Како пратеник може да поднесам иницијатива за распуштање на Собранието, но сметам дека предвремени избори не се потребни, категоричен е претседателот на законодавниот дом Талат Џафери. Коментирајќи ја неговата неодамнешна изјава дека ќе го распушти собранието доколку нема кворум за одржување на седниците, Џафери повтори дека не гледа потреба од одржување на предвремени избори, потсетувајќи ја притоа опозицијата дека за тоа се потребни претходни подготовки имајќи предвид дека на сто дена пред вакви избори е потребно формирање техничка Влада.
„Нема потреба за предвремени избори. Еве, опозицијата бара предвремени. Нека поднесат предлог за распуштање на Собранието. Ако имаат 61 глас, ќе одиме на предвремени избори. Тоа не зависи од мене. Но, претходно треба да се знае дека има други обврски, а таа обврска е 100 дена пред избори да има техничка влада, според договорот од Пржино“, рече Џафери, на денешниот брифинг со новинарите, последен пред годишниот одмор на пратениците.
Видете и ова: Илинден, празник кој (не) обединуваПрвиот човек на Собранието не одговори конкретно на прашањето дали има проблеми во владината коалиција, ако се земе предвид фактот што во последно време е проблем да се собере парламентарното мнозинство, поради што беше принуден да ги прекинува седниците. Да потсетиме дека поради немање услови за работа, изминатиот петок не се изгласа дневниот ред поради што Џафери ја прекина 79 седница, по што, на разговор беа повикани претседателите на политички партии од парламентарното мнозинство. На средбата со лидерите на парламентарното мнозинство не присуствувале Африм Гаши од Алтернатива и Павле Трајанов од ДС.
Не е прашање на еден политички субјект за да го потенцирам, вели Џафери и додава дека кога односите во извршната власт имаат проблеми во врска со политичките договори коишто ги имаат, тие треба да ги решаваат меѓу нив, а не во законодавниот дом.
„Ако сметаа дека Собранието е местото каде што ќе поставуваат ултиматуми за некакви си нивни меѓусебни барања коишто ги регулирале со договорите за коалицирање, грешка се. Мене политички договори не ме интересираат. Овде сме дојдени за гласање на закони“, рече спикерот Џафери.
Видете и ова: Нов изборен модел за поодговорни пратенициЏафери не сакаше да коментира ништо околу законските процедури за уставните измени и референдум во врска со европскиот предлог кој го бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека е прерано за конкретни одговори поврзани со овие теми.
„Нема материјал за да се изјаснам. Опозицијата хипотетички прави ситуација,“ истакна претседателот на Собранието.
Тој уште еднаш ги повика пратениците да се однесуваат одговорно кон својата работа и кон граѓаните, истакнувајќи дека нивно право и обврска е да бидат присутни на седниците.
Честите отсуства на лидерите на ДУИ и ДПА Али Ахмети и Мендух Тачи за него не се спорни, бидејќи како што рече, поради партиски обврски, тие не морале да присуствуваат на седниците, но, дека за гласање биле најредовни.
Видете и ова: Измени на Уставот, референдум или избори, што е прво на политичкото мени?Иако Собранието долго време не работеше поради различните политички кризи, па голем број закони се уште чекаат да бидат донесени, во последно време немањето кворум за работа поради отсуствата на дел од народните избраници се честа причина за нервоза кај Џафери кој пак постојано ги повикува пратениците да се однесуваат одговорно и како што вели, да си ја заработат својата плата.
Џафери на средбата со новинарите информираше дека од почетокот на неговиот мандат на 4 август 2020 година одржани се 83 седници со 973 точки на дневен ред. Завршени се 54 седници, додека 29 се незавршени, со 80 точки. Во прегледот тој ја презентираше и работата на комисиите, каде според него се заглавени повеќе закони и покрај тоа што биле исполнети условите и изминати роковите.
Собранието официјално престанува со работа по Илинден, а првите активности се очекуваат од 29 август. Првата редовна седница ќе биде закажана за 13 септември, а дотогаш ќе се одржуваат седници на комисии и продолженија на незавршени седници.