Хрватска ИГХ со руски газди веќе наплатила милион евра од тендери

Изградба на автопат Кичево - Охрид

По поништувањето на тендерот за надзор на изграбата на коридорите 8 и 10 кој го доби хрватската фирма ИГХ, за која вицепремиерот Груби изјави дека е во сопственост на Руси, на површина излезе дека институциите и претходно соработувале со нив. Имено, минатата година два тендера вредни милион евра ги добил конзорциум во кој членува и хрватската ИГХ.

Американско-турска авантура за реализација на клучните автопатски коридори 8 и 10 во Македонија уште не почната, се сопна на руски олигарси. Тендерот вреден 27 милиони евра за надзор при изградбата е поништен кон крајот на август затоа што не исплатиле банкарска гаранција на време, но вицепремиерот Артан Груби минатата недела му заблагодари на Господ што зделката не била склучена, затоа што зад хрватската компанија Институт ИГХ што го доби тендерот стоеле руски сопственици.

Но, оваа компанија со, како што вели Груби руски сопственици, е дел од конзорциум кој минатата година од Јавното претпријатие за државни патишта наплатил над милион евра за два други тендера. Тендерските договори се склучени во јули и септември 2021 година, што е речиси половина година пред руската неиспроворицирана инвазија врз Украина по која следуваа санкции за дел од руските фирми и граѓани.

Носител на овие тендери во конзорциумот е велешката фирма „Институт за патишта“ додека другите две фирми членови на конзорциумот се Геотехник од Подгорица и Институт ИГХ од Хрватска.

Првиот тендер - станува збор за јавна набавка вредна 750 илјади евра склучена во јуни 2021 година со јавното претпријатие за државни патишта за изградба на регионален пат кој е спој со автопатот А2 со назив Гарски мост.

Видете и ова: САД го зголемуваат притисокот против корупцијата во Македонија и на Балканот

Вториот тендер вреден 200 илјади евра го добила во септември минатата година за надзор на реконструкција и поставување на фотоволтаици на наплатни рампи на коридорите 8 и 10.

Претставникот на козорциумот од македонско- хрватско- црногорски фирми кои ги добија двата тендера е велешката фирма основана само два месеца пред да го добие првиот тендер од ЈП Државни патишта. Таа е во сопственост на Сотир Ампов, кој според профилот на Линкед ин, е извршен директор во друга фирма на иста адреса во Велес.

Руските пари не биле проблем, туку неуплатената банкарска гаранција

Тендерот што го загуби хрватската ИГХ е „тежок“ 27 милиони евра, а причината е што по две пролонгирања на роковите, не била уплатена банкарската гаранција од 2,7 милиони. Во жалбата на ИГХ до Бирото за јавни набавки која е отфрлена како неоснована, е наведено дека проблемот со уплатата на банкарската гаранција лежел во македонските институции кои постојно одоговлекувале со нови постапки и барања за документи со растегнување на роковите.

По поништувањето на тендерот на 29 август е донесена одлука со која се казнува фирмата со негативна референца, што значи дека во наредни 6 месеци хрватската ИГХ ќе биде на „црната листа“ за јавни набавки.

До објавувањето на овој текст на прашањата на Радио Слободна Европа за тоа како и кога институциите откриле дека зад оваа фирма стојат Руси во соптвеничката структура како и дали имало обиди во тендери да влезе руски капитал не одговорија ниту од Владата, ниту директорот на јавното претпријатие Државни патишта Ејуп Рустеми од кого опозициската Алијанса за Албанците бара оставка.

Кои Руси стојат зад хрватската Институт ИГХ ?

Поништениот тендерот за надзор на изградбата што се уште не е почната го добила хрватска компанија стара 70 години по име Институт ИГХ за која подоцна било утврдено дека во сопственичката структура стои и Русин од Украина, за кој, дел од хрватските медиуми пишуваат дека е наверојатно соработник или агент на разузнавачка руска служба.

Станува збор за Сергеј Гљаделкин Русин од Украина со хрватски пасош кој во изминативе седум години е инвеститор во неколку фирми во Хрватска. Тој е член на надзорниот одбор на хрватскиот Институт за градежништво ИГХ, фирма која конкурираше и го доби тендерот за надзор на изградбата на делниците од Коридорите 8 и 10.

Член на надзорниот одбор на хрватската фирма Институт ИГХ


За него, хрватскиот магазин „Национал“ во март годинава пишуваше дека е поврзан со министерот за градежништво Иван Паладина и дека на нивното прашање дали има врска со разузнавачката ФСБ одговорил негативно. Но, тие се повикуваат и на судски процес во Москва, каде што пред судијата одбил да одговори дали е дел од разузнавачка структура. Балканскиот сервис на Радио Слободна Европа во 2015 година за него пишуваше дека ја поседува фирмата Авену Груп со седиште во Виена, и дека преку неа ги презел ИГХ и Хидроелектра.

Министерот Паладина во период пред да стапи на функција од 2011 до 2019 година бил член на управните одбори во фирмите во кои имал вложен капитал Гљаделкин.

Покрај Гљаделкин во надзорниот и управниот одбор на хрватската ИГХ се наведени и Русите Маријан и Игор Ткач, за кои хрватските медиуми во април годинава пишува дека биле негови партнери во хотелски коплекс и спа центар, како и во храватската Хидроелектра нискоградба.

