Јасмина Пијанманова: Музеите треба да се отворат за публиката

Јасмина Мазгалиева Пијанманова, автор на првиот музејски водич за деца „Патување низ времето“

„Патување низ времето“ е насловен првиот музејски водич за деца што како издание на НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица се појави деновиве. Зад него како автори стојат Јасмина Мазгалиева Пијанманова и илустраторката Надица Златкова Митевска.

Јасмина Мазгалиева Пијанманова е музејски водич и етнологист во НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица. Таа е и менаџер во културата, истражувач и претседател на невладината Асоцијација за култура и развој на креативните индустрии КУЛТ-ТРАНЗЕН... и од неодамна автор на публикацијата „Патување низ времето“.

Пијанманова, деновиве излезе од печат првиот музејски водич за деца „Патување низ времето“. Од каде идејата и потребата за една ваква несекојдневна едукациска објава?

- Прашањето за едукација во музеите не е само предмет на теорија на музеологијата, туку станува важен сегмент кај пошироката популација. Едукацијата во музеите влече корени уште од 19 век. Во свет во кој постои многу разновидни работи каде децата можат да се забавуваат, потребно е да се занимаваме со процесот на музејската едукација. Затоа музеите во светот во последната деценија се повеќе обнуваат внимание на различни начини на едукација кои го вклучуваат локалното население во склад со нивните потреби и интересирања. Во склад со светските трендови преку овој водич сакаме да ја доближиме постојната поставка кон најмладите посетители. НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј – Струмица има постојана поставка која се состои од археолошки, историски и етнографски дел и наши најбројни посетители се деца на возраст до 13 години. Еден од поголемите предизвици е како да им се приближи презентираното културно наследство на овие посетители. Поставката не е прилагодена на најмладата популација и објаснувањата што ги содржи се на стручен јазик кој е туѓ за оваа публика и затоа беше потребно да се креира мал музејски водич прилагоден за нивната возраст. Музејот како институција која има за цел да го штити и презентира културното наследство треба да ги освои сите целни групи подеднакво. Затоа ова целна група треба добро да го спознае музејот како институција и музејот да ги освои нив преку добро осмислена презентација на артефактите кои ги презентира. Во овој водич за деца е собран мал дел од материјалот кој е презентиран во музејската поставка и преку детска интерпретација во вид на прикаска и цртеж им се презентира на најмладите посетители. Водичот исто така ќе служи и како алатка и на родителите и педагозите кои заедно со децата како нивни придружници се чести посетители во поставката на музејот. Ако сакаме да развиваме публика во нашите институции тоа треба да го правиме преку едукации и презентации. Најважно е уште од најмали нозе да ја развиваме културата за посета на институции од културата.

Што практично подразбира ова илустрирано издание? Колку тоа ќе им помогне на најмладите полесно да ги откријат музеите и на тој начин да стекнуваат нови и нови знаења?

- Овој илустриран водич за деца треба да и помогне на најмладата популација за која е и наменет да се запознае со основните поими од областа на музеологијата и уште од најрана возраст да стекне љубов за културното наследство што го поседуваме. Се разбира само ако зборуваме на јазикот на кој децата размислуваат така и ќе ги освоиме и ќе вродиме љубов во нив. Тоа ќе им помогне не само да се дознаат себеси како индивидуи, туку и да го дознаат „другиот“. Само на овој начин ние можеме да ги негуваме нашите вредности и вредностите на „туѓото“ културно наследство кое оставило белег и во нашата традиција, култура и јазик и останало на овие простори.

Главен јунак во овој водич е едноокиот мачор Марко. Како со илустраторот Надица Златкова Митевска дојдовте до него? Што велат првичните реакции на неговото присуство? Дали на тој начин полесно ќе се постигне пожелуваната комуникација помеѓу авторите на водичот и пошироката публика, пред се децата и сите оние што во душата се чувствуваат така?

