Достапни линкови

Вести

Папата побара да се дозволи влез на хуманитарна помош во Газа

Папата Лав Четиринаесетти
Папата Лав Четиринаесетти

Папата Лав XIV упати итен апел да се дозволи „пристојна количина хуманитарна помош“ во Газа и да се стави крај на непријателствата, за кои рече дека ужасна цена плаќаат децата, старите лица и болните.

„Ситуацијата во Појасот Газа е сè позагрижувачка и потешка“, рече папата за време на неговата редовна аудиенција на плоштадот „Свети Петар“, пренесува АФП.

Апелот на Папата доаѓа откако невладината организација „Лекари без граници“ го обвини Израел дека дозволил „смешно недоволна“ количина помош во Газа во споредба со потребите на територијата, само за да избегне обвинување дека го изгладнува населението.

Помошта, за која од понеделник е дозволено да влезе во Појасот Газа, околу сто камиони, според израелските власти, е само „завеса од чад“, објавија „Лекари без граници“, додека блокадата на територијата што Израел ја воведе на почетокот на март продолжува да го принудува Хамас (кое САД и Европската Унија го означија како терористичка организација)да ги ослободи заложниците што сè уште ги држи.

На 11 мај, Папата веќе изјави дека е многу тажен поради она што се случува во Газа и повика на итен прекин на непријателствата и на доставување хуманитарна помош до исцрпеното цивилно население и ослободување на сите заложници, пишува АФП.

Војната во Газа започна откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1200 луѓе и киднапирајќи околу 250 други. Како резултат на израелската офанзива, повеќе од 47 000 Палестинци беа убиени во Газа, а палестинската енклава претрпе големо уништување.

Земјите на ЕУ се согласија да формираат фонд за одбрана од 150 милијарди евра

илустрација
илустрација

Земјите од Европската Унија денеска (21 мај) се согласија да формираат фонд во вредност до 150 милијарди евра (170 милијарди долари) за заедничка набавка на оружје. Кредитите треба да се користат за инвестирање во воздушна и ракетна одбрана, артилериски системи, ракети и муниција, беспилотни летала и системи против беспилотни летала, како и за решавање на други потреби, од сајбер криминал до воена мобилност, појасни претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кога ги презентираше плановите во март.

Тековните напори за вооружување во Европа имаат за цел да ја одвратат Русија од евентуален напад врз друга европска земја, по Украина.

Разузнавачките агенции претпоставуваат дека Русија ќе биде во воена позиција да започне уште една војна најдоцна до 2030 година.

Поранешни американски генерали предупредија дека воздушната одбрана на НАТО „не е подготвена“ за руска закана
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 2:04 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Притисокот врз ЕУ значително да ги зголеми трошоците за одбрана и помошта за Украина се интензивираше, откако Вашингтон ја суспендираше американската воена помош за Украина и ја стави во прашање својата посветеност на заштитата на Европа.

„Живееме во најзначајните и најопасни времиња. Ова е моментот на Европа и ние мора да живееме до него“, рече во март, фон дер Лајен.

Таа се надева дека заедно со приватен капитал и дополнително финансирање од Европската инвестициска банка, фондот би можел да собере до 800 милијарди евра за одбрана.

Новиот фонд, кој сè уште треба формално да биде одобрен од министрите на ЕУ следната недела, е дел од низа иницијативи за подобрување на одбранбените капацитети на Европа.

Комисијата, исто така, им овозможува на земјите-членки поголема слобода за трошење за одбрана според вообичаено строгите правила на ЕУ за долг и дефицит.

Претреси на локации во Скопје поврзани со криминалната група „Беланоца-Барон“

илустрација
илустрација

Под раководство на предметниот обвинител што постапува во предметот под кодно име „Бункер“, единиците на МВР од рано утрината вршат претреси на пет локации во Скопје.

„Акцијата е резултат на обезбедени докази во рамките на истражната постапка што се спроведува против членовите на криминалната група „Беланоца-Барон“. Со повеќе информации обвинителството ќе излезе во текот на денот“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Со повеќе информации обвинителството ќе излезе во текот на денот.

