„За прв пат не сум загрижена што син ми ја напушти Бугарија“, изјави Елена, која не сакаше да се користи нејзиното вистинско име, за Бугарската служба на РСЕ, објаснувајќи дека се загрижила откако слушнала за „можна воена мобилизација“.
Таков план или намера не е објавен, а камоли да се разговара или спомнува, од бугарската влада. Како и многу дезинформации денес, оваа никна и се прошири на социјалните мрежи.
Се бори ли македонско-бугарски баталјон во Украина?
Во овој случај, проруски профил на Фејсбук со повеќе од 10.000 следбеници и популарен рапер вдахнаа голем дел од животот на гласините во Бугарија.
Оние што ги шират дезинформациите за мобилизацијата се чини дека се закачија за една вистина: членовите на владата разговараа за ревидирање на законот со кој се бара обука на воените резервисти за време на мир.
Видете и ова: За грст копејки или бујна фантазија - руската пропаганда во Бугарија преку МакедонијаВпрочем, на 18 јануари беше побарано од Уставниот суд да се процени законитоста на ваквиот потег.
Во објаснувањето за потенцијалната ревизија на законот за резервисти, вршителот на должноста министер за одбрана Димитар Стојанов рече дека пресудата може да помогне во расчистувањето на правната нејаснотии за ова прашање што датира од 2016 година.
Оттогаш, бугарските официјални лица велат дека владата не размислува дали да ја врати задолжителна воена служба што беше укината во 2008 година, ниту подготвеност за општа мобилизација.
Изманипулирана вознемиреност
Но, и покрај таквите уверувања дека воопшто не се разговарало за мобилизација или распоредување во Украина, некои Бугари не се убедени. Јордан Халачев, кој има повеќе од 11.000 следбеници на Фејсбук е скептичен за мотивите на владата, пишувајќи саркастично: „Не, тоа не е поврзано со војната во Украина. Владата само прашува!“
На сметката на Халачев се објавуваат исклучиво проруски содржини, кои најмногу се однесуваат на војната во Украина, но и на меѓународните односи воопшто.
Една од оние што ја сподели објавата на Халачев беше Елена, која вели дека во минатото работела како новинарка. Елена негира дека „ја фатила паника“, но особено била загрижена откако во „меѓународниот печат“ прочитала дека мобилизации се случиле на друго место во Источна Европа, иако ниту една земја во тој регион не презела таква акција или не планира.
Разговорите за вовлекување на Бугарија во конфликтот во Украина, па дури и за мобилизација, се појавуваат одвреме-навреме откако Русија ја започна својата целосна инвазија на 24 февруари 2022 година, особено изразена од оние на про-Кремљ страната на политичкиот спектар како ултрадесничарската партија Преродба и нејзиниот лидер Костадин Костадинов.
Видете и ова: Зошто Бугарија ги разочара украинските бегалци?Објавата на Халачев од 19 јануари на Фејсбук беше брзо споделена и раширена, при што едно лице искоментира: „Мелницата за месо се заглави“. Тоа беше пренесено и меѓу групите на Фејсбук со истомисленици.
Налогот по име Николина Михаилова ја објави содржината во 11 такви групи, од кои три имаат над 150.000 следбеници. Гласините за мобилизација беа засилени кога популарниот рапер Станислав Најденов-Спенс во своето шоу на 12 јануари најави дека доаѓа таков потег. „Тие ќе ја испратат бугарската армија во Украина“, им рече тој на илјадници следбеници без да понуди никаков доказ.
Како и сите земји во ЕУ, Бугарија сега има целосно професионална армија со 37.000 лица, покажуваат податоците на Светската банка за 2019 година. Се наведува дека резервниот состав брои околу 45.000.
Бугарскиот премиер Петков веќе не се колеба, ќе испрати воена помош за Украина
Извештајот на бугарското Министерство за одбрана од 2021 година покажа дека значителен број резервисти немаат воена обука. Според сегашниот закон, Бугарите во воените резерви не можат да бидат повикани на обука во мирнодопски услови, бидејќи секоја обука мора да се врши врз доброволна основа.
Низ ЕУ, неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина поттикна преиспитување на одбраната, при што официјални лица во главните градови низ континентот ги доведуваат во прашање способностите на нивните соодветни воени сили.
Војна на социјалните мрежи
Иако точното потекло на гласините за бугарската мобилизација е нејасно, руската војна против Украина исто така се води на интернет, при што Кремљ е обвинет за интензивирање на своите активности за дезинформација.
„Дезинформациите околу големата руска инвазија врз Украина во февруари 2022 година означија ескалација на долготрајните информативни операции на Русија против Украина и отворените демократии“, се вели во работен документ на Организацијата за економска соработка и развој во ноември 2022 година.
Бугарија се покажа како плодна почва за лажни вести, а голем дел од нив, наводно, подметнати и или негувани од актери поврзани со Кремљ.
Видете и ова: Бугарскиот парламент гласаше за испраќање на голема воена помош во УкраинаЗемјата е во политичка неизвесност од јуни 2022 година, кога прозападната влада на премиерот Кирил Петков се распадна по гласањето за недоверба по само шест месеци на власт. Бугарија во април ќе одржи уште едни предвремени парламентарни избори, петти вакви избори во последните две години.
За време на кризата на ковид-19, Бугарија претрпе највисока стапка на смртност во ЕУ поврзана со вирусот, бидејќи стапките на вакцинација заостанаа, делумно благодарение на скептицизмот што го потхрануваа дезинформациите на социјалните мрежи од силите пријателски настроени кон Кремљ.
„Бугарија нуди особено плодна средина за ширење на проруски дезинформации. Нивоата на медиумска писменост се ниски додека комунистичкото минато на земјата ги вкорени проруските ставови во културниот мејнстрим“, напиша бугарскиот сајт за вести Капитал инсајтс во мај 2022 година.
Иако ретко, гласините за мобилизирани граѓани на ЕУ да се борат во Украина се појавија во најмалку една друга земја. Во Чешка, дезинформациите на социјалните мрежи зборуваат за Петр Павел, пензионираниот армиски генерал кој го победи популистичкиот милијардер Андреј Бабиш на вториот круг од гласањето на 28 јануари за да стане нов претседател, дека се подготвува да ги повика Чесите во армијата за да заминат да се борат во Украина.
За време на кампањата, Павел, кој беше претседател на Воениот комитет на НАТО, беше претставен како „војникот“. Не е јасно кој стои зад кампањата во Чешка, а полицијата објави дека истражува. Наводно Бабиш платил за билборди со порака дека Чешка ќе биде вовлечена во целосна војна доколку не биде избран.