Ќе профункционира ли често заглавениот Парламент по годишните одмори?

Пратениците дебатираат во македонското Собрание.

Пратениците по летните одмори ги чекаат десетици блокирани закони во Собранието, а некои од нив заглавени и по две години. Според експерти, причините за ваквата состојба се отсуство на дебатна политичка култура, но и не-вклучувањето на опозицијата во процесите на креирање политики

Изборот на уставни судии и сослушувањето на именуваните амбасадори за неколку земји се само дел од процесите кои долго време се заглавени во македонското Собрание. Над дваесет закони во моментов се блокирани и се чека да бидат усвоени по завршувањето на летните одмори, меѓу нив Законот за прекршоци, Изборниот законик, како и законите за наставници, основно и средно образование кои во ресорната комисија се блокирани околу две години.

Координаторите на пратеничките групи вчера одржаа средба, а според најавите, првата собраниска седница се очекува да биде одржана на 13 септември. Во меѓувреме, собраниските комисии можат да работат на законите кои треба да поминат во прво читање.

Видете и ова: Измени на Уставот, референдум или избори, што е прво на политичкото мени?

Досега за некои седници проблем беше да се обезбеди кворум за усвојување на дневниот ред. Дел закони беа блокирани во собраниските комисии, но и на пленарните седници, а опозицијата од мај годинава започна со активна блокада на Парламентот.

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ главната причина за големиот број блокирани закони ја гледа во отсуството на дебатна политичка култура во Собранието, особено поради тоа што опозицијата не е инклузивно вклучена во процесот на креирање политики и носење на закони.

„Речиси сите амандмани кои опозицијата ги предлага се отфрлаат и тоа креира голема фрустрација и оди против самата функција која треба да ја има Парламентот преку заедничко промислување на законите од различните претставници на граѓаните да се носат најквалитетни закони во јавен интерес“, вели Трошановски.

Законот за прекршоци е поднесен пред две години во Комисијата за политички систем и сѐ уште не е ставен на дискусија. Овој закон е системски и треба да биде усвоен со двотретинско мнозинство.

Не-разгледани стојат и Законот за животна средина, дополнетиот предлог за измени и дополнување на Буџетот и повеќе годишни извештаи на државни институции, како на Антикорупциската комисија и Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Изборниот законик помина прво читање на Комисија, но потоа на пленарна седница пратениците донесоа заклучок да биде отворена јавна дискусија. Оваа процедура Собранието ја користи во ретки случаи со цел поширока расправа за некои прашање, но и покрај тоа дискусијата сѐ уште не е започната.

Одолговлекувањата на процесите ги овозможува и со собранискиот Деловник. За негова промена партиите долго време разговараа во рамки на процесот „Жан Моне“.

Според досегашната практика, некои закони се блокирани во самите комисии поради не-закажување на седници или, пак кога расправите траат многу долго.

Усвојувањето на законите може да биде заглавено кога ќе стигне и во фазата на разгледување на пленарните седници, доколку некои од пратениците поднесат голем број на амандмани или користат други можности, како барање збор процедурално или паузи.

Во сегашниот Деловник недоволно е прецизирано колку може да траат дискусиите на комисиите, освен за две од нив - Комисијата за европски прашања и Комисијата за буџет.

Видете и ова: Протести - Jајца и тоалетна хартија кон Собранието

Трошановски објаснува дека постои поларизација преку моменталните деловнички можности, што создава ситуација во која со „филибастерингот“, одсносно пренатрупувањето со законските амандмани, се користи како инструмент за блокирање на законите.

„Оваа можност преку процесот „Жан Моне“ требаше да биде ограничена и да овозможи ограничени рокови до кога нешто може да се дебатира. Тоа за жал сѐ уште не се ефектуира во нов променет деловник и како можност сѐ уште постои“, вели Трошанвски.

Во моментов, додава тој, Собранието исто така работи на измена на парламентарниот календар, кој на пратениците треба им овозможи предвидливи термини и рокови за тоа кога одредена седница ќе биде закажана или кога некој закон ќе биде ставен на седница, со што сите ќе можат соодветно да се подготват за дискусија и конструктивни предлози.

„Сега сме сведоци на ставање закони на седници, што се вели во минута до 12 или од денесе за утре, што нормално создава одбивност и фрустрација и прави Собранието да не функционира онака како што треба“, вели Трошановски.

Пред почетокот на одморите, на Комисијата за надворешна политика помина кандидатот за амбасадор на САД Зоран Попов, а сослушување сега се чека за кандидатите за амбасадори во Словачка, Канада, Норвешка и Белгија.

Последната пленарна седница пратениците ја одржаа пред летните одмори на крајот на јули, кога беше обезбеден кворум и беа усвоени некои закони.