Пекол на Земјата: шумски пожари од Југоисточна Европа до Сибир

Пожарите уништуваат огромни подрачја на шуми

Невообичаено високите температури и силниот ветер предизвикаа огромни пожари во делови на југоисточна Европа и Русија, предизвикувајќи жртви, штети од стотици милиони долари и евакуација на илјадници луѓе.

Топлотниот бран низ јужна Европа, помогнат од топлиот ветар од Северна Африка, доведе до пожари од медитеранскиот брег на Турција до Балканот.

Во Бугарија, двајца шумски работници загинале, а уште еден бил повреден во обидот да се справат со шумските пожари кои се шират низ целата земја. Две лица загинаа и во шумските пожари во Албанија и на Косово.

Пожарите ги покажаа слабите македонски капацитети за справување со кризи

Во Грција, стотици пожарникари се во трка со времето за целосно да го спречат пожарот во предградието на Атина, кој уништи или сериозно оштети десетици куќи, принудувајќи на евакуација илјадници луѓе.

Видете и ова: Минатиот месец беше трет најтопол јули во светот забележан досега

Пожарот во близина на Атина предизвика спорадични прекини на електричната енергија и крена облаци чад над грчката престолнина, намалувајќи ја видливоста и загадувајќи го воздухот што ги натера здравствените власти да издадат предупредувања до луѓето со тешкотии во дишењето да останат во затворени простории.

Грчките власти наредија голема евакуација на островот Евија во близина на Атина. Повеќе од десетина села веќе се евакуирани од овој остров, при што 85 луѓе беа спасени со брод од плажа.

Температурите од над 40 Целзиусови степени и силните ветрови разгореа повеќе од 150 пожари во различни области во земјата во последните денови.

Две села беа евакуирани во средата во регионот Пелопонез, бидејќи беснее пожар во близина на археолошкиот локалитет на древната Олимпијада. Местото, каде олимпискиот пламен го започнува своето патување до градот домаќин на модерната Олимпијада, е една од најпопуларните туристички атракции во Грција.

Два големи пожари во Грција, температури до 43 степени


„Пожарникарите извршија клучна работа, се бореа со кошмарните пожари во приградските шуми“, рече премиерот Киријакос Мицотакис за време на посетата на мобилниот контролен центар во таа област, додавајќи: „Немавме загуба на човечки животи. Куќите ќе се обноват, а со текот на времето шумата повторно ќе порасне“.

Во Сибир беснеат големи шумски пожари

Екстремните временски услови, исто така, предизвикаа смртоносни пожари во Турција и во Италија.

Во турскиот медитерански регион, пожарите траат веќе осум дена, при што загинаа најмалку осум луѓе, а селаните и туристите се евакуирани. Во приморската провинција Мугла, една термоцентрала и станбените области околу неа беа евакуирани, бидејќи пожарот ја зафати внатрешноста на централата. Властите соопштија дека се преземени мерки на претпазливост и во електраната Кемеркој.

Големите пожари во Турција ги принудуваат локалните жители и туристите да бегаат

Турското министерство за одбрана упати два брода на воената морнарица за да се користат за евакуација на луѓето преку море, доколку е потребно.

Официјалните лица велат дека 187 пожари во Турција се под контрола, а 15 се сѐ уште активни.

„Нема да можам да ги видам шумите што ќе бидат засадени. Можеби и моите деца нема да ги видат. Нема повеќе дрвја“, вели Ресит Јавуз, жител на Мармарис во провинцијата Мугла.

Најмалку осум загинати во пожарите во Турција

Владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган е критикувана за одговорот на пожарите. Ердоган пак изјави дека шумските пожари се глобална закана, како и пандемија на ковид-19 и тероризмот:

„Целиот свет во моментов се соочува со овој предизвик, кој е како терористичка закана“, рече тој, додавајќи дека над 50 хеликоптер и 20 авиони биле ангажирани во гаснење на пожарите.

Според официјалните податоци, најмалку осум лица загинаа во пожарите во јужна и југозападна Турција од 28 јули. Се предвидува дека топлотниот бран ќе продолжи во Турција и Грција до крајот на неделата.

Видете и ова: Шумски пожари на Сардинија, Франција и Грција испратија помош

Во Италија, пожарникарите гаснеа седум големи пожари во Сицилија и јужните региони, користејќи авиони на некои места.

Поради ширењето на разорните шумски пожари на истокот на Русија, службите за итни случаи добија дополнителна помош од војската. Руското министерство за одбрана соопшти дека дополнителна техничка опрема ќе биде доставена до изолираната сибирска република Саха, позната и како Јакутија.

Властите велат дека 173 пожари сѐ уште беснеат во регионот и дека ситуацијата останува тешка.

Повеќе од 2.500 припадници на итните служби се обидуваат да спречат пламенот да се прошири во неколку села каде што густ чад ја покрива областа. Пожарите во Јакутија опфатија површина од повеќе од 8.000 квадратни километри, соопштија властите.

Пожарите уништуваат огромни подрачја на диви шуми во Русија секоја година, а еколошките активисти вината за влошување на ситуацијата ја префрлаат на климатските промени.