„Катастрофа“. Тоа е одговорот на скопјанката Сузана Ѓуровска, за тоа какви очекувања има за оваа година, во однос на инфлацијата, високите цени, и воопшто, за животот во ек на економска криза.
Има минимални примања кои ги обезбедува со чистење канцеларии. Вели дека е среќна што има синови кои работат и можат да и помогнат, но свесна е дека тоа не е решение. Забележува дека во целиот свет економската состојба не е добра, ама лошо „како овде, не е!“.
„За овие цени сега што се, треба (платата) да е барем 40.000, па да живееш просечно“, вели таа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На почетокот на минатата година минималната плата порасна, од 15.200 на 18.000 денари, но инфлацијата во текот на годината ги изеде овие пари. Слична е ситуацијата и со просечната плата , која според последните податоци од Државниот завод за статистика, стигна нешто над 33 илјади денари.
Видете и ова: Храната на берзите поевтинува, во Македонија цените растатТрошоците за живот во ноември пак биле за 19,5 отсто повисоки од истиот месец претходната година, што ја стави земјава на врвот на Европа во однос на инфлацијата. Според Еуростат, повисока инфлација имаат само Унгарија и Балтичките држави – Естонија, Литванија и Летонија, каде таа се движи меѓу 21 и 22 проценти.
Ова практично значи дека она што можела да го купи Ѓуровска за 10.000 денари во ноември 2021 година, една година ја подоцна чинело 12.000 денари.
Дополнителен проблем за неа е и енормниот раст на цените на храната, за која статистиката покажува дека одат барем половината од примањата на просечниот граѓанин, или далеку повеќе кога се работи тие што живеат на минималец. Па така, ако за леб таа месечно трошела по 1000 денари во 2021-ва, лани во ноември веќе и требале 1450 денари.
2023 - година на продолжена инфлација
Анализирајќи ги случувањата на економски план минатата година, трендот ќе продолжи и годинава, децидни се економистите.
Според професорот Борче Треновски, од Економскиот факултет, инфлацијата ќе биде присутна и во претстојниот период, но не со брзината со која галопираше лани.
„Претстои намалување или минимален економски раст на економијата во периодот кој доаѓа, но меѓутоа од друга страна би имале и позначајно намалување на нивото на цените кои ги имаме. Се надеваме дека во првиот квартал на 2023 година ќе имаме и позначително намалување на инфлацијата“, вели Треновски.
Сепак, и покрај очекувањата за пониски цени, во време на намалена економска активност, советува институциите да преземат мерки за да се заштитат најранливите категории. Според него неопходни ќе бидат таргетирани мерки поради тоа што буџетот кој го има државата е ограничен, а долговите растат.
Паралелно со ова, додава дека неопходни ќе бидат и конкретни превентивни мерки преку држење под контрола на цените на енергијата и храната, за да не дојде до ново разгорување на инфлацијата.
За тоа пак што можат да сторат граѓаните за да се заштитат, нема конкретен совет.
„Кога имате раст на цените на храната, а од друга страна расположливиот доход на граѓаните се рони, во таква ситуација тие сами по себе не можат да направат ништо“, искрен е професорот.
Откажување од празните надежи
Здравко Савески, доктор на политички науки и синдикалец кој ги следи економските текови, смета дека пред нас е уште полоша економска криза.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Во тој контекст, граѓаните и работниците, ќе доживеат сериозен удар врз сопствениот животен стандард и тој удар ќе мора да гледаат да го ублажат. Ублажувањето на ударот ќе треба да оди по две линии. Прво да не се задолжуваат за непотребни работи, и да го ограничат купувањето на непотребни стоки, а второ да се организираат и да притискаат на работното место за тоа платите да држат барем чекор со инфлацијата и да го спречат можното отпуштање од работа или праќање на принуден одмор“, вели Савески.
Видете и ова: На хартија можно, во реалноста-тешко остварливо полнењето на државната касаЕдна од најважните работи, додава тој, е откажување од празните надежи.
„Јас пак ќе кажам дека прогнозите, иако може да бидат неточни, кажуваат дека она што го искусивме во 2022 година ќе биде многу скромно во однос на она што не чека во 2023“, укажува Савески.
И најголем дел од граѓаните, исто како и Ѓуровска, не веруваат дека 2023 ќе биде подобра година на економски план. Последната анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажа дека високите цени, нискиот животен стандард и економската ситуација, според граѓаните, се најголемиот проблем во Македонија.
Рекордни 56% од испитаниците одговориле дека во следните две години економијата во земјава ќе се влошува, 30% - ќе остане иста, а само 8% се оптимисти и веруваат дека доаѓаат подобри времиња.
Лоши прогнози и за светската економија
Од Меѓународниот монетарен фонд ММФ, за 2023 година предвидуваат рецесија кај третина од светската економија.
Како што изјави директорката на ММФ, Кристалина Георгиева во интервју за СиБиЕС, 2023 -та ќе биде „потешка од годината што ја оставаме зад нас“. Причината за тоа, како појаснува Георгиева, е „истовременото забавување на трите големи економии, САД, Европската унија и Кина“.
„Очекуваме една третина од светската економија да биде во рецесија. Дури и во земјите кои не се во рецесија, стотици милиони луѓе ќе го имаат тоа чувство“, додаде таа.
Во Македонија пак последните проекциите на Народната банка од октомври, покажуваат дека, поради продолженото дејство на геополитичките фактори, глобалните изгледи за и за економскиот раст, и за инфлацијата се понеповолни во однос на априлските проекции. А сето тоа се прелева и во македонската економија. За годинава прогнозираат инфлација од 8 ‒ 9%.
„Ризиците за проекциите се оценуваат како изразено надолни и се поврзани со надворешното окружување, особено со текот на војната во Украина и (влијанијата) ефектите врз глобалните пазари на примарни производи и врз растот на европската економија. Овој неизвесен глобален контекст уште повеќе ја нагласува потребата за водење претпазливи домашни политики“, заклучуваат од Народната банка.
Во Буџетот за 2023 година пак, растот во земјава е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП.
Економистите сега укажуваат дека ерата на евтини кредити е завршена, а ременот допонително ќе мора да се стегне во 2023 година.