Инаку во декември лани Обвинителството отвори истрага против 18 припадници на криминалната банда „Беланоца-Барон“. Осомничените во период од 2020 до 2024 година, организирале убиства на вкупно 8 луѓе, при што тројца други биле ранети, а на три лица им бил загрозен животот.

За 14-мина постои сомневање дека се нарачатели или директни извршители на убиства, а 12 од нив се сомничат и за злосторничко здружување. Останатите Обвинителството ги товари за кривичното дело„ изнуда“.

РСЕ веќе пишуваше дека скопското подземје го „држат“ два криминални сојузи од кои едниот е познат како „Грчец/Дуќанџик“, додека вториот е сојузот составен од неколку помали банди од кои најпознат е кланот „Беланоца“ со база во Сингелиќ и Арачиново.

Во оваа група влегуваат и криминалните банди именувани како Барон, именувани по сега веќе опожареното чаирско кафуле Барон, потоа дел од кланот Бундес и кланот од Кондово познат по Агим Красниќи кој пред неколку години побегна од затвор во Косово, но беше екстрадирани и вратен во Идризово.

Називот „Беланоца“ доаѓа од името на селото Белановце, кое се наоѓа на 25 километри северно од Скопје и во близина на границата со Косово од каде што потекнуваат дел од членовите на оваа криминална група.

Протест на средношколците во Белград поради продолжувањето на учебната година

илустрација
илустрација

Учениците од средните училишта во Белград најавија протест пред Министерството за образование попладнево поради планираното продолжување на учебната година, со цел да се надоместат пропуштените часови за време на прекините на работата и блокадите.

„Министерството за образование, кое поради своите постапки е едно од одговорните за прекинот на наставата и блокадата на средните училишта низ цела Србија, се обидува да создаде привид на нормалност со продолжување на учебната година, со цел да надомести за нереалните часови и пополнување формулари“, напишаа учениците на социјалните мрежи.

Тие додадоа дека не се согласуваат да молчат „на притисоците да посетуваат настава во месеци во кои немаат услови за тоа“.

Тие ги поканија сите средношколци, просветни работници, родители, ученици и граѓани на протестот пред Министерството за образование, што ќе трае од 18:30 до 20 часот.

Министерството за образование на Србија објави дека наставата во основните училишта може да се продолжи до 20 јуни, а во средните училишта до 18 јули.

Можноста за продолжување на годината, како што наведува Министерството, се однесува само на оние училишта кои, поради прекинот, не го реализирале наставниот процес во целост и немаат доволно време за надомест и оценување.

Истече рокот за регистрација за претседателските избори во Боливија, спречена кандидатура на Моралес

Ево Моралес
Ево Моралес

Истече рокот за регистрација на кандидатите за претседателските избори во Боливија, кои треба да се одржат во август, со што заврши обидот на поранешниот претседател Ево Моралес да се кандидира за четврти мандат.

Одлуката на Уставниот суд на Боливија минатата недела ја потврди забраната за служење повеќе од два претседателски мандати, спречувајќи го Моралес повторно да се кандидира.

Моралес, кој владееше од 2006 до 2019 година и беше првиот претседател на Боливија со староседелско потекло, го оспори исклучувањето од изборите, а групите кои го поддржуваат организираа протести и блокади на сообраќајот.

„Борбата не е изгубена, ќе водиме правна и општествена битка“, изјави Моралес за локалната радио станица Панамерикана.

Движењето за социјализам, или МАС, на Моралес, кое доминираше во боливиската политика и ја зголеми застапеноста на староседелците во политиката во последниве години, на изборите на 17 август излегува како фрагментирана политичка сила, со најмалку три одделни фракции кои се натпреваруваат за претседател.

Едуарда дел Кастиља, поранешен министер за внатрешни работи, е поддржан од актуелниот претседател, поранешниот штитеник на Моралес, а сега ривал Луис Арсе. Претседателот на Сенатот, Андронико Родригез, ја регистрираше својата кандидатура, иако неговото учество чека судска одлука, додека Ева Копа, поранешна сенаторка од МАС и сегашна градоначалничка на Ел Алто, се регистрираше како кандидатка на новата партија Морена.