- Мачорот Марко е нашиот жив јунак. Тој е жив јунак, наш музејски мачор, ние го негуваме, го галиме и пазиме и секогаш е тука пред музејот и ги пречекува нашите посетители. Тој е без едно око, дури и си го нарекуваме преживеаниот „стоти Самоилов војник“. Сакавме комуникацијата помеѓу книгата и публиката да биде на еден инвентивен начин вклучувајќи некое трето лице да зборува со нив, но тоа лице да биде нешто што на децата ќе им вроди блискост, а тоа се животните. Се разбира бидејќи мачорот е овде секојдневно со нас. Може и лично да се види и запознае кога ќе не посети публиката. Искрено, кога им ја даваш книгата на децата и кога тие доаѓаат во допир со неа најпрвин го забележуваат мачорот. Но не само децата, туку и возразните бидејќи во секој од нас се крие нешто детско. Се разбира илустраторот Надица Златкова Митева тоа го направи многу оригинално и морам да и се заблагодарам за креативноста и за истрајноста во овој проект. Исто така овде морам да кажам дека во процесот ми помогнаа и моите колеги кои со нивни фотографии дадоа придонес илустрациите да изгледат што пооригинално. Благодарност и до раководителот на институцијата кој ја препозна идејата и даде се од себе со средствата што ги имавме доделено од Министерството за култура конечно да излезе оваа публикација на виделина.

Генерално може да речеме дека нам на сите ни недостигаат информации за музејската дејност и воопшто за заштитата на културните добра. За зачувување на традицијата. Затоа, сметате ли дека е ова еден убав пример што треба да биде следен во „реоткривањето“ на музеите и на вистинските вредности?

- Институциите кои се бават со заштита на културното наследство и неговата презентација морам да кажам дека се обременети со многу други активности. Музејската дејност со години беше и се уште е на маргините и не може да се носи со светските трендови за тоа како треба и како може да се презентира културното наследство пред публиката. Во земјите од Европа, па и во нашето блиско опкружување (Србија и Хрватска) постојат цели одделенија кои исклучиво се занимаваат само со тоа. Кај нас стручните лица не можат да се занимаваат и со истражување и со едукација, но и да сакаат треба да поминат низ специјални обуки. Не секој е спремен да работи со публика. Сега во ова време на пандемија се повеќе се оди на презентација на културното наследство преку специјални платформи и 3D прошетки. И многу важно што треба да се каже е дека музеите треба да се отворат за публиката. А за да се отворат треба што повеќе да знаеме како да комуницираме со неа и како публиката да ја вклучуваме во нашите приказни кои сакаме да бидат раскажани. Само така и на тој начин може да ги презентираме вредностите што ги имаме по нашите музеи. Тоа се иновативните методи кои се користистат и кои се прифатливи во музеологијата.

Ако ова е првичниот исчекор, каква ќе биде натамошната иднина на „Патување низ времето“ ?

- Ние сме среќни како институција што конечно го имаме првиот првенец. А знаете секогаш е најтешко да се креира нешто за почеток. Веќе кога е креирано, тоа само може да се надоградува. Се разбира нема да застанеме овде тоа е само почеток, желни сме и за нови творби. Се надевам дека ќе биде препознаено ова и од надлежните институции кои ги прифаќаат нашите програми за работа и дека ќе дадат поголеми парични средства за да можеме нашите идеи да ги реализираме покомотно.

Јасмина Мазгалиева Пијанманова и самата ќе забележи дека водичот е резултат на изминатиот едногодишен пандемиски период од нашите животи. Со оглед дека и натаму продолжуваме да „живуркаме“ во слични услови, што е она што како задача, какао културна мисија, си го поставува пред себе во оваа 2021 година?

- Пандемијата за жал си го направи своето. 2021 година исто така е посветена на приближување на нашето културно наследство кон младата популација и пошироката публика. Еве прв пат овде ќе кажам овде дека нашата институција НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица е добитник на грант од Еразмус + програмата во делот на иновативноста. Проектот се нарекува „DIGI Heritage Now“ каде заедно со колегите и младите од нашата општина треба да работиме на дигитализација на нашето културно наследство преку креирање на 3D прокеции. Во овој проект сме влезени како партнер организација од Македонија и го реализираме заеднички со институции од Бугарија и Романија.Но не само институционално, јас како индивидуа сум активна во полето на културата и вонинституционално и секогаш работам на надополнување на онаа „празнина“ која недостасува во делот на културата и уметноста во нашата држава, особено во помалите градови.