Шефот на мисијата на ОН за човекови права во Украина ја обвини Русија дека не дозволува пристап до воените затвореници и дека има докази за лошо постапување и тортура врз украинските затвореници.
„Руската Федерација не обезбеди пристап до воените заробеници што се држат на нејзина територија или на територијата под нејзина окупација“, рече Матилда Богнер, шеф на мисијата, на денешната прес-конференција во Женева.
„Ова е уште позагрижувачко бидејќи документиравме дека воените заробеници кои се под власта на Руската Федерација и држени од вооружените руски сили претрпеле тортура и малтретирање“, додаде таа.
Русија пак од стартот на инвазијата негира дека ги мачела или малтретирала воените затвореници.
ОН бараат пристап до руските локации за „филтрација“ во Украина
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека не може да ја коментира изјавата на ОН бидејќи руските власти немаат доволно информации од ОН за тоа на што тие ги засноваат своите наводи.
Според Женевската конвенција на ОН од 1949 година, чии потписници се Русија и Украина, тортура, намерно предизвикување повреди, убиства на заробеници, намерно таргетирање на цивилното население и екстензивно уништување имот без воена потреба, се рангираат како воени злосторства.
Украинските власти соопштија дека од почетокот на инвазијата започнале истрага за околу 32.000 осомничени за воени злосторства.