Вториот концерт од проектот „Филхармонија на отворено“ ги забавуваше сите генерации со култни рок и панк песни во Градскиот парк. Илјадниците посетители слушнаа преработки на песни од „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк флојд“, „Рамштајн“.
Оркестарот ги отсвири аранжманите на песните од диригентот Џијан Емин, а пак со хорот диригираше Сашо Татарчевски, кој е и носител на проектот.
Во рамки на проектот „Филхармонија на отворено“ претходно се одржа концерт „Ну погоди“, со музички теми од култни цртани филмови. Филхармонија ги реализира концертите во соработка со Младинскиот културен центар и Град Скопје.