Достапни линкови

Вести

МВР пријави полицајци кои незаконски издавале дозволи за оружје

Илустрација
Илустрација

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 25 вработени во истото министерство за несовесно постапување во вршење на своите должности и овластувања. Предметот го работел Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР кој кривичната пријава ја поднесе до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Според МВР службениците по барања за издавање на одобрение за набавка на оружје дале позитивни мислења но спротивно на одредбите од Законот за оружје.
Петмина од пријавените кои биле претседател, членови и заменици членови на Комисијата за ревизија на позитивно одлучени барања за издавање одобрение за набавување на оружје не извршиле правилна ревизија на содржината на мислењата.

МВР ги товари дека наместо предметите да ги отфрлат или вратат на повторно одлучување заради докомплетирање, врз основа на претходно изготвени списоци на баратели на одобрение покрај кои биле испишани имиња на дел од членовите на Комисијата за ревизија, донеле позитивни одлуки и овозможиле баратели да се стекнат со одобрение за набавување на оружје спротивно на одредби од Законот за оружје.


При вршење на ревизија постапувале несовесно и селктивно при решавање на предметите, а по вкупно 5470 предмети воопшто не постапиле и не донеле одлука со што придонеле да застарат.

Меѓу пријавените има и помошник на министер и началник на Сектор за оружје кои се товарат дека пропуштиле должен надзор на начин што иако знаеле дека било позитивно одлучувано за поднесени барања спротивно на Законот за оружје, дека по поднесените барања селективно се постапува или воопшто не се постапува овозможиле барателите спротивно на законските прописи да се стекнат со одобрение за набавување на оружје.

По спроведена постапка, за потешко кршење на работниот ред и дисциплина, за 15 вработени е изречена мерка откажување на договорот за вработување, велат од МВР.

На средбата со Кси, британскиот премиер повика на „конзистентни, трајни“ односи со Кина

Британскиот премиер Кеир Стармер и кинескиот претседател Кси Џинпинг на средба за време на самитот на Г20 во Бразил, 18 ноември 2024 година.
Британскиот премиер Кеир Стармер и кинескиот претседател Кси Џинпинг на средба за време на самитот на Г20 во Бразил, 18 ноември 2024 година.

Британскиот премиер Кир Стармер (Кир) повика на „конзистентни, трајни“ односи меѓу двете земји на состанокот со кинескиот претседател Си Џинпинг во понеделникот, продолжувајќи ги напорите за одмрзнување на врските меѓу Лондон и Пекинг.

Средбата за време на самитот на Г-20 во Бразил е прва меѓу лидерите на двете земји од 2018 година.

Стармер рече дека би сакал да се ангажира со Пекинг во области како што се трговијата, економијата и климата, како и за поширока соработка во науката, технологијата, здравството и образованието.

Британскиот лидер, исто така, рече дека ќе ги започне плановите за билатерална средба со Кси во Пекинг или Лондон и изрази надеж дека неговата министерка за финансии, Рејчел Ривс, ќе се сретне со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг за да разговара за економската и финансиската соработка следната година.

„Сакаме нашите односи да бидат конзистентни, трајни, почитувани како што е договорено, за да се избегнат изненадувања каде што е можно, а зајакнатиот дијалог треба да обезбеди подобро разбирање“, му рече Стармер на Кси на почетокот на состанокот.

Стармер рече дека ОК ќе биде „предвидлив конзистентен суверен актер посветен на владеењето на правото и мултилатералниот систем“, додавајќи дека ја цени отвореноста на Кси во телефонскиот разговор во август и дека тој самиот ќе биде таков кога ќе ги наведе разликите меѓу нив.

Кси му рекол на Стармер дека Кина и Велика Британија треба да усвојат рационална и објективна перспектива за развојот на нивните земји и дека двете земји треба да ја подобрат стратешката комуникација и да ја продлабочат политичката меѓусебна доверба, објави кинеската новинска агенција Ксинхуа Во спротивност со врските на двете земји под претходната британска конзервативна влада, која зазеде силен став за разликите со Кина, особено околу човековите права, Хонг Конг и обвинувањата за кинеска шпионажа.

Со фокусот на Стармер на поттикнување на економскиот раст за да се обиде да го исполни ветувањето од кампањата, британскиот лидер сака да ја поттикне трговијата и инвестициите од различни земји.

