Џезот како радост во време на светска пандемија

Белмондо квинтет, фото Сашо Димоски

Со осум концерти на македонски, регионални и европски артисти на сцената на НОБ и стриминг на три специјални настапи на американските и норвешките музичари, по сите здравствени протоколи и во дослух со традицијата, од 14 до 17 октомври, се одржа 39. Скопски џез фестивал.

Во времево на светска пандемија кога значителен број на прочуени фестивали и манифестации ги спуштија завесите и без да се обидат да ги кренат, на македонската, на регионалната и, зошто да не, на европската културна сцена и се случи 39-то издание на Скопски џез фестивал. И, тоа безмалку со сите нишани. Со обележјата што го прават еден од големите глобални џез фестивали и случување кое од поодамна успеа да изгради репутација на едно од оние што држи до сопствената традиција и до иницијалната идеја да трага по новите возбуди во импровизираната музика и над се* да едуцира. Дури и тогаш кога за тоа и нема којзнае какви услови. Кога работите изискуваат да се оди по острицата од бричот, да се верува во сопствената храброст која за некои можеби и е повеќе лудост. Конечно да се работи, многу да се работи и наспроти сознанието дека времето е прекратко, дека стилот никако не им прилега на темелните принципи на делување ... и да се верува во невозможното. Стоички.

А, за штотуку завршениот Фестивал, еден познавач со „неколку историски моменти и факти“, веројатно ќе ја даде најточната слика бележејќи го следново: Комплетна програма во четири стандардни денови, по сите протоколи. Ексклузивни стриминг концерти од Њујорк и Осло. Настап на македонски групи и музичари секоја вечер. Онлајн стриминг и пренос на еден од каналите на МРТВ на сите концерти. Промоција на две албумски објави во исто време, а изданија на SJF Records – на Сашо Поповски трио - „Fallen Land“ и на NEXT TO SILENCE. И „можеби најважниот момент – концертите почнуваа точно на време“. Кон ова, кон „оценката“ само уште дека на последната вечер од манифестацијата на Иван Петровски му беше доделена и наградата „Златен Орикс“ што Скопје џез фестивал и Катар ервеис ја востановија пред четири години и чија цел е да ги стимулира младите македонски џез музичари.

Теодосиј Спасов и Влатко Стефановски, фото Сашо Димоски

И, по ваквиот краток сублимат проветрувањето на она што се случуваше во Националната опера и балет го вели следново.
На „отворањето“ уште една од многуте средби на врвот, втора по ред на оваа манифестација за Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов, по онаа кога во 2013 беа солисти со Македонската филхармонија и Кристијан Јарви како диригент во Универзална сала. Инаку, ова беше уште еден од многуте заеднички концерти на двајцата врвни балкански мајстори на својот занает чија соработка влече корен две децении наназад и тогаш амбициозниот проект BALAKN HORSES BAND. Сепак, споменатото воопшто не значи дека тие се заситиле еден од друг, туку напротив како да откриваат нови и нови звучни хоризонти низ кои, на радост на публиката, со леснотија се движат. Како секоја нивна идна средба да е показ за взаемната почит на традициите и музичките јазици, конечно на нивните таленти, нешто што нималку нема допирни точки со актуелниот (и не од вчера туку добро познатиот) политички амбиент во кој во пустина е фрлено уверувањето дека „светот треба да е поле за културен натпревар меѓу народите“ на идеологот Делчев. И, за тоа толку.

И, по едно такво звучно разгалување, на Чикуело како водечки светски фламенко гитарист, феноменалниот пијанист Марко Мезгида и на перкусионистот Пако де Моде, воопшто не им беше тешко да не вовлечат во својот свет на виртуозност, силна емоција и во просторот каде час дозирано, а потем нагласено се допираат фолклорната традиција со класиката и џезот, каде музиката ја има таа моќ да ве фрли на плочниците и плоштадите, крај фонтаните, на преубавата Барселона и да ве натера да му се радувате на мигот, на животот со сите убави нешта и да заборавите на грдотијата што понекогаш знае да ви го плени срцето. Да го сторите на крилјата на музиката бегството до себе и до сопственото пулсирање во жилите. За еден миг како цела вечност.

