Црногорците и дадоа ретка шанса на опозицијата - дали ќе ја искористи?

Поддржувачите на опозицијата слават по парламентарните избори пред Српската православна црква Христово воскресение во Подгорица, Црна Гора, понеделник, 31 август 2020 година.

Има многу работа за триото црногорски опозициски групи да формираат влада, а нивните пароли од типот „режимот падна“ може да се покажат како пребрзани. „Не го потценувајте Мило Ѓукановиќ кога станува збор за маневрирање по изборите“, велат експертите.

„Црна Гора конечно е слободна - тоа е најлесно да се каже“, изјави Перица Јанковиќ, адвокат во Подгорица, еден ден по парламентарните избори на 30 август, додавајќи: „За прв пат, промената на власта е легална“.

Прелиминарните резултати навестуваа мало мнозинство со едно пратеничко место за тројката опозициски сојузи кои ветија дека трајно ќе ја симнат Демократската партија на социјалистите (ДПС) од власт.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Приврзаници на опозицијата во Црна Гора слават по изборите

Големи, бурни толпи се собраа во центарот на Подгорица и другите градови да ја одбележат пресвртница за партиите што му се спротивставуваат на Мило Ѓукановиќ, кој е претседател или премиер скоро 30 години, но чиј огромен предизвик контра Српската православна црква во минатата година го чинеше поддршка во ова главно православна земја со околу 620.000 луѓе.

Лидерите на трите опозициски коалиции - просрпската и проруската „За иднината на Црна Гора“, про-ЕУ, но и про Српската црква „Мирот е нашата нација“ и либералната и граѓански ориентирана „Црно на бело“ - се желни да го искористат моментот од изборните резултати.

Во Црна Гора владеењето на партијата на Ѓукановиќ под прашалник

Тие започнаа разговори за формирање влада што, според нив, ќе ја изведе Црна Гора од пандемијата на коронавирусот и од огромна корупција кон поголем просперитет.

Но, некои експерти предупредуваат дека етно-националните и други поделби во Црна Гора можеби се влошија со изборите во минатата недела.

Не толку блиску

Првичните резултати покажуваат дека ДПС на Ѓукановиќ освоил најмногу гласови (35,1 процент), следена од коалицијата на Здравко Кривокапиќ „За иднината на Црна Гора“ (32,6 проценти), потоа „Мирот е нашата нација“ (12,5 проценти) и „Црно на бело“ (5,5 проценти) коалиции.

Тоа се очекува да им даде на трите коалициски групи комбинирано мнозинство од 41 место во 81-члениот парламент и да ги остави ДПС и нејзините помали партнери да ги контролираат преостанатите 40 места.

Дритан Абазовиќ, лидер на опозициската коалиција „Црно на бело“ за време на интервју за РСЕ, Подгорица, 03.09.2020.

Тоа е како жилет за колекцијата на групи кои никогаш не управувале, ниту заедно, ниту во коалиција.

„Голем дел од опозицијата сака да кажува дека режимот падна. Сè уште не е евидентно дека тоа е всушност она што ќе се случи“, вели Кенет Морисон, професор по модерна историја на Југоисточна Европа на британскиот универзитет Де Монфорт, наведувајќи: „Мислам дека има уште многу да се игра“.

Дачиќ: Ако Србија се мешаше во Црна Гора, резултатите ќе беа поубедливи

Претстојат тешки одлуки за тоа кој од нивните лидери ќе биде премиер и кој може да зазема клучни функции во владата, без оглед на тоа кои треба да бидат нивните приоритети на управување.

Сите тие се против Ѓукановиќ и нивните лидери ветија дека ќе ја задржат соработката со НАТО и ќе останат на патот кон членството во ЕУ, но тука може да завршат нивните сличности.

„Вреди да се каже дека тие избраа да не трчаат заедно во изборната трка. Тие избраа да учествуваат како три одделни коалиции затоа што имаше суштински несогласувања дури и пред изборите“, вели Морисон.

Карти за играње

Патрик Мур, главен политички аналитичар на РСЕ од 1977-2008 година, се согласува дека „крајно време е за промена“. На крајот на краиштата, вели тој, Црна Гора е единствена меѓу посткомунистичките држави која никогаш не доживеала вистинска промена на власта од падот на комунизмот.

„За ниту една земја не е здраво да има едно единствено раководство на власт 30 години, особено раководство кое имаше многу сериозни скандали“, вели Мур.

Но, тој додава дека нема да биде изненаден ако го види Ѓукановиќ „како вади зајак од шеширот“ против опозицијата. „Не го потценувам“, вели Мур.

Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ

Една од адутите што го има во рака Ѓукановиќ, чиј мандат како претседател завршува во 2023 година, е уставната можност да именува премиер.

Тој има рок од 30 дена по првото заседание на новиот парламент да го даде тој мандат.

ОБСЕ: Изборите во Црна Гора транспарентни, но ДПС со „неправедна предност“

„Опозицијата во основа им порача на Ѓукановиќ и на раководството на ДПС: „Имате два начина: егзил или затвор. Затоа ќе биде многу тешко, да се постигне каков било договор со Ѓукановиќ“, вели Морисон.

Национални идентитети и време

Веќе има знаци дека изборните резултати го поттикнале српскиот национализам, како и свештеничко влијание во Црна Гора, каде што околу една третина од нејзините граѓани се сметат себе си за етнички Срби.

„Славењето на изборите во Црна Гора со масовно покажување на српскиот национализам на улиците во Подгорица само ги отуѓува оние Црногорци горди на својата земја кои сакаат подобра иднина“, објави Дејмон Вилсон од Атлантскиот совет.

Некои луѓе се спротивставија на сугестиите дека просрпските елементи се закануваат да газат по црногорскиот национален идентитет, тврдејќи дека повеќето знамиња што се веат биле црногорски.

Про-српски приврзаници на опозицијата слават пред Соборниот храм на Воскресението Христово во Подгорица, Црна Гора, 31.08.2020.

Но, многу српски знамиња се видени заедно со традиционалните српски поздрави со три прста и песни поврзани со српскиот национализам.

Тоа може да го изеде единството на опозицијата и да ја присили просрпската опозициска коалиција „За иднината на Црна Гора“ во дефанзива, што може да ги чини драгоцено време.

Но, опозициските победници се чини дека признаваат оти часовникот работи забрзано и дека треба да се изградат мостови.

Еден ден по изборите, лидерите на опозициското трио издадоа заедничко соопштение во кое се предлага да се формира влада на „експерти“ - вклучително и поединци „без оглед на нивните политички, верски, национални или какви било други карактеристики“ за да ги преземат функциите веднаш.

„Колку подолго трае оваа состојба и колку подолго треба да се формира влада, да биде наименуван и прифатен премиер, толку е поголема веројатноста тоа да не се случи или да има некаков раскол или расправија во редовите на опозицијата“, вели Морисон.

Опозицијата, според него, може да биде оправдано воодушевена од победата врз партијата која победуваше на сите избори во Црна Гора од 1991 година.

„Но, сега, во студената светлина на денот, тие треба да демонстрираат политичка зрелост што, искрено, не ја демонстрираа или не беа во можност да ја демонстрираат во минатото“, заклучува тој.