Директорот на хрватската ИГХ Роберт Петросијан работи во оваа фирма од 2013 година. Во 2016 бил директор на подружницата во Русија, а следната година и на подружницата во Грузија. Како извршен директор на фирмата доаѓа во 2020 година.

Македонија се приклучи кон санкции за Русија по нејзината неиспровоцирана инвазија врз Украина. Според листите на ОН и ЕУ на лица кои се под санкции ги нема имињата на Русите членови на одборот на директори на ИГХ. Според извори на РСЕ од финансиско разузнавање меѓународните рестриктивни мерки не важат за Русите кои живеат надвор од Русија или кои имаат и друго државјанство.

Груби – Фала му на Господа што не се случи зделката

Вицепремиерот Артан Груби во емисија на ТВ 21 изјави дека и добро е што сега го увиделе тоа, па на наредниот тендер оваа компанија нема да има право да учествува.

„Кога проверивме, излезе дека хрватската компанија е во руска сопственост и во Управниот одбор има Руси кои се поврзани со државата,“ вели Груби.

Но, на новинарското прашање кој згрешил во склучувањето на овој договор, вицепремиерот му се заблагодари на Господ што зделката не се финализирала.

„ Никој не згреши… само ви давам ексклузивна информација. Сите средства на оваа компанија беа во руска банка и не успеа да даде банкарска гаранција. Поради тоа, да се изразам малку народски „фала му на Господ што не се случи“, бидејќи можеше да се работи за некакво сценарио за поткопување на Коридорот 8 и договорот со американската компанија, за да успее во реализацијата на овој проект“ изјави Груби.

Според жалбата на фирмата до комисијата за јавни набавки, дел од парите за гаранцијата, во вредност од 1,4 милиони долари биле исплатени преку SWIFT системот преку банка од Обединетите Арапските емирати и во неа не се спомнуваат руски банки кои во тој период се под сакции.

Руско економско влијание врз Македонија

Во ваква ситуација се наметнува прашањето дали постои руско економско влијание во земјава. Ако се погледне мапата на руски фирми во Македонија, доминираат енергетските и рударските компании.

„Лукоил“ поседува 33 бензински станици во Македонија и увезува 7,8 отсто од дериватите во Македонија и држи речиси 14 проценти од малопродажбата.

Во енергетскиот секторот Русија е присутна преку комбинираната централа ТЕ-ТО и БЕГ, кој до минатата година го снабдуваше со топлинска енергија поголемиот дел од Скопје.

Финансиската полиција во 2019 година отвори истрага за компанијата „ТЕ-ТО“ за перење пари, поради сомнеж дека до неа водат трансакции на руски пари кои се предмет на истрага за криминал во Русија.

Според податоците од Централниот регистар, БЕГ и ТЕ-ТО се две компании кои се основани на иста адреса во скопска Гази Баба. Мнозински сопственик на двете компании е фирма која е основана во март 2014 година со назив Битер Холдинг лимитед, покажува кипарскиот централен регистар.

Видете и ова: Владата го презеде парното, за монополот ни збор

Во кривичната пријава која Топлификација ја поднела до Обвинителството е опишана следната шема: „Кипарската Битар Холдинг Лимитед е основана од британската Проџект менаџмент, а нивна мајка фирма е руското акционерско друштво Територијал Генератинг Компани, каде што рускиот Газпром има акциски удел, со што кипарската Битер Холдинг Лимитед е сопственик на 89 проценти на ТЕ-ТО“.

„ Русија досега има неколку начини на влијанија врз земјава. Најмногу влијание кое можеме да го погледнеме е преку економијата, преку Те-То ако се сеќавате, како и обидот да го купат за некои чудни цени Макпетрол, па тие оф шор компании и средства беа пронајдени дека зад нив стои руски капитал, па беше поништен тендерот, да кажеме дека тоа е во сферата на економијата“ вели професорот Методија Хаџи Јанев кој предава на воена академија.

Од 2005 година, рудникот за бакар Бучим стана дел од Солвеј инвестмент групацијата чие седиште е во Швајцарија, со управител Русин, пишува финансискиот портал „пари.мк“.

Во демантот на Бучим е наведено дека во нивната сопственичка структура нема руски капитал.

„Имено, како управители на ДПТУ “Бучим” ДОО Радовиш се јавуваат граѓани со државјанство од Руската Федерација, но тоа не значи дека е руска компанија. Руски капитал не е присутен во сопственичката структура на Бучим. Истовремено и покрај фактот што Солвеј имаше инвестициски и оперативни активности во Руската Федерација, групацијата денес ги прекина своите активности во Руската Федерација. Солвеј инвестмент груп ги осудува дејствијата преземени од руската влада против народот на Украина“, се вели во нивниот демант.

Анализата на финансискиот портал покажува дека 49 македонски компании имаат управител кој е руски државјанин. Се додека тие лица не се на европската листа за санкции, нивното функционирање е легитимно, велат правни извори за РСЕ.

Во владината стратегијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам од 2020 година е наведено дека националните проценки за ризик за перење пари и тероризам од надворешните закани е утврдено дека Русија како држава не е закана за Македонија.