Стармер, исто така, рече дека сака искрено да се ангажира со Кина за прашања каде што двете земји имаат различни ставови, како што се човековите права, Хонг Конг и Украина, рече портпаролот на Даунинг стрит.

Стармер долго време рече дека сака „прагматични“ односи со Кина кои се „вкоренети во националните интереси на ОК“, со цел да се поттикне трговијата, што може да биде потешко со доаѓањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој најави тарифи за целиот увоз.

Демонстранти поставија камп во главниот град на Грузија и бараат нови избори

Грузија, Протест поради фалсификуваните избори, Тбилиси, 18 ноември 2024 година
Грузија, Протест поради фалсификуваните избори, Тбилиси, 18 ноември 2024 година

Демонстрантите во понеделникот поставија шатори во грузискиот главен град Тбилиси, ветувајќи дека нема да ја напуштат се додека не се одржат новите парламентарни избори, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Студенти, опозициски групи и грузискиот претседател Саломе Зурабишвили тврдат дека парламентарните избори на 26 октомври биле наместени. Официјалните резултати покажаа дека проруската партија Грузиски сон го освои мнозинството од гласовите, обезбедувајќи го својот четврти мандат на власт.

По изборите во Тбилиси се одржуваат протести. Во неделата демонстрантите маршираа низ центарот на главниот град, блокирајќи една од главните авении.

Студентски групи објавија и манифест во кој ги осудија спорните парламентарни избори на 26 октомври.

Во манифестот објавен во неделата се вели дека „систематското местење на изборите од страна на владата открива груб обид на партијата Грузиски сон да ја преземе контролата врз земјата“.

Во манифестот се осудуваат, како што се наведува, нападите врз образовниот систем преку „дискриминаторски и селективни одлуки во процесот на одобрување“ за влез во образовните институции и „наметнување цензура во наставата“.

„Во светлината на репресивните дејствија на наметнување на „руски“ закони и закони за цензура и други права и слободи, фактот на систематско местење на изборите открива груб обид на Грузискиот сон да ја преземе земјата“, се наведува во манифестот.

Документот го потпишаа 13 групи, вклучувајќи студенти од најмалку 13 грузиски универзитети.
Грузиската Централна изборна комисија (ЦИК) во саботата ги потврди резултатите од спорните избори на 26 октомври, и покрај повеќенеделните протести на опозицијата и обвинувањата за широко распространети нерегуларности и руско мешање.

Промосковската владејачка партија Грузиски сон освои 53,93 отсто од гласовите наспроти 37,79 отсто за опозициската алијанса, објави ЦИК за време на седницата што беше накратко прекината откако опозицискиот политичар Давит Киртадзе прска со црна течност врз шефот на ЦИК, Јорги Каландаришвили и го нарече „темен место“.

Протестот на Киртаџе имаше за цел да укаже на мастилото од гласачките пенкала што се гледаше низ тенка хартија од другата страна на некои гласачки ливчиња. Опозицијата вели дека ја нарушила тајноста на спорното гласање на 26 октомври.

Грузискиот сон, кој е на власт од 2012 година, е единствената партија која ги призна изборните резултати. Проевропската претседателка Саломе Зурабишвили сè уште одбива да го признае исходот од гласањето, за кое таа рече дека е под големо влијание на Русија.

Проевропската опозиција го бојкотира новиот парламент, откажувајќи се од своите мандати освоени на изборите на 26 октомври, наведувајќи ги широко распространетите неправилности, измами и руското мешање.

Официјални претставници на ЕУ и на западот изразија сериозни сомневања за изборите и забележаните нерегуларности.

Грузија е кандидат за членство во ЕУ од минатата година, но законот за „странско влијание“ и анти-ЛГБТ мерките ја ставија таа цел во прашање.

САД во јули објавија дека ќе суспендираат повеќе од 95 милиони долари помош за грузиската влада, предупредувајќи ја дека земјата доживува назадување во демократијата.

Обвинителството бара притвор за малолетник кој бодел со нож врсници

Илустрација
Илустрација

Дете на 15 годишна возраст е сторител на насилство и за него се бара притвор, објави денеска скопското обвинителство.

Во соопштението се велидека малолетникот во два различни настани прободел со нож свои врсници, првиот пат жртвата добила повреда во надколеницата, а вториот пат била прободена во главата.

„На 25 октомври, детето заедно со други непознати лица, започнале разговор со малолетник, но набрзо потоа без особен повод започнале да го удираат со тврди предмети. Детето во судир со законот извадило нож и ја прободело жртвата во натколеницата.

На 13 ноември, во автобус на ЈСП Скопје, тој, во група со уште три непознати лица, извршил грубо насилство и нанел телесна повреда – убоди со нож во главата на 15-годишник, со што кај останатите патници предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.“, пишува во соопштението од обвинителството.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка против дете во судир со законот родено 2009 година за кое постои основано сомнение дека извршило дејствија кои со закон се предвидени како кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител до судијата за деца достави и предлог за определување мерка притвор за детето во судир со законот исвестуваат од обвинителстовото.

Случаи на напади и тепачки, каде учесниците се млади, ги има речиси секојдневно во дневните билтени на МВР.

РСЕ веќе пишуваше дека според дел од анкетите спроведени изминатите години, граѓаните истакнуваат дека сакаат да видат повеќе полиција на терен – низ нивното маало, на местата каде се движат, а често има насилства и тепачки.

Шведска и Финска ги повикуваат граѓаните да бидат подготвени за можноста за војна

Знамиња на Шведска, Финска и НАТО
Знамиња на Шведска, Финска и НАТО

Во понеделникот, Шведска почна да испраќа околу пет милиони памфлети до своите граѓани во кои ги повикува да се подготват за можноста за војна, додека соседна Финска отвори нов онлајн портал за да се подготви за различни кризи.

Шведска и Финска се откажаа од децениското воено неврзување за да се приклучат на воената алијанса НАТО по почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Од почетокот на војната, Стокхолм постојано ги повика Швеѓаните психолошки и логистички да се подготват за можноста за војна, наведувајќи ја сериозната безбедносна ситуација во околината на земјата.

Брошурата „Ако има криза или војна“, испратена од Шведската агенција за цивилни итни случаи (MSB), содржи информации за тоа како да се подготвите за вонредни ситуации како што се војна, природни катастрофи или сајбер напади.

Станува збор за нова верзија на памфлет што Шведска го има издадено пет пати по Втората светска војна.

Претходната верзија испратена во 2018 година се најде на насловните страници бидејќи тоа беше прв пат да им биде испратена на Швеѓаните од 1961 година во екот на Студената војна.

„Безбедносната ситуација е сериозна и сите ние мораме да ја зајакнеме нашата отпорност за да се соочиме со разни кризи и на крајот војна“, рече директорот на МСБ, Микаел Фризел, во изјавата. конфликти, природни катастрофи и сајбер и терористички напади.

Вклучува совети за подготвеност, како што се складирање на вода и нерасиплива храна.

MSB изјави дека новата верзија за 2024 година имала поголем фокус на подготовките за војна.

Во следните две недели, 5,2 милиони примероци од брошурата ќе бидат испратени до шведските домаќинства.

Брошурата е достапна во печатена форма на шведски и англиски јазик, а дигиталните верзии се достапни на неколку други јазици, вклучувајќи арапски, фарси, украински, полски, сомалиски и фински.

Поранешниот шеф на шведската армија Микаел Бајден (Мајкл Бајден) во јануари ги предупреди своите сонародници да размислат колку се подготвени за можноста за војна.

„Швеѓаните мора ментално да се подготват за војна“, рече тој.

Исто така во понеделникот, владата на Финска, која дели 1.340 километри граница со Русија, отвори онлајн портал кој собира информации за подготвеноста за различни кризи.

Еден Кинез убиен и петмина повредени во напад во Таџикистан

Илустрација
Илустрација

Еден кинески државјанин е убиен, а пет други, од кои четворица Кинези, се повредени во прекуграничен напад во клисурата Зарбузи во Таџикистан, изјавија за таџикистанската служба на РСЕ на 18 ноември два извори блиски до истрагата на Таџикистан.

Инцидентот, кој се случи во југоисточниот округ Шамсидин Шохин, кој се граничи со Авганистан, се уште не е официјално разрешен од таџикистанските власти.

Според изворите, нападот го извршиле вооружени лица кои ја преминале границата од Авганистан. Останува нејасно дали напаѓачите биле криминалци кои веројатно биле вклучени во трговија со дрога, злосторство што е вообичаено во областа или членови на милитантна група.

„Меѓу петте повредени, четворица се кинески државјани, а еден е локален жител. Сите се хоспитализирани во областа Шамсидин Шохин“, рече еден од изворите.


