Што најновата наука на ОН кажува за климатските промени?

Египет - Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и други присуствуваат на климатскиот самит COP27 во Шарм ел-Шеик, Египет, 7 ноември 2022 година.

Климатските промени се опасно блиску до излегување од контрола, покажуваат новите истражувања на ОН. Екстренмите невремиња и топлотни бранови ќе стануваат се почести и светот ќе треба да се подготви и прилагоди на потопла планета. Милиони луѓе ќе се соочат со сиромаштија и несигурност со храна, бидејќи погодени се посевите и снабдувањето со вода.

На конференцијата „КОП27“ во Египет делегатите имаат пред себе на располагање децениски истражувања за траекториите на затоплување објавени од страна на Агенцијата на Обединетите нации за климатски науки.

Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) објавува извештаи приближно секои пет години, кои претставуваат глобален научен консензус за климатските промени, нивните причини и нивното влијание.

Минатогодишниот извештај ги опфати главните двигатели на глобалното затоплување и основните елементи на науката за климата.

На тоа следуваа два главни извештаи од оваа година: еден во февруари кој се однесува на тоа како светот ќе треба да се прилагоди на климатските влијанија, од зголемувањето на морињата до намалениот животински свет. И вториот кој беше објавен во април, покажува кои се начините за ублажување на емисиите кои ја затоплуваат климата.

Информациите од тие извештаи покажуваат дека луѓето недвосмислено се виновни за зголемувањето на температурите.

Во минатогодишниот извештај се вели дека климатските промени се опасно блиску до излегување од контрола.

Исто така, претходно ретките екстренми временски услови ќе стануваат се почести, а дека некои региони се поранливи од другите.

Запален автомобил и куќа за време на пожарот во населбата Индијан Фолс во округот Плумас, Калифорнија. Пожарите кои траеа денови во јули 2021 година изгореа повеќе од 190.000 хектари и беа дел од климатската криза што донесе голема топлина и алармантна суша.

Авторте на извештајот за прв пат повикаа на итна акција за ограничување на метанот, бидејќи досега IPCC се фокусираше само на јаглерод диоксид којшто е најзастапен гас кој има ефект на стаклена градина.

Со истекувањето на времето за да се спречи забрзаното менување на климата, авторите сметаат дека вреди да се разгледаат придобивките и недостатоците на геоинженерството или, пак, на интервенциите од големи размери, како што е инјектирање на честички во атмосферата за да се блокира сончевото зрачење.

Во извештајот се вели дека нациите во светот, вклучително и најбогатите, треба да почнат да се подготвуваат за климатските влијанија и да се прилагодуваат на потоплиот свет.

Итна потреба да се прилагодиме на топлотни бранови, невремиња, промена на нивото на морињата

Ледениот брег на западниот полуостров на Антарктикот, каде фоките, китовите, пингвините јадат крил - ракчиња долги неколку сантиметри кои ја формираат основата на синџирот на исхрана во Јужниот Океан. Но, набљудувачите на пингвини велат дека крилите стануваат се поретки на западниот полуостров на Антарктикот, под закана од климатските промени и риболовот.

Веста за руската инвазија врз Украина во февруари го засени објавувањето на извештајот за тоа како светот треба да се подготви за потопол свет.

Во овој извештај се вели дека со оглед на тоа што климатските промени веќе предизвикуваат екстремни временски услови ширум светот, богатите и сиромашните земји сега треба да се прилагодат на овие влијанија, вклучлително на почестите топлотни бранови, посилните бури и на повисоко ниво на морињата.

Извештајот јасно покажа дека различни региони се соочуваат со различни ризици и нуди локализирани проекции за тоа што да очекуваме.

Милиони луѓе во наредните години ќе се соочат со сиромаштија и несигурност со храна, бидејќи климатските промени ги погодуваат посевите и снабдувањето со вода и се закануваат да ја нарушат трговијата и пазарите на труд.

Жените носат предмети спасени од нивниот поплавен дом по монсунските дождови во провинцијата Синд, во Пакистан во септември 2022 година. Повеќе од 1.300 луѓе загинаа, а милиони ги загубија своите домови во поплавите предизвикани од невообичаено обилните монсунски дождови за кои многу експерти ги обвинија климатските промени.

Застрашувачката прогноза за сиромашните во светот повторно ги разгоре повиците да биде формиран фонд за „Загуба и штета“ преку кој богатите нации ќе ги компензираат трошоците настанати од катастрофите поврзани со климата во сиромашните земји.

На овогодинешниот самит за климата, прашањето за загубите и штетите е за првпат дел од официјалната агенда на разговорите во ОН.

„Сега или никогаш“ - индивидуалната акција е важна

Станува збор за „сега или никогаш“, рече копретседавачот додека ги објавуваше наодите од еден извештај кои покажуваат дека само со драстично намалување на емисиите во следните неколку децении ќе може да се спречи затоплувањето да излезе од контрола.

Извештајот покажува како различни сценарија за емисии ќе се претворат во иден пораст на температурата.

Градовите се голем дел од проблемот со емисиите, но истовремено се и извор на надеж и позитивни решенија, се вели во извештајот.

Енергетската транзиција кон обновливи извори на енергија и горива со чисто согорување се движи премногу бавно.

Извештајот го надминува и фокусот кон фосилните горива и производството за да поттикне силна климатска акција во земјоделството, каде што поинаквите методи и подобрата заштита на шумите би можеле да ги ограничат емисиите.

Климатските промени го загрозуваат и економскиот раст, се вели во извештајот во кој за прв пат се истакнува потребата за акција на индивидуално ниво, повикувајќи ги владите да договорат политики за промена на навиките на потрошувачите и транспортот за да се поттикне помалку отпад.