Матија Дедиќ, фото Татјана Ранташа


А, втората вечер, во четвртокот на 15 октомври, започна со негувањето на уште една традиционална заложба на организаторот – пијано рецитал. Овојпат, на сцената летајќи од Загреб, преку Истанбул и се до Софија, па потем со автомобил до Скопје ... се најде Матија Дедиќ. Истиот оној што на Фестивалот бил два пати во различни комбинации, но овојпат со куфер полн со песни од својот татко – една од големите и не само хрватски, туку и југословенски музички легенди, кантавторот Арсен Дедиќ. Со музиката забележана на албумот за кој во 2016 година доби шест национални награди Порин и потреба да не потсети не само на ликот и делото на авторот, туку и на наједноставен начин да покаже дека тој низ неа може да се движи онака органски, како риба во вода.
Веднаш, по него уште еден специјален фестивалски македонски проект – Тони Китановски и неговиот нов LITTLE BIG BAND. Гитаристот, композиторот, аранжерот и зошто да не диригентот, оној што во шега знае да каже дека „во него свири TINARIWEN“...или уште подобро еден маг каков што е Али Фарка Туре, понуди авторски комплексен и некои би рекле шаренолик проект во кој на суптилен начин се допираат традициите ( локалната, африканската...) но само како иницијална каписла за разсвирување и оригиналност која Китановски го води на едно ново, погорно ниво во неговото творештво. Во случајов, покрај „ол стар“ екипата од македонската џез сцена ( Кирил Туфекчиевски, Трајче Велков, Кирил Кузманов...), тој крај себе го имаше и трубачот Асан Рашид кој со кратките и ефектни солирања на наједноставен начин не потсети на сопствената виртуозност и времето на ЧЕРКЕЗИ од пред деценија и половина.

Тони Китановски со неговиот ЛИТЛ БИГ БЕНД, фото Сашо Алушевски

Со убедување дека несомнено треба да се негува заложбата за експеримент и слободна пловидба на просторот на импровизираната музика во која одбирот може да биде само слика и прилика за нечиј изграден вкус, и во случајов ја имавме убавата можност да густираме една само навидум зачудна понуда. Музика која може да биде фрлена и ваму и таму, да бара одговори дали прилега на едно вакво случување, но која едноставно отвора затворени прозорци во главата.
Ете такви беа најнапред австријците RADIAN како претставници на виенската модерна и не само електронска сцена, туку повеќе како трио кое слободно и без предрасуди плови на просторите на краут-рокот, „флојдовштината“, бучавата, алтернативната музика, репетитивноста, класичните идиоми... „џезот“ - што и да значи во нивниот случај иако се чести гости токму и на ваквите фестивали посебно од онаа страна на Атлантикот. Едноставно Џон Норман - бас, Мартин Сиверт – гитари и електроника и фасцинантниот тапанар Мартин Бранделмаер со несомнена прецисност докажаа дека не случајно нивната музика ја опишуваат како „вистинско поле на тензичност меѓу екстремните динамики, слободните импровизации и прецизните конструкции, како иманентен контраст меѓу меките и острите ноти“.

Мартин Бландермајер, РАДИАН фото: Сашо Алушевски

И, по кратка пауза од ваквиот атак, на сцената се искачи „втората инкарнација“ на СВЕТЛОСТ + ОДРОН РИТУАЛ ОРКЕСТАР, големиот ансамбл оформен како продолжение на успешната авторска соработка на саксофонистот и кларинетистот Нинослав Спировски, контрабасистот Дени Омерагиќ и перкусионистот Кристијан Новковски.
Замислен како отворена платформа за соработка во која се магливи границите помеѓу формалното и слободното и каде музиката во конкретниот проект е плод на оние кои се на сцена, СВЕТЛОСТ + ОДРОН РИТУАЛ ОРКЕСТАР во НОБ, слободно ќе кажам, го потпишаа својот најдобар, нека биде и најамбициозен, концерт досега. Тие беа звучен ураган кој со несмалена жестина им се нафрла на вообичаените термини и загради желен за нови и поинакви возбуди. Креирајќи музика за која може да речете е и слободен џез, пост-рок, електро-акустик...би рекол дури како FIRE ORCHESTRA на нам драгиот гуру Матс Густавсон да сме ги пропуштиле низ балканскиот фолклорен џубокс... момците, во случајов крепени од одличните Петар Христов и Иван Трајановски на саксофони, Благојче Томевски на кларинет, Костантин Хаџи Коцев на пијано, Мартин Георгиевски на електроника и гитара која чии дисторзии напати само допираа до публиката ..., направија концерт со кој може да се гордеат и кој, здравје, може да им донесе идни прилики за настапи на фестивалите во регионов и во Европа. Лет што со невидена енергија и смелост и тоа како го имаат оправдано.