Кинеските државјани наводно работеле во рудник за злато во клисурата Зарбузи. Нападот го означува првиот познат инцидент што резултираше со смрт на кинески државјанин во нестабилниот регион.

Областа Шамсидин Шохин дели порозна граница со Авганистан што често ја минуваат шверцери и милитантни групи.

Иако талибанците ги уверија соседните земји дека авганистанската територија нема да служи како база за терористички активности, таџикистанските власти беа во состојба на висока готовност во последниве години. Смртоносниот напад ја нагласува постојаната загриженост за безбедноста долж јужната граница на Таџикистан.

Во август 2023 година, Државниот комитет за национална безбедност на Таџикистан објави дека убиле тројца членови на забранетата милитантна група Ансарулах и заплениле оружје во посебна прекугранична операција.

Овие инциденти ги истакнуваат тековните закани од нестабилноста во Авганистан, и покрај регионалните напори за обезбедување на границата.

Мицкоски: Економската соработка со Косово ќе достигне половина милјарда евра

Косовскиот премиер Албин Курти и неговиот македонски колега Христијан Мицкоски (архивска фотографија)
Косовскиот премиер Албин Курти и неговиот македонски колега Христијан Мицкоски (архивска фотографија)

На денешната (18 ноември) заедничка седница на двете влади во Приштина, по што следуваше и заедничка прес конференција косовскиот премиер Албин Курти и неговиот македонски колега Христијан Мицкоски ја пофалија соработката и односите меѓу двете земји.

Премиерот на Сверна Македонија Христијан Мицксоки истакна дека дискутирало за важноста на евроатлантските интеграции, заедничката посветеност кон европските вредности и стандарди. Тој рече дека се убедени дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија и НАТО, и дека преку заеднички напори може да се надминет предизвиците.

„Сакам да посочам нешто со кое се согласивме со мојот драг колега. Балканот предолго беше место кое интензивно ги полнеше црните хроники во европската и светската јавност. Предолго регионов потроши време на политички прашања, занемарувајќи ги прашањата од реалниот живот на граѓаните. И граѓаните на Приштина и граѓаните на Скопје или било кои други места од двете држави ги интересира подобар живот, подобар стандард, повисоки критериуми за образование. Да ги потенцираме точките кои нè обединуваат и за кои вреди заеднички да работиме. Време е да ги решаваме економските прашања. Оваа средба е токму од таква природа. Тука сме за подобар живот, кажа Мицкоски.

Тема на разговор, биле и образованието, културата и младите, со цел како што кажа премиерот Мицкоски, да го поттикнеме меѓусебното разбирање и да изградиме посилни врски помеѓу нашите народи. Според него, инвестирањето во овие области е инвестирање во нашата заедничка иднина. Станало збор и за процесот на евроинтеграциите.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека неговата земја нема спор со Северна Македонија и дека имаат континуирана комуникација за теми од заеднички интерес.

„По долго чекање конечно ќе имаме заедничка контрола на точките Хан и Елезит – Блаца и Јажинца – Глобочица. Овој модел на контрола е само влез-влез и полицајците работат во иста зграда, го олеснуваат граничниот премин, а со тоа го скратуваат времето на чекање“, рече Курти.

На средбата меѓу двете влади, Курти напомена дека двете земји досега имаат потпишано 50 договори, но „тоа што сега треба да се направи е нивна имплементација“.

„Добрите односи меѓу нашите две земји се рефлектираат и во континуираниот пораст на трговската размена, која во 2023 година достигна 432 милиони евра, што е извонреден пораст од 52 отсто, во однос на 2019 година, каде што изнесуваше 284 милиони евра“, рече Курти.

Курти рече дека Косово и Северна Македонија досега имаат потпишано 50 договори, но „она што треба да се направи сега е имплементација на договорите“.

Тој најави дека Косово и Северна Македонија ќе потпишат два меморандуми и протокол во областа на енергетиката, образованието и олеснувањето на слободното движење, кои ќе се применуваат од јануари 2025 година.

„Добрите односи меѓу нашите две земји се рефлектираат и во континуираниот пораст на трговската размена, која во 2023 година достигна 432 милиони евра, што е извонреден пораст од 52 отсто, во однос на 2019 година, каде што изнесуваше 284 милиони евра“, рече Курти.

