Низа прашања за тоа што се случи останаа отворени за случајот со поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразнување Сашо Мијалков, кој го немаше два дена, па сам се пријави во обвинителството. Според Стефан Буџаковски, професор од областа на безбедносните науки и кривичното право, ова беше „една игра која навидум изгледаше дека е договорена“ од почетокот, но, како што вели, испадна дека договорот паднал на крајот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Сериозноста на преземање мерки и распишувањето на локална и меѓународна потерница покажаа дека работите не се баш договорени. Меѓутоа од кога Мијалков се појави сам пред обвинителството веќе тоа зборуваше нешто друго, односно, претходницата адвокати кои беа присутни во обвинителството договорија тој да се појави пред обвинителството да го земе решението“, вели Буџаковски.
Видете и ова: Според Заев, правдата е обезбедена затоа што се појави МијалковРешението кое Мијалков го зема од обвинителство е за домашен притвор, а професорот вели дека и тоа е дел од договорот, кој вели паднал на крајот, а ќе се знае на изрекувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“.
„Оваа игра беше предвидена заради висината на казнената санкција која што ќе се знае в петок“, вели Буџаковски.
Инаку за в петок е закажана пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ за илегалното прислушување во која Мијалков е првоосомничен. Завршните зборови за овој предмет беа минатиот петок, а првите информации во јавноста дека Мијалков не е достапен за полицијата се појавија в неделата.
Два дена потрага и со меѓународна потерница
Обвинителката Вилма Русковска рече дека ги алармирала надлежните откако добила информација од извор дека тој се подготвува за бегство. Потоа два дена се пребаруваа гепеци на автомобили, се затворија излезите на Скопје, беа распишани домашна и меѓународна потерница, а Мијалков пред обвинителството, во центарот на Скопје, без да го забележи полицијата, се појави сам во вторникот.
Но, големината на акцијата со која полицијата го бараше пред тој да се појави, а и распишаната меѓународна потерница, според Буџаковски, е доказ и дека полицијата не знаела каде е тој до вторникот.
Видете и ова: Спасовски: Мијалков е во државата, вината е во системот, а има и кртовиМинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, и пред Мијалков да се пријави во обвинителството тврдеше дека тој е во Скопје, а премиерот Зоран Заев рече дека, самите институции не го најдоа па „нападнаа по блиски, по имот“, и тој сам се пријавил.
„Тоа не е законски предвидено, може да се конфискува имот од лице за кое постои основање сомневање дека сторил кривично дело и од блиски лица, но само кога е врзано за некое кривично дело. Не може по цел имот и на роднини на удрите ако не е извршено кривично дело“, вели Буџаковски.
Далеку од враќање на угледот на владата
Премиерот Заев на вечерната прес конференција рече и дека успешно е завршен случајот од страна на институциите на државата. Сепак, според Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка ваквиот развој на настаните далеку од тоа дека го врати угледот на владата и на системот.
„Пропусти имало и затоа тоа и се случи и не се дадода одговори зошто, како и каде се тие пропусти и тоа ќе остане за решавање во следниот период“, вели Кржаловски.
Инаку од вторникот вечерта поранешниот шеф на УБК е во домашен притвор во скопската населба Водно. И оваа одлука отвори низа прашања, поради тоа што и обвинителката Русковска и премиерот Заев тврдеа дека тој е во бегство, а премиерот тоа го повтори и по неговото појавување во обвинителството. Мијалков пак кажа дека бил болен, со температура над 40 степени, се изолирал бидејќи имал симптоми на коронавирусот, а од кога видел дека го бараат дошол во обвинителството да си го земе решението. Инаку тој имаше коронавирус во октомври, па поради тоа неколкупати беа одложени судските рочишта.