СВЕТЛОСТ + ОДРОН РИТУАЛ ОРКЕСТАР , фото: Зденко Петровски

И, таа низа на успешни концертни настапи на домашните артисти на 39 Скопски скопски џез фестивал беше заокружена во саботата, на последната четврта вечер на манифестацијата со настапот на Сашо Поповски трио кое во оваа пригода го промовираа својот штотуку објавен, патем одличен албум „Fallen Land“. Поповски како џез гитарист со засебен стил на изведба кој само за миг условно ќе ве фрли во прегратка на еден Џон Аберкромби, Бил Фризел, Рај Кудер или поточно Мануел Габлан ..., најде идеални музички собеседници во контрабасистот Иван Бејков и во тапанарот Виктор Филиповски и тројката со елеганција на вистински мајстори нуди звучни слики со чисти линии, сложени структури и развиена фантазија. Ритмички и мелодиски нурнати во автентичната музика онолку колку што треба и со амбиции да се потпише нешто реално свое и допадливо, елегантно и со силно притаена енергија тие во некаде 70-ната минути и прошетки до веќе објавеното и до идното издание докажаа дека се на вистинскиот пат од своето имагинативно и свиречко патешествие.

И, конечно за крај од вечерите во НОБ беа оставени фантастичните BELMONDO QUINTET, бендот во кој покрај браќата Стефан на труба и Лионел на саксафон и флејта, се врвните Лорен Фичелсон на клавир, Силвиан Романо на контрабас и тапанарот Тони Рабенсон. Како екипа со одлична репутација во современиот џез и соработки со великани како Ди Ди Бриџвотер, Мишел Легранд, Гил Еванс, Стефан Грапели... како бенд кој ја „поседува спиритуалната енергија на Колтрејн“, гладни за ваквите убави средби со непозната публика, тие едноставно беа она нешто што ве остава без здив и ве тера во ноќта пред вас да се нурнете со оптимизам што не му прилега на времето што го живееме.

Сашо Поповски трио

Но, ова и не беше се* оти со идеја да бидат очувани и стимулирани убавите врски на организаторот со американските и норвешките џез музичари кои годинава не смееја да патуваат надвор од своите земји, на 39. Скопски џез фестивал му се обистинија и три специјални стриминг концерти. Во њујоршкиот клуб Gallery, специјално брендиран за ваквата пригода, во четвртокот свиреа WILLIAM PARKER TRIO, во саботата саксафонистката Ингрид Лауброк и пијанистката Крис Дејвис, а ден пред тоа – од норвешката престолнина своите звуковни визии екслузивно за публиката од оваа манифестација и своите следбеници ги сподели Тригве Сеим со својот голем ансамбл.
И, што да се каже за ваквата понуда освен дека по нејзиното проследување ви доаѓа да жалите што споменативе не беа тука до вас на неколку метра од партерот за да ја почувствувате сета енергија и имагинативноста што вообичаено знаат да ја дарат. Заедно да ја чествувате радоста на творењето, врутоците виртуозност, слободата да патувате по непрегледните музички хоризонти и да му се радувате на единствениот чин на споделување музика.
Од друга страна, интересно е што ваквата одлука на Оливер Белопета, Костадин Шурбановски и екипата околу Фестивалот им донесе публика што поинаку и не би можеле да ја очекуваат. Можеби и нема да претерам ако Европа, љубителите на џезот, сродните асоцијации ... со радост му се препуштија на стримингот коментуирајќи за понудата и оценувајќи го како вистински погодок, односно идеја како во вакви услови може да и се парира на суровата пандимеска реалност во која се загинаа многу уметници и продуценти ширум светот.Кон ова и фактот, пак, дека со симпатии беше проследено и присуството на 39. Скопски џез фестивал на еден од каналите на МРТВ и дека вака со директните преноси едукативната мисија само доби на тежина. Фрли семе.

Згора, не смее да се заборави дека сево ова мина со доследно почитување на сите пропишани протоколи за ваквите настани и дека случувањето е показ дека се се може доколку се сака и доколку секој одговорно му пристапи – во дадениов пример и организаторот и публиката. Ова, нималку не значи дека не бевме ускратени за некогашната фестивалска атмосфера, за долгите џезерски ноќи, за средбите до раните утрински часови, долгите „анализи“ на свирките...обичните муабети, сето она што еден фестивал реално го прави фестивал. Но, дајте ве молам зарем не треба да победи свеста за здравјето на сите нас и дека само така ќе бидеме во позиција да му се радуваме на светлото кое допира од тунелот и се распостила на сцената и по гледалиштето. На секоја идна уметничка, музичка креација. На суштината во животот каков што си го пожелуваме.