Вкупно 10 кандидати ќе се борат за претседател на Боливија, но аналитичарите предупредуваат дека е мала веројатноста победникот да биде избран во првиот круг, а уште помалку веројатно дека некој ќе освои двотретинско мнозинство во законодавната власт.

Уставниот суд на Боливија соопшти дека списокот на кандидати сè уште може да се промени. Оставки се можни до 45 дена пред изборите, додека замени поради неможност или трајна спреченост може да се случат до три дена пред денот на изборите.

Пратеничката група на „Влен“ со девет пратеници, очекува да им се приклучи десеттиот

Блерим Ќоку, координатор на пратеничката група на ВЛЕН
Блерим Ќоку, координатор на пратеничката група на ВЛЕН

„Влен“ ја официјализираше пратеничката група со девет пратеници, а десеттиот, како што најави на денешната прес-конференција (20 мај) координаторот Беким Ќоку, се очекува да им се приклучи по оставката на пратеникот Салим Сулејмани, кој викендов се повлече од пратеничката функција.

„Тука сме официјално да ве известам дека до денеска пратеничката група на Влен брои девет члена, додека во наредните денови верувам ќе ни се придружи десеттиот член, потоа единаесеттиот, а зошто да не и 14 и практично со тоа со десет членови ние сме најголемата албанска албанска пратеничка група во Собранието на Република Северна Македонија. Пратениците кои учествуваат во оваа група се Африм Гаши, координаторот на пратеничката група Беким Ќоку, Аднан Азири, Мерита Колчи Коџаџику, Имрлије Салиу Фетаи, Саранда Имери Стафаи, Беким Сали, Калтрина Беќири и Фериде Хаџиу“, рече Ќоку.

Тој потенцираше дека го информирале и претседателот на Собранието за членовите на оваа група и побарале реконструкцијата на оваа пратеничката група да се одрази и во соодветните работни тела на Собранието.

Ќоку упати апел до другите пратеници Албанци, особено на колегите кои го добија мандатот под Коалицијата Влен, да се приклучат на оваа група за да го спроведат до крај мандатот на оние граѓани кои им ја дале довербата.

Тој истакна дека се очекува да им се приклучи и десеттиот пратеник во нивната пратеничка група по оставката на пратеникот Салим Сулејмани. Информираше дека водат разговори со сите пратеници, а особено со тие кои беа во пратеничката група Влен, односно пратениците од крилото на Таравари од Алијансата на Албанците.

Откако пратеникот Салим Сулејмани, од крилото на АА на Таравари, си поднесе оставка и се повлече од пратеничката функција, сега Алијанса на Албанците има 5 пратеници во актуелниот парламентарен состав, од вкупно 14 колку што има коалицијата ВРЕДИ.

Несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ почнаа пред повеќе од еден месец кога Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.

Таравари имаше и една средба со премиерот Христијан Мицковски, по која премиерот кажа дека со или без Таравари во Владата, таа е стабилна, цврста и со големо мнозинство.

ЕУ воведува нов систем на границите кој ќе важи и за македонските граѓани

илустрација
илустрација

Претставници на полското претседателство со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент постигнаа договор околу Предлог-регулативата за управување со границите, со што ќе им се овозможи на земјите членки постепено да почнат да го воведуваат дигиталниот Систем за контрола на влез и излез (ЕЕС) на надворешните граници на Шенген зоната.

„Благодарение на овој договор, земјите членки ќе можат да го користат новиот систем за управување со границите со регистрација на влезот и излезот во Шенген зоната на државјани кои не се членки на ЕУ. Ова е добра вест и ќе ги поддржи нашите напори да ги одржиме нашите граници безбедни“, изјави полски министер за внатрешни работи и администрација Томаш Сиемонијак.

Претставничката на ЕП, белгиската европратеничка Асита Канко оцени ЕЕС системот претставува важен чекор кон обезбедување на надворешните граници на ЕУ и ќе им овозможи на патници кои легално влегуваат во Шенген зоната да не се соочуваат со непотребни пречки.

ЕЕС е систем кој дигитално ќе ги евидентира секој влез и излез во Шенген зоната на граѓаните на трети земји на кои не им се потребни визи за краток престој до 90 дена во ЕУ, вклучително и на македонските државјани.

Според овој нов систем, граничните службеници ќе ги скенираат отпечатоците од прсти на лицата кои ја преминуваат границата за прв пат, ќе ги фотографираат и ќе ги евидентираат нивни податоци од пасошот. Овие информации ќе се чуваат во дигитална датотека, што ќе овозможи точно да се знае кој кога влегол во Шенген зоната со странски пасош и кој евентуално останува подолго од дозволените 90 дена.

„Благодарение на овој систем, земјите од ЕУ во реално време ќе имаат пристап до личните податоци на државјаните на трети земји, историјата на патувања и информациите за тоа дали тие се придржуваат до одобрениот период на престој во Шенген зоната. Како резултат на тоа, ЕЕС значително ќе ја намали веројатноста за измама со идентитет и пречекорување на дозволениот престој“, информира Советот на ЕУ.

Според планот за етапно воведување на ЕЕС, земјите членки во првиот месец по стартувањето на системот ќе бидат должни да регистрираат најмалку 10 отсто од лицата од трети држави кои ја минуваат границата. Дополнително, во првите 60 дена земјите членки ќе можат да го користат ЕЕС и без земање на биометриски податоци.

По три месеци, ќе мора да бидат регистрирани најмалку 35 отсто од лицата што ја минуваат границата, вклучително и со нивните биометриски податоци, а по шест месеци треба да започне целосна регистрацијата на сите државјани на трети земји што влегуваат или излегуваат од Шенген зоната.

Во текот на овој шестмесечниот транзициски период, граничните полицајци ќе продолжат да ставаат печати за влез и излез во патните документи, а по целосното воведување на ЕЕС, ваквата практика ќе престане.

Датумот за старт на пробниот период ќе биде одреден со посебна одлука на Европската комисија, по стапувањето во сила на Регулативата. Постигнатиот договор по Регулативата сега треба да биде и формално одобрен од Советот на ЕУ и од Европскиот парламент, согласно нивните внатрешни процедури.

Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ уште во октомври 2023 година донесе одлука за целосно воведување на ЕЕС системот од крајот на 2024 година. Но, бидејќи овој рок не можеше да биде исполнет, меѓу другото и поради загриженост дека неговото целосно стартување одеднаш би можело да претставува ризичен фактор за отпорноста на ИТ системот, Комисијата лани во октомври предложи постепено воведување на ЕЕС, за кое сега се согласија Советот и ЕП.

Собранието ги констатира оставките на Таравари и двајца заменици министри

илустрација
илустрација

Собранието денеска (20 мај) ја констатира оставката на министерот за здравство Арбен Таравари. Констатирани се и оставките на замениците министри во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фљакрон Беџети и во Министерството за одбрана, Елфет Исмаили.

Заменик претседателката на Собранието Весна Бендевска појасни дека согласно собранискиот Деловник тие имаат право да ја образложат оставката, но, оти до почетокот на оваа 49-та седница не побарале да го направат тоа, по што беа констатирани оставките.

Потоа беше предложен дневен ред на седницата, но, по процедуралната забелешка на Сашко Јанчев од Левица беше дадена пауза во траење од еден час.

Барањето за пауза, како што појасни Јанчев е поради тоа што службите на Собранието и генералниот секретар го игнорираат барањето на Левица за информации за исплатени патни тошоци на пратениците во Собранието поединечно за секој пратеник. Тој најави дека ќе бараат по еден час пауза на секоја седница се додека не ги добијат бараните информации.

Таравари ја поднесе својата оставка на 15 мај, по несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ, откако крилото на АА на Таравари реши на локалните избори да излезе со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.

Алијанса на Албанците има 5 пратеници, од вкупно 14 колку што има коалицијата ВРЕДИ.

Таравари имаше и една средба со премиерот Христијан Мицковски, по која премиерот кажа дека со или без Таравари во Владата, таа е стабилна, цврста и со големо мнозинство.

Уставен ги укина членовите од Изборниот закон со кои се крена прагот за собирање потписи на независните кандидати и листи

илустрација
илустрација

Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.

Законските одредби, за кои на 26 февруари годинава Уставниот суд поведе постапка, значеа дека независните кандидати и листи за да се најдат на гласачко ливче, треба да соберат потписи од еден отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица (ако станува збор за парламентарни избори) или општина (ако станува збор за локални избори).

Оспорен е процентот во членовите 17 и 18 од Изборниот законик. Со тие членови се наметна обврска на група избирачи да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за кандидати за градоначалник или советници во општините или пак за пратеници во Собранието.

Со членот 17 е изменет членот 61 став 1 од Изборниот законик, па така ако претходно беа доволни 1000 потписи за кандидатура, сега со оспорените измени, подносителите на листа за кандидати за пратеници од групата избирачи, добија обврска да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица.

Со членот 18, пак, изменет е член 62 став 1 од Изборниот законик, па сега групата избирачи треба да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за

Во предлог-рефератот судијата известител изрази сомнеж за новите измени од уставна гледна точка, односно дека со нив се повредени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото. Исто така постои сомнеж дека е нарушен политичкиот плурализам како темелна вредност на уставниот поредок уреден со членот 8 став 1 алинеја 5 од Уставот.

Подносители на иницијативата се Лилјана Поповска и други, како група граѓани.

Ваквите измени беа изгласани на 7 март 2024 година и требаше да важат за локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава.

Американскиот Сенат го потврди амбасадорското место во Франција за таткото на зетот на Трамп

Чарлс Кушнер
Чарлс Кушнер

Американскиот Сенат во вторник (20 мај) го потврди за амбасадор во Франција Чарлс Кушнер, татко на зетот на претседателот Доналд Трамп, кого Трамп го помилува откако беше осуден за манипулирање со сведоци и затајување данок.

Сенатот го потврди Кушнер, кој беше номиниран од Трамп, со 51 глас „за“ и 45 гласови „против“.

Сенаторот Кори Букер, кој ја претставува матичната држава на Кушнер, Њу Џерси, беше единствениот демократ кој гласаше заедно со републиканците на Трамп во негова корист.

Сенаторката Лиза Мурковски од Алјаска беше единствената републиканка која му се спротивстави.

Кушнер се изјасни за виновен во 2005 година по 18 точки од обвинението, вклучувајќи даночно затајување, манипулирање со сведоци и давање нелегални донации за кампањата.

Тој помина две години во затвор, што беше најдолгиот можен рок според спогодбата со обвинителите.

На албанскиот остров на бункерите што зетот на Трамп сака да го претвори во луксузно одморалиште
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 0:07:56 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Случајот, предводен од тогашниот генерален обвинител Крис Кристи ги вклучи и срамните детали од признанието на Кушнер дека ангажирал проститутка за да го заведе својот зет, човек кој соработувал во истрага за финансирање на кампањата, а потоа го снимил состанокот и ѝ го испратил на својата сопруга, сестрата на Кушнер, за да ја одврати од сведочење.

Во 2020 година, Трамп го помилуваше Кушнер, чиј син Џаред се ожени со ќерката на Трамп, Иванка.

Потврдата на Кушнер за амбасадор не е изненадување, потсетува Ројтерс.

Републиканците на Трамп имаат мнозинство од 53-47 во Сенатот и ги потврдија сите кандидати на Трамп откако тој го започна вториот претседателски мандат на 20 јануари.

Кушнер на сослушувањето во Сенатот изјави дека ги признава сериозните грешки од минатото и дека тие би можеле да му помогнат да биде подобар амбасадор, бидејќи ја платил цената за лошите одлуки.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG