозии можеа да се слушнат над Закарпатија“, објави на Телеграм Свитлана Онишчук, гувернерка на регионот Ивано-Франковск во југозападна Украина.
Регионот се наоѓа на околу 850 километри од најблиските руски позиции на полуостровот Крим.
„Целта беше инфраструктурата. Пријавени се пожари, но нема повредени“, рече Онишчук, без да наведе детали.
Гувернерот на Днепропетровск, Серхиј Лисак, пријави штета на три високи згради во индустрискиот град Днипро, кој се наоѓа на југоистокот на земјата.
И украинските воздухопловни сили пријавија штета во регионот на Киев и во Суми на северо-исток.
Воздухопловните сили објавија дека собориле 54 од повеќе од 100 дронови лансирани од Русија. Уште 39 беспилотни летала не носеле експлозиви и биле лансирани како мамки.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана објави дека пресретнале 32 украински беспилотни летала над руска територија, а 15 од нив се регистрирани над јужниот регион Воронеж кој се граничи со источна Украина. Двете страни користеле беспилотни летала и проектили за напад на клучна инфраструктура, вклучително и електрани, од почетокот на руската целосна инвазија пред речиси три години.
Тврдењата од двете страните не можеа веднаш да се проверат.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете