Чешкиот бизнисмен и сопственик на инвестицискиот фонд ППФ, Петр Келнер, загина во хеликоптерска несреќа во планините во Алјаска, потврдија од ППФ за Радио Слободна Европа.
Како што се наведува во писмената изјава, инцидентот во кој на 27 март загинале 5 лица е под истрага.
„Ги молиме медиумите да ја почитуваат приватноста на семејството Келнер во ова тешко време“, се наведува во изјавата на ППФ.
Во неа се вели дека Келнер имал 56 години и оти тој бил познат по работната етика и креативноста, а дека неговиот приватен живот му припаѓал на семејството. Погребот ќе биде одржан само со членовите на потесното семејство, се додава во изјавата.
ППФ групата на Келнер во октомври 2020 година го презеде мнозинскиот удел во компанијата Central European Media Enterprises (ЦМЕ). Во нејзина сопственост се чешката приватна телевизија со национална фреквенција ТВ Нова и уште над 30 ТВ станици во Бугарија, Чешка, Романија, Словачка и во Словенија.
Видете и ова: Бајден: Кина нема да стане водечка земја во светотЕвропската Комисија ги отфрли предупредувањата на граѓанското општество дека продажбата на ЦМЕ на ППФ би можела да го зајакне влијанието на Кина врз ТВ секторот во овие посткомунистички земји, како и загриженоста поради потенцијалната концентрација на пазарот.
На врската на Келнер со Кина пред преземањето на ЦМЕ предупреди и американскиот републикански сенатор Марко Рубио, но групата ППФ на Келнер ги демантира наводите на Рубио.
Чешкиот бизнисмен се најде во епицентарот на сомневањата за влијанието на Кина во Чешка и кога новинарите објавија дека едно од неговите претпријатија ја финансирала намерата за јакнење на имиџот на Кина во оваа европска држава.
Листата на Форбс на најбогати луѓе во светот, го позиционира Келнер на 68-то место со имот вреден 19,5 милијарди долари. Според наводите на Форбс, богатството почнал да го стекнува во раните 90-ти години на минатиот век, кога основал инвестициски фонд кој го купил контролниот удел во најголемото чешко осигурително друштво за време на неговата приватизација. Во листата на најбогатите влегол и по големите вложувања во финансискиот и во секторот на недвижности, во чии рамки купил и многубројни компании.
Преку сестринската група на ППФ, ЦЕТИН, тој денес е сопственик на телекомуникациска инфраструктура во Чешка, а во 2018 година ги купил од Теленор во пакет операторите за мобилна телефонија во Србија, Црна Гора, Бугарија и во Унгарија.
Во Чешка ЦЕТИН го привлече вниманието на локалните медиуми кога планираше да развие 5Г мрежа во соработка со кинеската компанија Хуавеи, но по бранот критики и прашања кои се однесуваат на безбедноста, во октомври минатата година реши да склучи партнерство со шведскиот Ериксон.
Видете и ова: Иран и Кина ќе потпишат билатерален договорВо Србија, пак, Келнер беше познат како сопственик на Теленор. Државниот телекомуникациски оператор Телеком Србија во јануари годинава потврди дека потпишал договор со Теленор, според кој на оваа компанија, во сопственост на групата ППФ на Келнер, ќе и ја изнајмува својата оптичка инфраструктура.
Доколку договорот биде одобрен од регулаторните тела, Теленор со инфраструктурата на Телеком ќе влезе во областа на интернетот и ТВ содржините како трет голем кабелски оператор во Србија.
Двете компании ги негираа наводите во дел од медиумите и новинарските здруженија во Србија дека целта на нивната соработка е уништување на друг кабелски оператор на пазарот, наведувајќи дека со ова се „зголемува конкуренцијата“.
Во изјава на Репортери без граници во февруари беше оценето дека спогодбата меѓу Телеком и Теленор може негативно да влијае врз плурализмот на медиумите и дополнително да го зголеми државното влијание во медиумската сфера.