Од една страна Кина вели дека нема ништо против проширувањето на ЕУ, дека не ѝ пречи што Македонија сака во Унијата, што Западен Балкан му е наклонет на Брисел. О друга страна, пак, доаѓаат сериозни пораки.
„Чувајте се од кинеското влијание“, ѝ порача на Македонија американскиот државен секретар Мајк Помпео од Охрид. „Пекинг сака слаб Балкан“, предупреди поранешниот висок американски функционер Вес Мичел. Поранешниот еврокомесар Јоханес Хан гледа можна опасност во кинеското влијание на Балканот.
Овие пораки не се од вчера, а се почесто го слушаме и прашањето „Крие ли нешто финансискиот џин од истокот зад своето економско „ура“ на Балканот?
Аналитичарите велат дека Пекинг на Балканот доаѓа со инвестициски фондови и дека не треба никој да се изненади ако тие фондови дојдат со политички врски прикачени за нив.
Политички опаш
„Кога носите кинески пари добивате и кинеско влијание. Но, не е само Кина, Сите три земји, Русија, Турција и Кина играат т.н. балканска игра“, предупреди неодамна поранешниот американски генерал Весли Кларк.
На иста линија е и поранешкиот европратеник, Јелко Кацин.
„Кина за мали пари купува се што за неа има смисол и продира во економијата“, вели Кацин.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео, неодамна ја објаснуваше таа стратегија на Кина.
„Тоа е стратегија на масовно кинеско подмитување за договори за инфраструктурани градби“, рече Помпео за време на неговата балканска турнеја и предупреди дека некои од кинеските договори ги следат заеми, што земјите од Балканот може да ги турне во должничко ропство.
Видете и ова: Балканското оро на источните сили
Слаб Балкан, освен на Русија, е главната цел и на Кина, порача поранешниот помошник државен секретар на САД, Вес Мичел, во рамки на самитот на „Економист“.
"Кина ги злоупотребува пазарните закони за да се наметне како светска сила. Сето ова го прави преку Балканот, бидејќи овој регион е физичката врска помеѓу Кина и Европа“, порача Мичел.
Кина не сака поделен, туку слаб Балкан
Експертот Дејвид Шулман од „Меѓународниот републикански институт, вели дека, за разлика од Русија, Пекинг не сака внатрешни поделби на Балканот, туку негово оддалечување од ЕУ и Америка.
„Резултатот од кинескиот економски наплив во Западен Балкан е собирање потенцијални политички средства за влијание, засилување на нелибералните лидери и закана за поткопување на демократскиот развој и оддалечување на регионот од ЕУ и Америка“, вели Шулман.
Кинеските инвестиции во инфраструктурни проекти не се само економско, туку и политичко прашање, и Македонија мора да балансира помеѓу потребата од инвестиции во инфраструктурата, својот јавен долг, но и помеѓу интересите на ЕУ и САД, кои не секогаш се на иста линија која се работи за економската соработка со Кина.
Во рамки на иницијативата 16+1, Кина досега има инвестирано околу 9 милијарди евра во земјите од Централна и Источна Европа, но само мал дел од тие пари завршија во Македонија. Со кинески кредити се градат автопатите Миладиновци – Штип и Кичево - Охрид, кои ги следеа низа контроверзии.
Проф. Петковски: Да се внимава на политичката димензија
Професор Михаил Петковски од Економскиот факултет во Скопје вели дека земјава треба да биде заинтересирана за кинеските, како и за сите други инвестиции, но мора да се внимава и на политичката димензија.
„Треба да се има предвиде дека и прашањето на инвестициите има и политичка димензија и за неа политичарите треба да водат сметка. За економистите ситуацијата е јасна и чиста, но во политиката не е секогаш така еднозначно и кристално јасно“, вели тој.
Видете и ова: Балкански играчи од Истокот – Малку пари за многу политика?
И еврокомесарот Јоханес Хан не ја крие загриженоста.
„Некои балкански држави земаат големи кредити од Кина за инфраструктурни проекти со што се зголемува ризикот од долгорочна штета по нивните слаби економии. Влијанието на Пекинг би можело да стане дополнителен извор на нестабилност. Можеби ја преценивме Русија и ја потценивме Кина, а на двете треба да им дадеме соодветно место“, изјави Хан.
„Кинеските инвестиции во инфраструктурата на Западен Балкан ја поттикнуваат и онака раширената корупција во регионот. Западнобалканските држави често морале да донесуваат посебни закони за кинески проекти за да ги задоволат барањата на Пекинг да се договорат директно со владите. Тоа создава нејасни празнини и исклучоци во законите и одлага усогласување на регионот со правилата и стандардите на ЕУ“, стои во таа анализа на Институтот за безбедносни истражувања на ЕУ.
Македонски примери
Ова тврдење беше поткрепено со податоци дека до 2017 година кинеските инвестиции во патишта и железница од 5,5 милијарди евра дошле во Македонија, БиХ, Црна Гора и во Србија, така што „кинески компании добивале договори директно од владите, а не преку тендери“.
Во прилог на тврдењето на ЕУИСС посебно се нагласува случајот на кинеската инвестиција во автопатот Кичево – Охрид и оценува дека „тука е утврдена загуба за македонскиот буџет од 155 милиони евра и е откриен скандал во кој се вмешани петмина политичари од претходната влада, меѓу кои и поранешниот премиер“.
Институт на ЕУ наведува и конкретно име на компанија: Кинеската компанија „Синохидро“, која добила договори за работа во Македонија, како што стои во извештајот, „е една од многуте на црниот список на Светска банка“.