Што може да се заклучи од лидерската средба Ковачевски – Мицкоски?
1. Постои согласност за Уставни измени
2. Евентуална широка владина коалиција
3. Политичка волја за предвремени парламентарни избори
Кои се разликите:
1. За уставните измени:
Ковачевски предлага заеднички да ги изгласаат, а во преодните и завршните одредби да стои дека ќе важат по Втората меѓувладина конференција со ЕУ. Мицкоски бара, уставните измени со кои би се внеле Бугарите во Уставот, да важат на крајот од преговарачкиот процес со ЕУ, односно, кога ќе почне ратификацијата во земјите членки на ЕУ.
2. За широка влада:
Ковачевски предлага во неа да влезе и ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ ќе им отстапи 5 министерски места.
Мицкоски се согласува со евентуално влегување во Влада, но без ДУИ во неа.
3. За предвремени избори:
Ковачевски е за предвремени избори по изгласувањето на уставните измени и отворањето на две, три поглавја од преговорите за членство во ЕУ.
Мицкоски тврди дека уставните измени не можат да поминат во овој парламентарен состав и бара предвремени избори веднаш.
Претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски на лидерската средба ја отворија вратата за уставни измени, но сега ќе се разгледуваат опциите како да се изведат. Двотретинско мнозинство засега нема, но во игра се неколку предлози за кои ќе размислуваат политичарите во наредните денови.
Владејачката СДСМ ја покани во широка владина коалиција опозициската ВМРО-ДПМНЕ и сите останати партии кои се заинтересирани за продолжување на евроинтеграциите. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ делумно го прифати ваквиот предлог, но условува тоа да биде влада во која нема да учествува Демократската унија за интеграција (ДУИ).
По овој предлог за широка влада без ДУИ, одговори министерот за надворешни работи Бујар Османи кој ја прифати „фрлената ракавица “ .
„ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сѐ!“, напиша Османи на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук по завршувањето на лидерската средба меѓу Ковачевски и Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ го поздрави ставот и подготвената на ДУИ за „одење во опозиција“.
„Останува уште ДУИ освен за опозиција да се согласи за одложена примена на измените се до периодот на влез на Македонија во ЕУ, откако ќе се увериме дека нема други условувања за македонскиот идентитет. Сакале-нејќеле догодина ДУИ ќе биде опозиција, но добро е што стануваат свесни,“ се вели во писмената реакција на опозициската партија.
Ковачевски и Мицкоски согласни за уставни измени, но не и за тоа како и кога ќе ги спроведат
Разликите околу менувањето на Уставот меѓу Ковачевски и Мицкоски се во начините кога тие да бидат изгласани во Собрание и кога да стапат во сила.
Мицкоски посочи дека „јасно му кажал“ на Ковачевски дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата стои на ставот дека уставни измени под бугарски диктат на ваков начин и под овие околности нема да поддржи. Но, ќе поддржи менување на Уставот под негови услови - гаранции од ЕУ за спроведување на дел од пресудите за македонското малцинство во Бугарија.
Ковачевски вели дека слушнал промена на „тврдиот став “ на ВМРО-ДПМНЕ , односно дека опозициската партија не е против уставни измени.
За Ковачевски ова не е битка за власт, ниту за собирање на политички поени, туку остварување на стратешки цели. Зато и му предложил на Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ да влезе во широка влада и да добие 5 клучни министерски места.
„Предложив заеднички да го изгласаме отворањето на Уставот со две третини со што практично би гласале сите пратеници кои што го подржуваат европскиот пат на државата во Собранието и веднаш утредента, ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО-ДПМНЕ, за да се обезбеди Влада која обединува,“ изјави Ковачевски.
Мицкоски начелно го прифаќа предлогот, но со свои услови.
„ Јас, пак предложив заедничка влада, без ДУИ, го почнуваме процесот, уставните измени да бидат изгласани, а да важат дури тогаш кога ќе почне ратификацијата на нашето членство во ЕУ, во парламентите на земјите членки. Очигледно е дека сега немаат 80 пратеници за да поминат измените, тогаш логично е да одиме на избори, оти нема ниту една причина зошто оваа Влада да остане на власт“, изјави Мицкоски по средбата.
Според Мицкоски, Ковачевски ова го протолкувал како прекршување на преговарачката рамка, па поради тоа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побарал предвремени парламентарни избори со три можни датуми наесен, а дотогаш да функционира Влада на широко национално единство во која нема да биде ДУИ.
„ Дополнително предложив уставните измени кога ќе се донесат во своите завршни одредби да имаат одредба за важење во моментот на одржување на Втората меѓувладина конференција со ЕУ. Се друго надвор од тоа би било надвор од преговарачката рамка која е донесена со консензус на 27-те земји членки на ЕУ,“ изјави Ковачевски.
Паралелно со разговорите за уставните измени во Владата течат подготовките околу иницијативата за промена на Уставот. Од Владата најавуваат дека за околу 10 дена иницијативата ќе влезе во собраниска процедура.
Кога и како да се одржат предвремените избори ?
СДСМ бара широката владина коалиција со опозициските партии кои треба прво да го завршат процесот околу уставните измени, а потоа да има изборти, ако треба и предвремени, како што бара опозицијата.
„Таа влада ќе го заврши скрининг процесот кој што е во тек, таа влада ќе го затвори процесот на уставните измени и таа влада ќе ги отвори поглавјата како втора фаза од преговарачкиот процес, и дури може и да затвори едно или две од поглавјата кои се дел од првиот кластер фундаменталс, и дополнително истата таа влада бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ќе биде дел од власта и нема да иде од позицијата на опозиција, ќе може да ги организира следните избори“ изјави Ковачевски.
Мицкоски, пак бара техничката влада да ги изготви изборите, а не заедничката.
„ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во неа со тоа што избори подготвува техничка влада, не оваа влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки“, рече Мицкоски.
Детали за кои министерски позиции кому ќе му припаднат при евентуално формирање на широка коалција засега нема. Мицкоски вели дека за тоа не разговарале, а Ковачевски кусо одговори дека нема да ја остапи премиерската фотелја и не одговори зошто само 5-те понудени позиции доаѓаат само до СДСМ а не и од ДУИ.
Мицкоски и Ковачевски не се согласуваат ни околу терминот, кога да се одржат предвремени избори. Ковачевски е за предвремени избори по изгласувањето на уставните измени и отворањето на две, три поглавја од преговорите за членство во ЕУ. Мицкоски, пак тврди дека уставните измени не можат да поминат во овој парламентарен состав и бара предвремени избори веднаш.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
И покрај многу неусогласени ставови и нови услови и Ковачевски и Мицкоски не ја оценија средбата како неуспешна. Не најавија ниту нова лидерска средба.
Ова е втора лидерска средба на која ќе се зборува за внесувањето на Бугарите во Уставот. Лидерите на парламентарните групи на оваа тема дискутираа и на средбата на 7 ноември 2022. Но тогаш немаше консензус за уставни измени.