Вести
Поранешен британски војник виновен за шпионирање за Иран
Поранешен британски војник, чие бегство од затвор предизвика масовна потера во 2023 година, е прогласен за виновен за предавање чувствителни информации на иранската разузнавачка служба.
Обвинителите рекоа дека Даниел Абед Калифе (23) играл „цинична игра“ тврдејќи дека сака да биде двоен агент за Велика Британија, откако доставил голема количина ограничени и доверливи материјали во Иран, вклучувајќи ги и имињата на офицерите на специјалните сили.
Пресудата беше донесена во лондонскиот Крунски суд Вулвич на 28 ноември.
На почетокот на судењето, обвинителот Марк Хејвуд им кажа на поротниците дека Калифе собирал чувствителни информации помеѓу мај 2019 и јануари 2022 година.
На Калифе му се судеше за собирање информации кои би можеле да бидат корисни за непријателот, имено Иран и за добивање информации кои најверојатно ќе бидат корисни за тероризмот.
Калифе, кој беше избркан од војската откако беше обвинет, подоцна беше обвинет и за поставување лажни бомби во неговата воена касарна. Но, судот го ослободи од обвинението дека извршил измама со бомба.
Калифе излегол од затвор во Лондон во септември 2023 година додека го чекал судењето и поминал три дена во бегство.
Николоски: Бугарија да собере храброст да се одржи третиот состанок за пругата
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски ја повика бугарската страна „да се охрабри да се одржи третата средба што беше планирана за неделава за изградбата на третата фаза од пругата кон Бугарија.
Одговарајќи на прашање од пратеникот од СДСМ Митко Трајчуловски дали свесно и намерно се одолговлекува изградбата на железничкиот дел од Коридорот 8 и за давање приоритет на Коридорот 10, Николоски рече дека прво е потребна рехабилитација и реконструкција на пругата на Коридор 10.
„Тоа, според мене би бил крвотокот на Македонија, но исто така и користење на стратешката позиција. Додека тоа го правиме се работи и на Коридорот 8 кадешто има три дела“, рече Николоски.
Првиот дел од пругата Куманово-Белјаковце во должина од 31 километар најави дека ќе биде завршен до крајот на годината. За вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, посочи дека активностите се одвиваат споро и повика да постапува Обвинителството.
„Причина е изведувачот, изградени се 27,3 проценти, а рокот е октомври 2026. Го повикувам Обвинителството да истражи како е избрана компанијата Ѓулермак, дали е манипулирано со должината на шини и со начинот на монтирање и на тој начин е отфрлена конкуренцијата. За ова имам доставено и пријави до ЈО како и ревизроски извештаи, но досега не е направено ништо“, рече министерот за транспорт.
Во однос на третата фаза, соопшти дека бугарската страна побарала планираната средба за неделава да се одложи за наредната недела.
„Очекувам да соберат храброст да се одржи и третиот состанок кој беше договорен, еден имаше во Брисел, еден во Софија. Неделава требаше да е во Скопје, сега замолуваат за следната, па за следната. Нека соберат храброст нека дојдат да ја затвориме оваа тема и еднаш засекогаш ова прашање да се затвори, затоа што нашите аргумети се јасни и тие стојат - мора да се направи ревизија на цената, бидејќи е невозможно 560 милиони евра да чини изградба на пруга со електрификација, мора да има заедничко проектирање на потенцијалниот тунел што треба да ги спојува двете држави и да си го завршат нивниот дел од работата, односно да се спојат до граница“, рече Николоски.
Министерот Николоски признава дека состојбата со Железница е повеќе од катастрофална, а следен горлив проблем, како што рече, е реструктуирањето на МЖ Инфраструктура и на МЖ Транспорт.
Иран ќе одржи нуклеарни преговори со три европски сили
Иран треба да се сретне со Велика Британија, Франција и Германија на разговори на 29 ноември за неговата нуклеарна програма, откако трите влади им се приклучија на Соединетите Држави во осудата кон Техеран од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Минатата недела, 35-члениот одбор на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН усвои резолуција со која се осудува Иран за неговиот недостиг на соработка за нуклеарните прашања.
Прекорот од ММАЕ минатата недела предизвика пркосен одговор од Техеран, но неговите функционери оттогаш сигнализираа подготвеност да се ангажираат со другите пред враќањето на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, чија последна администрација водеше политика на „максимален притисок“ против исламската република.
Иранскиот дипломат Маџид Тахт-Раванчи, кој е политички заменик на министерот за надворешни работи Абас Аракчи, треба да го претставува Иран во разговорите.
Тој претходно ќе се сретне со Енрике Мора, заменик-генерален секретар на одделот за надворешни работи на Европската Унија, според државната новинска агенција ИРНА.
Одборот на МААЕ на 21 ноември издаде втора резолуција со која се осудува соработката на Техеран со агенцијата по слично предупредување во јуни.
Резолуцијата на МААЕ, поднесена од Франција, Германија и Велика Британија и поддржана од Соединетите Држави, доаѓа во критичен момент кога новоизбраниот претседател Доналд Трамп се подготвува да се врати во Белата куќа во јануари.
Трамп за време на неговиот прв мандат започна кампања за „максимален притисок“ за засилени санкции врз Иран и еднострано ги повлече Соединетите Држави во 2018 година од историскиот договор од 2015 година со кој беа укнати некои санкции кон Иран во замена за ограничување на неговата нуклеарна програма, за која Западот се сомнева дека е насочена кон развивање на нуклеарно оружје. Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е мирна.
Договорен прекин на огнот по насилствата во Пакистан
Постигнат е нов договор за примирје меѓу сунитските и шиитските заедници во северозападниот пакистански регион Курам, каде што повеќе од 100 луѓе загинаа, а десетици други беа повредени во нов напад на секташко насилство, соопштија локалните власти.
Доцна на 27 ноември, властите соопштија дека за да се обезбеди прекин на огнот, владините трупи ќе бидат распоредени на клучни локации во Курам, племенска област во нестабилната провинција Кибер-Пахтунхва.
„Преговорите ќе продолжат за да се обезбеди траен мир“, се вели во соопштението од кабинетот на покраинскиот министер.
Владата, исто така, вети дека ќе им плати компензација на семејствата на жртвите.
Насилството избувна на 21 ноември кога неидентификувани вооружени лица отворија оган врз конвој од околу 200 патнички возила со шиити кои патуваа низ областа Парачинар на Курам.
Десетици луѓе, вклучувајќи жени и деца, беа убиени во нападот, кој предизвика еднонеделни судири меѓу двете заедници. Регионалните власти посредуваа за седумдневно примирје на 24 ноември, но тоа не се случи.
Повеќето од околу 250 милиони жители на Пакистан се сунитски муслимани. Но, Курам има мнозинство шиитско население, а двете заедници се во судир со децении. Само од јули досега биле убиени повеќе од 200 луѓе.
Секташкото насилство во регионот често се поврзува со спорови за земјиштето.
Гаши: Собранието е подготвено за уставните измени, веднаш штом ќе има политички договор
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека измените за внесување на Бугарите во Уставот во македонскиот парламент ќе поминат многу лесно, но за да почне процедурата, се чекало политички договор.
На прашањето дали јавноста да очекува уставни измени до Нова година, Гаши рече дека сè е подготвено.
„Јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство во државата. Што се однесува до Собранието, веднаш штом ќе има политички договор, ние сме спремни да ја почнеме процедурата. Мислам дека имаме две третини, тој процес во Собранието мислиме дека многу лесно ќе помине и ќе го реализираме, но зависи од политичкиот момент“, рече претседателот на Собранието, Гаши по денешниот брифинг со новинарите.
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, вчера (27 ноември) порача дека е неопходно да има уставни измени за земјата забрзано да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија.
Владата во Скопје предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пред да направи уставни измени сака да добие гаранции дека ќе нема други условувања и вета од Бугарија во пристапниот процес кон ЕУ. Таа предлага уставните измени да се направат, но да бидат со одложено дејство, односно да стапат во сила во моментот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.
Првата меѓувладина конференција со ЕУ, Северна Македонија ја одржа на 19 јули 2022 година. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата, македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Најмалку девет загинати во напад во Појасот Газа
Најмалку девет Палестинци се убиени во нов напад на израелската армија во централниот дел на Појасот Газа, јавуваат медиумите денеска, 28 ноември.
Палестинската новинска агенција ВАФА објави дека артилерискиот напад во бегалскиот кварт Нусејрат, исто така, резултирал со неколку повредени. Портпаролот на израелската армија рече дека војската ги испитува извештаите. Во нападот во Нусејрат, според локалните жители, била уништена и кула.
Здравствените власти во Газа, контролирани од палестинското исламистичко движење Хамас, соопштија дека од почетокот на војната пред речиси 14 месеци, повеќе од 44200 луѓе во Појасот Газа се убиени, а речиси 105 000 се повредени.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот вечерта изјави дека армијата досега „убила речиси 20 000 терористи“ во Појасот Газа.
Информациите од двете страни, засега, не можат независно да се потврдат.
Поради пропаднат тендер, откажан Самитот на лидерите на Западен Балкан и ЕУ во Неум
Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ) донесе одлука за откажување на Самитот на лидерите на Западен Балкан и на Европската Унија (ЕУ), што требаше да се одржи на 4 и 5 декември во Неум, Босна и Херцеговина.
Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврди заменик-претседателот на Советот на министри на БиХ и министер за одбрана, Зукан Хелез.
„Самитот беше откажан бидејќи пропадна тендерот за организација на овој настан. Имаше една жалба против некои кои поминаа како најдобри понудувачи“, изјави Хелез за РСЕ.
Тој рече и дека „веднаш“ ќе биде објавен нов тендер за организација на самитот, и дека самитот најверојатно би можел да се одржи во јануари.
Овој дводневен настан требаше да ги собере клучните актери од регионот и од ЕУ, со цел зајакнување на соработката и дискусија за важни политички, економски и социјални прашања.
На Самитот, иако сè уште не е официјално потврдено, требаше да присуствува и Марта Кос, која од 1 декември ќе ја преземе функцијата комесарка за проширување на Европската Унија, изјавија за РСЕ од делегацијата на ЕУ во БиХ.
Тоа требаше да биде една од нејзините први официјални посети.
Уште една блокада на обвинителството и судот во Нови Сад
Здружената опозиција и денеска, 28 ноември, се обиде да го блокира влезот пред новосадскиот суд и обвинителство. Овој пат опозицијата бара истрага против полицајците кои го претепаа 74-годишниот Илија Костиќ.
Тој беше уапсен седум дена претходно при претходната блокада на судот и обвинителството. После тоа тој бил тешко повреден и итно бил опериран при што му бил изваден дел од телото.
Сите опозициски советнички групи во градското собрание претходно му дадоа рок од 24 часа на Обвинителството да покрене постапка ден претходно.
Рано утрото припадниците на жандармеријата зазедоа позиции пред зградата. Како дополнителна пречка беше поставена метална заштита. Жандармеријата направила тесен премин и со помош на судската стража ги пуштила вработените во зградата.
Опозицијата најави дека во рок од 24 часа ќе бара оставка од министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ доколку не ги објави резултатите од работата на Секторот за внатрешна контрола.
Ова е четврти пат во последните две недели зградата на Палатата на правдата во Нови Сад да биде блокирана.
Минатата недела три дена по ред народните избраници и пратеници во Собранието на АП Војводина, како и советниците во Градското собрание на Нови Сад го блокираа влезот во зградата во која се наоѓаат новосадските судови и обвинителствата.
Миран Погачар, градски советник од движењето „Браво“ на средбата порача дека граѓаните нема да се откажат од барањето уапсените на протестот да бидат ослободени.
Мариника Тепиќ, пратеничка од опозициската Партија на слободата и правдата, рече дека полицијата завчера во Белград „пуштила орда насилници да ги малтретираат луѓето на мирниот протест во Савамала, во забранетиот град, во Белград на вода“.
„И тепаа стари луѓе“, посочи таа, алудирајќи на случајот со 74-годишниот Илија Костиќ.
За време на протестот и блокадата на граѓаните во Белград, на 27 ноември, кои се противат на уривањето на Стариот Савски мост, група луѓе ги нападна учесниците на блокадата. Според изјавите на учесниците на протестот, полицијата по половина час се појавила и ги одвоила учесниците на протестот од граѓаните кои ги напаѓале.
Опозицијата побара кривично гонење на одговорните за падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а други двајца се во тешка состојба. Таа, исто така, побараа ослободување на приведените во апсењата што следеа по масовните демонстрации на улиците на Нови Сад на 5 ноември.
Сиљановска-Давкова во официјална посета на Црна Гора
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова од денeска (28 ноември) ќе престојува во дводневна официјална посета на Црна Гора, каде ќе има средби со државниот врв на земјата, соопштија од нејзиниот кабинет.
Како што е најавено, македонската претседателка во Цетиње, со највисоки државни и воени почести ќе биде пречекана од нејзиниот црногорски колега, Јаков Милатовиќ, по што ќе следи тет-а-тет средба на двајцата претседатели, како и пленарен состанок на делегациите на двете земји.
Претседателката во Подгорица ќе оствари средба и со претседателот на парламентот на Црна Гора, Андрија Мандиќ, а според агендата, утре (29 ноември) е предвидена средба и со премиерот на земјата, Милојко Спајиќ.
Во рамки на официјалната посета, Сиљановска-Давкова, како што информираат од нејзиниот кабинет, ќе одржи предавање на Правниот факултет при Универзитетот на Црна Гора, на тема „Западнобалканскиот демократски и евроинтеграциски маратон“.
Романската Агенција за телекомуникации бара суспензија на „Тик-Ток“
Заменик-шефот на романската агенција за телекомуникации, Павел Попеску, рече дека официјалниот процес за суспендирање на платформата Тик-Ток низ цела Романија ќе започне денеска, во очекување на истрага за улогата што таа мрежа ја одигра во првиот круг од претседателските избори одржани во неделата.
„Повикувам платформата Тик-Ток да биде суспендирана во Романија од 28 ноември додека државните институции не ја завршат истрагата поврзана со манипулацијата со изборниот процес“, изјави Попеску.
Тој додаде дека официјалниот процес за таа цел ќе почне денеска (28 ноември).
Првиот круг од претседателските избори во Романија се одржа во неделата, но ниту еден кандидат не освои мнозинство од гласовите.
Кандидатот на десницата Калин Ѓорѓеску и лидерката на опозицијата Елена Ласчони се пласираа во вториот круг од претседателските избори во Романија.
Ѓорѓеску освои 22,95 отсто од гласовите, а Ласиони 19,2 отсто.
Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 декември.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете