Штркови во февруари, прерано цветање - какви опасности носи претоплата зима

Март во Скопје

Македонските граѓани ја живеат една од најтоплите зими. од проблеми со вода за пиење, намален принос на земјоделските култури, па се до зачестени невремиња - ова се дел од последиците кои се очекуваат од ваквото време.

Топлата зима ги израдува граѓаните, но ги загрижи земјоделците и научниците. Македонија ја живее една од најтоплите зими во последните седумдесетина година, откако започнаа редовните мерења на температурите. Или како што забележува професорот Ивица Милевски, од Институтот по географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, многу веројатно е да биде и „рекордно најтопла зима“, со оглед на тоа што календарски и остануваат уште десетина дена, во кои нема најави за посериозен студен бран во Македонија.

Видете и ова: Невремињата стануваат безбедносна закана

Па така, кокичињата расцветаа уште во декември, а штрковите среде февруари почнаа да се враќаат од југ, дури и во ладниот крушевски регион. За тоа сведочи Тони Богески, земјоделец од крушевското село Врбоец кое годинава не виде снег.

„Сите се чудат, првпат се случува ова нешто. Многу е рано, многу, многу рано. Поднебјето си е, традиционално, треба снег да падне, да фати барем дваесетина дена студ. Студот е како една дезинфекција, и на воздух, и на вода и на се“, вели Богески.

Се согласува дека во ек на економска и енергетска криза се заштеди на греење, но на подолг рок е загрижен - што ќе следи пролетва и летото. Работи тутун и има повеќе декари лешници кои поради топлото време веќе се „разбудени“.

Ако стегне мраз до крајот на март, отиде цел род од дрвјата, вели крушевскиот земјоделец.

Сушата и невремето како две сестри

Загриженоста ја дели и билогот Кирил Арсовски-Пржо. Појаснува дека ваквите зими ги менуваат животните циклуси на растенијата и ги ставаат под ризик при нов студен бран, се случува рано будење на инсектите пред да имаат доволно храна, но и предвремено будење на животните кои презимуваат.

„Оваа зима беше многу под сонце, што влијае на директно вадење на влагата од почвата. Овие сушни периоди, може да доведат и до посушна пролет, што директно условува појава на привремена или постојана суша. Оваа суша, во Македонија, во оваа климатска област, знае да доведе до големи поплави и временски непогоди, затоа што сушата и невремето се две сестри“, укажува биологот.

А сетоа тоа, додава, би резултирало со „катастрофална или многу намалена реколта на земјоделските површини“, особено на културите што се одгледуваат на отворено.

Исто како и крушевскиот земјоделец Богески, Арсовски се согласува дека студот е потребен на ова поднебје. Да ги уништи микроорганизмите кои паразитираат и врз човекот и врз растенијата и другите животни.

„Во тие периоди на сува студ на некој начин се врши природна стерилизација на почвата, на растенијата, со цел да се помогне еволутивно, растенијата напролет да имаат подобра можност за успех“, додава тој.

Во три децении температурите двојно пораснаа

Токму стравот од сушата, засилен поради отсуството на снег годинава, е меѓу најголемите проблеми од претоплата зима, смета професорот Милевски кој редовно ги следи сателитските мерења за климата, фокусирајќи се на Македонија. Тој забележува дека глобално затоплување се одразува и на овие простори, но досега не било толку изразено во зимските периоди.

„Мала количина врнежи, посебно снег. Тоа отсуствува овој зимски период, и прашање е доколку нема посериозни врнежи и кон крајот на зимскиот и почетокот на пролетниот период, како ќе се снаоѓаме и каква ќе биде состојбата со вода, вклучително и со вода за пиење“, предупредува професорот.

Објаснува и дека климата бара рамнотежа. Па така, кога има претопла зима, се очекува „незгодна“ пролет или лето со чести невремиња или студени бранови.

„Секако тоа треба да не загрижи. Статистички имаме се потопли и потопли зими и се пожешки лета“, вели професорот.

Минатото лето во Македонија беше многу жешко. Летото 2022 година пак е најтопло лето досега во Европа, а измината година е втората најжешка година на континентот, според европските научници. Службата на ЕУ за климатски промени „Коперник“, која ги мери податоците од 1950 година, потврди дека последните осум години беа осумте најтопли во светот. Тие исто така додаваат дека планетата сега е за 1,2 степени Целзиусови потопла отколку во прединдустриската ера како резултат на климатските промени предизвикани од човекот.

Во последните три децении, температурите во Европа се зголемија повеќе од двапати од глобалниот просек. Во комбинација со недостигот на дожд, жештините предизвикаа суша, која според првичните анализи, е најлоша во Европа во последните 500 години.

Македонија без локален план за адаптирање поради климатските промени

Според биологот Арсовски, Македонија каска зад развиениот свет, без независна институција за следење на климатските промени и без насоки за надминување на последиците. Вели дека единствено што се прави, е што дел од институциите собираат податоци.

Забележува дека отсуствуваат локални научни истражувања кои ќе ни помогнат да го предвидиме влијанието на климатските промени во нашето поднебје.

Видете и ова: Планот за справување повторно доцни, сушите и поплавите не чекаат

И професорот Милевски смета дека имаме моќ да направиме промени, на долг рок преку зелени политики, на пократок- со пошумување на голините и изградба на мали вештачки акумулации.

„Шумите заедно со вештачките акумулации можат соодветно да придонесат, особено во лето, да дојде до некакво разладување, а во зима да доведе да се акумулира поголемо количество вода“, појаснува професорот.

Решение - мали акумулации

Во крушевско Врбоец, размислувале за ова и направиле план за мала земјена вештачка акумулација, како мала инвестиција по примерот на ваквите акумулации во Италија. И самиот Богески бил на разговори со властите за нејзина изградба, за да се помогне на селото околу наводнувањето, но и адаптирањето на климатските промени. Немало слух кај властите.

„Во селото проект за вештачка акумулација, ама тоа во некоја друга држава. Во оваа нашава, тешко“, разочаран е крушевскиот земјоделец.

Македонија е потписничка на повеќе меѓународни договори за климата. Но, на локално ниво отсуствува координација, пари, кадар и технички ресурси. Ова го забележаа државните ревизори во еден од последните извештаи за мерките за климата, кои укажуваат дека и во законските одредби нема јасна дефиниција за климатските финансии и климатско означување на буџетот.

Така на пример, во земјава уште во 2003 година е формиран Национален комитет за климатски промени, но во пракса тој не функционира и неговото постоење е од формална природа, наведуваат ревизорите.

За дел од проблемите се навестува дека ќе се надминуваат со нов Закон за климатска акција, кој се очекуваше да биде готов лани. Засега има само предлог текст. Исто така, иако со години се најавува, се уште не е донесен ниту Националниот план за адаптација на климатските промени, за полесно управување со ризиците во стратешките области како воздух, вода, отпад и јавно здравје.