Македонскиот премиер Мицкоски рече дека двете земји имаат заеднички пазар од 17-18 милиони евра и додаде дека на билатералната средба со Курти се договорил оваа соработка да се зголеми на околу 500 милиони евра.

„Ако работиме заедно ќе бидеме посилни, бидејќи единството ги прави соседите уште посилни. Имаме намера комерцијалната соработка да биде уште поголема во наредните години и да ни донесе придобивки. Убеден сум дека ќе успееме“, рече Мицкоски.

Заедничката средба на двете влади доаѓа по посетата на Курти и неговите министри во Скопје летово, неколку месеци по формирањето на владата на Мицкоски.

Советот на јавни обвинители ја потврди одлуката за суспензија на обвинителот Хајрулахи

Мустафа Хајрулахи
Мустафа Хајрулахи

Советот на јавни обвинители донесе одлука со која го потврди решението за оддалечување од функцијата на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, донесено од страна на Републичкиот јавен обвинител. Жалбата на Хајрулахи е одбиена како неоснована.

Советот денеска ја донесе одлуката со седум гласа „за“, и еден „против“ по расправата од која јавноста беше исклучена поради заштита на интегритет на обвинителот.

„Се потврдува одлуката со која вишиот јавен обвинител, Мустафа Хајрулахи, се оддалечува од функцијата вршење јавен обвинител за време додека трае кривичната постапка. Да се потврди решението, а жалбата да се одбие како неоснована, рече претседателката на СЈОРМ, Душица Димитриевска.

Обвинителката Кети Петкова пак, смета дека одлуката треба да се преиначи, бидејќи според неа републичкиот обвинител со решението за суспендирање на Хајрулахи го крши Законот за јавно обвинителство и задира директно во правата и самостојноста на јавните обвинители.

„Републичкиот обвинител го крши Законот за јавно обвинителство, задира директно во правата и самостојноста на јавните обвинители. Од формален аспект постоење и водење на кривична постапка значи суспендирање на обвинителот против кого се води постапката, меѓутоа, Советот, освен формалниот аспект, треба да се занимава со дејствијата што претходат на постапката. Недопустливо е повод за суспензија да биде кривична пријава за мобинг“, рече таа.

Одлуката за суспендирање на Хајрулахи дојде откако Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против Хајрулахи, за кого постои основано сомнение за сторено продолжено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ од член 143, како и за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик.

Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, откако беше суспендиран од функцијата, на прес-конференција обвини дека кривичната пријава поднесена против него од страна на Републичкиот јавен обвинител, има тенденцијата да го отстрани и замолчи, како и да ги заплаши и другите колеги кои што постапуваат согласно законот, а се со цел, како што рече, да се донесат „нарачани“ одлуки.

ЕУ воведе дополнителни санкции кон руски и ирански поморски превозници

Логото на бродските линии на иранскиот национален поморски превозник Исламска Република Иран (ИРИСЛ) -илустрација
Логото на бродските линии на иранскиот национален поморски превозник Исламска Република Иран (ИРИСЛ) -илустрација

Советот на ЕУ денеска (18 ноември) одлучи да го прошири опсегот на рестриктивни мерки поврзани со иранската воена поддршка на руската агресија врз Украина и на вооружени групи и ентитети на Блискиот Исток и во регионот на Црвеното Море.

Со санкциите се воведува забрана за користење на бродови и пристаништа за трансфер на дронови, проектили и сродни технологии и компоненти од Иран за Русија, како и за извоз, трансфер, снабдување или продажба на материјали за развој и производство на ракети и беспилотни летала од ЕУ на ирански субјекти.

Од забраната се исклучени пловни објекти на кои им е потребна помош поради поморска безбедност и кои се користат за хуманитарни цели или за настани кои би имале сериозно последици по здравјето и безбедноста на луѓето или животната средина.

Дополнително, воведени се санкции и кон едно физичко и четири правни лица поврзани со трансфер на ирански проектили и дронови за Русија, со што се поддржува нејзината агресија врз Украина.

Со санкциите се опфатени три руски поморски транспортни компании -„МГ Флот“, „ВТС Брокер“ и „Арпакс“, како и претпријатието „Поморски транспорт на Исламската Република Иран“ (ИРИСЛ) и неговиот директор Мохамад Реза Киабани.

Руски компании „МГ Флот“, „ВТС Брокер“ и „Арпакс“ се санкционирани поради учество на нивни бродови во транспорт на оружје и муниција од иранско производство преку Каспиското Море за Русија, наменети за руските трупи кои се борат во Украина.

Кон ИРИСЛ, кој е ирански национален поморски превозник, се воведени санкции поради тоа што негови бродови со години се вклучени во испораката на дронови за земји или групи од страна на Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда, кој веќе се наоѓа на листата на ЕУ на санкционирани субјекти.

Кремљ: Вашингтон додава „масло во огнот“

Воената помош испорачана на Украина од Соединетите Држави вклучува Армиски тактички ракетни системи (ATACMS)
Воената помош испорачана на Украина од Соединетите Држави вклучува Армиски тактички ракетни системи (ATACMS)

Кремљ го обвини американскиот претседател Џо Бајден дека долева масло на огнот и дека сака да предизвика ескалација на конфликтот во Украина со укинување на ограничувањата за оружјето со долг дострел.

Коментарите на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 18 ноември доаѓаат по извештаите дека Бајден, наводно, и дал дозвола на Украина да користи американско оружје за да напаѓа подлабоко во Русија.

Развојот доаѓа по повеќемесечно лобирање од страна на украинските официјални лица, вклучително и на претседателот Володимир Зеленски, за западните држави да му дадат зелено светло на Киев да го користи донираното оружје до нивниот целосен потенцијал за да погоди цели кои моментално се надвор од домет.

Соединетите Држави, заедно со другите земји на НАТО, до овој момент воведоа ограничување на растојанието што американските ракети би можеле да го користат за напад на руска територија.

Песков рече дека потегот за промена на таа граница, што не е официјално потврдена од Вашингтон, ќе доведе до нова рунда на тензии и ќе го продлабочи учеството на САД во руската војна против Украина.

„Очигледно е дека администрацијата во заминување во Вашингтон има намера да преземе чекори за да продолжи да го разгорува огнот и да провоцира понатамошна ескалација на тензиите“, рече Песков.

Рускиот претседател Владимир Путин во септември го предупреди Западот дека Русија може да одговори со нуклеарно оружје доколку биде погодена со конвенционални ракети и дека Москва ќе го смета секој напад поддржан од нуклеарна сила за заеднички напад.

Рускиот парламентарец Леонид Слуцки рече дека таквиот потег ќе доведе до ескалација.

„Американските ракетни напади длабоко во руска територија неизбежно ќе доведат до голема ескалација што се заканува да има многу посериозни последици“, рече Слуцки, претседател на Комитетот за надворешни работи на Државната дума, во интервју за државната новинска агенција ТАСС.

Оружјето најверојатно ќе се користи како одговор на одлуката на Северна Кореја да испрати илјадници војници да ја поддржат Русија во регионот Курск, каде што Украина изврши воен упад во текот на летото. Извештаите сугерираат дека Украина сепак ќе биде ограничена на удар на тој југозападен руски регион.

Овој потег, исто така, ја отвора вратата за Обединетото Кралство и Франција да го следат примерот, потенцијално овозможувајќи и на Украина да и зададе удар на Русија во критичниот момент од војната. Украина се обидува да ги задржи територијалните придобивки во рускиот регион Курск, кои би можеле да бидат клучни за какви било идни преговори.

Сепак, реакцијата на Зеленски на веста беше малку резервирана.

„Денес многу се зборува во медиумите за тоа дека сме добиле дозвола за соодветни дејствија. Но, ударите не се прават со зборови. Таквите работи не се најавуваат. Ракетите сами ќе зборуваат“, рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање.

Во меѓувреме, европските сојузници на Киев беа оптимисти во нивната реакција на веста.

Полскиот претседател Анджеј Дуда рече дека акцијата на Бајден може да биде одлучувачки момент во војната.

„Оваа одлука беше неопходна... Русија гледа дека Украина ужива силна поддршка и дека позицијата на Западот е непопустлива и одлучна. Тоа е многу важен, потенцијално одлучувачки момент во оваа војна“, им рече Дуда на новинарите.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека потегот на Вашингтон е важен во однос на воената поддршка за Украина, но нагласи дека тоа не сигнализира промена во стратегијата на Западот.

Највисокиот германски дипломат, исто така, издаде предупредување до поддржувачите на рускиот претседател Путин и рече дека Европската Унија подготвува нови санкции против Иран, како и дека го разгледува прашањето за поддршка на кинески беспилотни летала.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG