Вести
Егед: Гренланд е отворен за соработка со САД во рударството
Премиерот на Гренланд, Мут Б. Егед изјави дека данската автономна територија е отворена за поблиски врски со САД, пред сè во областа на рударството.
- Мораме да соработуваме со Америка. Почнавме со дијалог и бараме можности за соработка со (новоизбраниот претседател на САД, Доналд) Трамп, наведе Егед.
Тој додаде дека Гренланд „ја држи отворена вратата кога станува збор за рударството“.
„Така ќе биде и во следните години. Мораме да тргуваме со Америка“, посочи Егед.
Но, тој не навести дека Гренланд е отворен за преземање од страна на САД.
Трамп, кој ќе стапи на должност на 20 јануари, минатата недела изјави дека не исклучува воена интервенција за да ги стави под контрола Панамски Канал и Гренланд.
Новоизбраниот потпретседател на САД, Џеј Ди Венс во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека САД веќе имаат „трупи на Гренланд“, во воената база во северозападниот дел од Островот.
Покрај стратешката локација, Гренланд, кој бара независност од Данска, има огромни резерви минерали и нафта, иако истражувањата на нафта и ураниум се забранети.
Трамп и за време на првиот мандат изјави дека сака да го купи Гренланд, но Данска веднаш ја одби понудата.
Бен-Гвир се закани со оставка поради можен договор со Хамас за заложниците
Екстремно десничарскиот израелски министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир во вторник (14 јануари) се закани дека ќе поднесе оставка од владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во случај на договор со Хамас за заложниците кои се држат во Појасот Газа. Хамас е означена како терористичка организација од САД и ЕУ.
Во објавата на платформата Х, Бен Гвир го повика десничарскиот министер за финансии Безалел Смотрич да му се придружи во спротивставувањето на „страшниот договор што се подготвува“.
Нетанјаху требаше да биде јасно информиран „дека ќе ја напуштиме владата ако договорот биде склучен“, изјави Бен-Гвир.
Но, тој додаде дека во случај на негова оставка, нема да бара да падне владата. Израел во минатото имал малцински влади.
Владата на Нетанјаху има 68 места во 120-члениот израелски парламент, Кнесетот. Доколку групите предводени од Бен-Гвир и Смотрич си заминат, тој повеќе нема да има мнозинство.
Јаир Лапид, лидер на опозицијата во парламентот и поранешен премиер, вчера рече дека е подготвен да му понуди на Нетанјаху „безбедносна мрежа“ за да се постигне договор за заложниците со Хамас.
Бен-Гвир изрази критики за најавените планови за повлекување на израелските сили од Појасот Газа и ослободување на стотици Палестинци затвореници кои ги држеше Израел во замена за ослободување на 33 заложници во почетната фаза. Тој го нарече договорот од ваков вид „капитулација“.
Наместо тоа, тој повика на целосно прекинување на хуманитарната помош за Појасот Газа, вклучувајќи гориво, електрична енергија и вода, со цел како што рече, „тотално потчинување“ на Хамас.
Американскиот претседател во заминување Џо Бајден во понеделникот изрази внимателен оптимизам, велејќи дека се чини дека прекинот на огнот е „на работ“ на конечна реализација.
Фронтекс: Лани најмалку нерегуларни влезови во ЕУ од 2021 година
Бројот на нерегуларни влезови во Европската Унија (ЕУ) во 2024 година е најмал од 2021 година, соопшти денеска Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс.
„Новите прелиминарни податоци од Фронтекс покажуваат значителен пад од 38 отсто на нерегуларните гранични премини на ЕУ во 2024 година, достигнувајќи го најниското ниво од 2021 година, кога миграцијата сè уште беше погодена од пандемијата на Ковид“, соопшти Фронтекс.
Како што додава Фронтекс на својата веб-страница, и покрај постојаните миграциски притисоци, зголемената соработка меѓу ЕУ и партнерите против шверцерските мрежи значително го намалила бројот на премини на европските надворешни граници, со нешто повеќе од 239 000 регистрирани минатата година.
Намалувањето на вкупниот број премини е главно резултат на 78 отсто пад на пристигнувањата на рутата на Западен Балкан по силните напори на регионалните земји да го запрат приливот и падот за 59 отсто на премините преку централната медитеранска рута.
На сите рути не се забележани исти трендови.
Така на пример на рутата на источниот Медитеран, бројот на премини се зголемил за 14 отсто, со мигранти главно од Сирија, Авганистан и Египет.
На западноафриканската рута, пристигнувањата на Канарските острови се зголемиле за 18 отсто на речиси 47000, што е највисока бројка откако Фронтекс почна да собира податоци во 2009 година. Ова било поттикнато од тргнувањата од Мавританија, иако приливите од другите појдовни точки се намалиле.
Трикратно зголемување на премините е регистрирано на источната гранична рута, главно долж границата со Украина и Белорусија.
Бројот на обиди за преминување во Велика Британија преку Ла Манш е малку зголемен, со 67552 евидентирани обиди, што е зголемување од девет проценти во споредба со 2023 година.
Сепак, иако бројките за илегална миграција за 2024 покажуваат напредок, предизвиците остануваат, се наведува меѓудругото во соопштението од Фронтекс.
Морските премини, често организирани од мрежи на организиран криминал, продолжуваат да претставуваат екстремна опасност за мигрантите, при што Меѓународната организација за миграција проценува дека 2300 луѓе ги загубиле животите на море само во 2024 година.
Германската морнарица ќе се приклучи на дополнителната мисија на НАТО во Балтичко Море
Германската морнарица ќе испрати бродови за одбрана на инфраструктурата во Балтичкото Море поради загриженоста од така наречената руска „флота во сенка“ и неодамнешните инциденти со оштетување на подводните каблите, изјави денеска (14 јануари) германскиот канцелар Олаф Шолц.
Шолц, кој присуствува на Самитот во Хелсинки за безбедноста на Балтичкото Море, истакна дека Германија е подготвена да ја преземе одговорноста „со свои ресурси“ со оглед на растечката закана.
„Се разбира, тоа значи дека ќе обезбедиме и безбедност во Балтичко Море со германски бродови“, посочи Шолц.
Руската „флота во сенка“ се танкери и други товарни бродови, често стари и во лоша состојба и нејасна сопственичка структура, кои Русија ги користи за извоз на нафта и други артикли и покрај санкциите воведени поради инвазијата врз Украина. Според германското Министерство за надворешни работи, Русија има вкупно 79 бродови во „флотата во сенка“.
НАТО планира значително да го прошири своето присуство во Балтичко Море и почнува мисија за набљудување.
Двете нови членки на НАТО, Финска и Шведска, веќе најавија дека ќе учествуваат со бродови. Во мисијата на НАТО, како што јави германската новинска агенција ДПА ќе учествуваат вкупно околу 10 бродови. Естонија веќе има брод што патролира во Фински Залив.
На самитот во Хелсинки, осумте земји-членки на НАТО со излез на Балтичко Море - Данска, Естонија, Финска, Германија, Летонија, Литванија, Полска и Шведска - се обидуваат да ги координираат одговорите на оштетувањето на инфраструктурата во морето.
Романија се подготвува за преземање на командата на ЕУФОР
Романија се подготвува да ја преземе командата над воените сили на Европска Унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР). Четири повеќенаменски хеликоптери ИАР-330 веќе се стационирани во базата Бутмир во близина на Сараево, каде е и командата на ЕУФОР. Хеликоптерите се наменети за транспортни операции и медицински евакуации.
Според претходно утврдениот распоред за ротација, должноста командант на ЕУФОР ќе ја преземе романскиот генерал-мајор Флорин-Маријан Барбу на 31 јануари. Генералот Барбу (56) пристигнува во БиХ од позицијата началник за операции на романските вооружени сили.
ЕУ ја презеде мировната мисија во БиХ од НАТО во 2004 година, воспоставувајќи операција наречена Алтеа. Основата на мисијата е мултинационален маневарски баталјон составен од војници од Австрија, Грција, Унгарија, Италија, Молдавија, Северна Македонија, Романија и Турција, додека остатокот од воениот персонал е распореден во 20 канцеларии за врски низ земјата.
Операцијата Алтеа е воспоставена врз основа на договорот Берлин плус меѓу НАТО и ЕУ, кој предвидува распоредување на силите на Алијансата во случај на влошување на ситуацијата на теренот и потреба од директна воена интервенција за зачувување на мирот.
Мандатот на мисијата Алтеа се заснова на одлуките на Советот за безбедност на ОН, што се носат еднаш годишно.
Одложено судењето за импичментот на поранешниот јужнокорејски претседател
Уставниот суд на Јужна Кореја ја одложи првата седница на судењето за импичмент на суспендираниот претседател Јун Сук Јеол, откако спорниот лидер не се појави на суд.
Адвокатот што го советува Јун рече дека претседателот, кој со недели е заробен во неговата палата во Сеул, нема да дојде.
Следното рочиште е закажано за четврток, а доколку и Јун не присуствува, судењето ќе продолжи со неговиот правен тим кој ќе го застапува, рече вршителот на должноста главен судија Мун Хјунг-бае.
Еден од адвокатите на Јун, Јун Каб-кеун, рече дека претседателот ќе одлучи дали лично да оди на суд во четврток, откако ќе разговара за неговата стратегија за одбрана.
Уставниот суд мора да одлучи во рок од 180 дена дали да го смени Јун од функцијата или да му ги врати претседателските овластувања. Јун, исто така, се соочува со кривична истрага за наводна бунт, при што властите бараат налог за апсење откако тој ги игнорирал повиците да се појави на сослушување.
Неуспешниот обид на Јеол да воведе воена состојба ја шокираше нацијата, но тој беше отфрлен само неколку часа подоцна по големите реакции на јавноста.
Јужна Кореја оттогаш е во политичка криза.
Шефот на кабинетот на Јун во вторникот изјави дека канцеларијата на Јун може да се консултира со истражните органи за да избегне конфликт за време на извршувањето на налогот за апсење.
„Јун би можел да оди на трета локација надвор од неговата резиденција или да се организира посета на неговиот дом за да може истражните органи да го испрашаат“, рече шефот на претседателскиот кабинет Чунг Џин-сук во изјавата во вторникот.
Истражните органи, вклучително и Канцеларијата за истраги за корупција за високи функционери (ЦИО) и полицијата, добија обновен налог за апсење од јужнокорејскиот суд откако нивниот прв обид да го приведат Јун на испрашување не успеа по судирот со претседателските службеници за безбедност на почетокот на овој месец.
ЦИО, полицијата и Претседателската служба за безбедност (ПСС) се состанаа во вторникот за да разговараат за извршувањето на последниот налог за апсење, објавија истражните органи во соопштението. На средбата полицијата и ЦИО побарале соработка од безбедносната служба за мирно и безбедно извршување на наредбата и се чека одговор.
Министерството за одбрана во вторникот објави дека воените сили одговорни за претседателската безбедност нема да бидат мобилизирани во врска со извршувањето на наредбата на Јун.
Бајден: Украина, со поддршка на САД, го спречи Путин да ја избрише земјата од мапата
Американскиот претседател Џо Бајден во заминување, во настап синоќа (13 јануари) во Стејт департментот, изјави дека „САД победуваат во глобалната конкуренција“ и дека нема да бидат економски достигнати од Кина како што претходно се прогнозирало. Давајќи преглед на дипломатските успеси на неговата администрација тој истакна дека Русија и Иран биле ослабени од војните во кои САД немаат директно учество.
Во својот говор на една недела пред да ја напушти Белата куќа, претседателот ја пофали работата на неговата администрација во однос на проширувањето на НАТО, со повиците до сојузниците да ја зголемат помошта за Украина.
„Украина, со поддршка на САД, ја наруши целта на рускиот претседател Владимир Путин да ја избрише земјата од мапата, изјави Бајден, напоменувајќи за својата посета на Киев во 2023 година како прва посета на актуелен американски претседател во зона на конфликт која не е под контрола на американски сили.
Додаде дека авторитарните држави како Кина, Иран, Северна Кореја и Русија, сега имале поблиски врски и меѓусебно соработувале, но дека тоа се случило „поради нивната слабост, а не сила.“
„Кога Путин ја нападна Украина, мислеше дека ќе му бидат потребни само неколку дена за да го освои Киев. Но она што е вистина е дека од почетокот на војната јас сум тој што дојде и стоеше во Киев, не тој“, рече Бајден.
Тој го одбрани своето решение за повлекување на американските трупи од Авганистан, нагласувајќи дека противниците како Кина и Русија немало да ги израдува ништо повеќе од тоа САД да бидат постојано вмешани во таков конфликт уште цела деценија.
Бајден рече дека кога ја презел функцијата, експертите предвидувале неизбежна економска доминација на Кина над САД. Сега, според него, тоа никогаш нема да се случи. Тој истакна дека американската економија напредува, но дека останува уште многу работа.
Украински дронови предизвикаа пожар во рускиот град Казан
Голем пожар беше предизвикан денеска (14 јануари) од напад на украинско беспилотно летало врз енергетски објект во Казан, Русија, соопштија локалните власти.
Во предградието на Казан, главниот град на руската република Татарстан, „се запали резервоар за гас по напад со дрон“, соопшти локалната власт на каналот Телеграм.
Во соопштението се наведува дека нема повредени и дека претседателот на Татарстан Рустам Миниханов дошол да го посети местото на пожарот.
Локалните медиуми објавија снимка од голем пожар во магацин за течен гас во близина на хемиска фабрика.
Покрај тоа, индустриска зграда е оштетена во напад со дрон врз градот Енгелс, во областа Саратов, што се наоѓа на околу 700 километри југоисточно од Москва и на околу 500 километри од украинската граница, напиша на Телеграм регионалниот гувернер Роман Бусаргин. Тој соопшти дека наставата во училиштата во Саратов и Енгелс денеска ќе се одржува од далечина поради нападите со беспилотни летала.
На 8 јануари, Енгелс исто така беше цел на голем напад со беспилотни летала што предизвика пожар во нафтениот комплекс.
Според властите, во тој пожар загинаа двајца пожарникари, а стихијата била ставена под контрола дури пет дена по неговото избувнување.
Украина редовно напаѓа воени цели и енергетски локации во Русија како одговор на нападите на Москва на нејзина територија од 2022 година
Ирак и Велика Британија ќе потпишат договор за безбедност и стратешко партнерство
Ирачкиот премиер Мохамед Шија ал Судани изјави дека ќе потпише билатерален договор за безбедност и договор за стратешко партнерство со Велика Британија за време на официјалната посета на Лондон.
Во контекст на промените на Блискиот исток, Ирак се обидува да избегне да ја врати земјата во зона на конфликт во време на регионални превирања, откако иранските сојузници Хамас во Газа и либански Хезболах претрпеа загуби, а Башар ал Асад беше соборен во Сирија.
Рамнотежата на Ирак меѓу сојузите со Вашингтон и Техеран беше ставена на тест по нападите на ирачките вооружени групи поддржани од Иран врз Израел и американските сили во земјата, по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври 2023 година.
Ова доведе до неколку меѓусебни напади кои во меѓувреме прекинаа, но некои ирачки функционери стравуваат од ескалација откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.
„Ова е дефинитивно важен момент, како за развојот на односите на Ирак со Обединетото Кралство, така и за развојот на (регионалната) ситуација која бара дополнителни консултации.- Ова е еден од клучните моменти во односите меѓу Ирак и Обединетото Кралство. Би го опишал како почеток на нова ера во односите, рече Судани, зборувајќи за договорот за стратешко партнерство, без да наведе детали“.
Судани рече дека безбедносниот договор меѓу Велика Британија и Ирак ќе ги зајакне билатералните воени врски по минатогодишната најава дека коалицијата предводена од САД, формирана за борба против Исламската држава, ќе ги прекине своите операции во Ирак во 2026 година.
Исламската држава беше територијално поразена во Ирак во 2017 година и во Сирија во 2019 година, но се уште постои голема загриженост дека би можела повторно да се воспостави во пооддалечените делови на Ирак и да го искористи вакуумот на моќ во Сирија откако исламистичките бунтовници го соборија Асад од власт минатата година.
Ирак претходно потпиша договор за стратешко партнерство со САД, кој имаше за цел да ги прошири односите надвор од воените врски воспоставени по инвазијата на Ирак предводена од САД во 2003 година, на која и се приклучи и Велика Британија.
Таа инвазија го собори поранешниот диктатор Садам Хусеин, но предизвика долгогодишно секташко крвопролевање и војна, а потоа и подем на Исламска држава, која масакрираше малцинства и накратко воспостави таканаречен калифат пред да биде поразена.
Самит на НАТО сојузниците од Балтикот во Хелсинки
Финскиот претседател Александар Стуб и естонскиот премиер Кристен Михал денеска ќе бидат домаќини на Самит на земјите членки на НАТО од регионот на Балтичкото Море што ќе се одржи во Хелсинки.
Според најавите, на Самитот ќе учествуваат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен, претседателите на Летонија и на Литванија, Едгарс Ринкевичс и Гитанас Науседа, германскиот канцелар Олаф Шолц, данската премиерка Мете Фредериксен и премиерите на Полска и на Шведска, Доналд Туск и Улф Кристершон.
Тема на Самитот, што ќе се одржи во Претседателската палата во Хелсинки, ќе биде безбедноста во регионот на Балтичкото Море, особено мерките потребни за обезбедување на критичната подводна инфраструктура.
Како што соопшти Кабинетот на Стуб, дискусијата на средбата ќе биде фокусирана и на зајакнување на присуството на НАТО во Балтичкото Море и на одговор на заканата од т.н. „руската флота во сенка“.
Терминот „флота во сенка“ се користи за бродови кои се користат за „тактики за прикривање на шверц на стоки под санкции“ со цел да се заобиколат меѓународни или еднострани рестриктивни мерки за увоз или извоз на овие производи, кои може да вклучуваат енергенси, железо, луксузни производи, оружје, воени технологии итн.
Во конкретниот случај станува збор за користење на трговски бродови за заобиколување на западните санкции кон Русија воведени поради нејзината агресија врз Украина.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете