Половина плата за храна и сметки
Во Народната банка на Македонија велат дека има низа фактори поради кои Македонија е поизложена на глобалните шокови.
1. Ние сме една од трговски најотворените економии, со учество на надворешната трговија во БДП од 140 отсто, наспроти 70 отсто отвореност на ЕУ што значи дека надворешните шокови се манифестираат со поголем интензитет.
Според индексот за отвореност на економијата, Македонија е на 25 место во светот и на 15 место во Европа. Индексот означува однос меѓу надворешно трговската размена и бруто-домашниот производ. Трговската размена на Македонија со странство е за 40 отсто повисока од вкупната економија.
2. Структурата на потрошувачката кошница е различна на пример во однос на земјите од еврозоната, односно учеството на прехранбената и енергетската компонента во инфлацискиот индекс е повисоко и изнесува околу 50% наспроти 30% во еврозоната.
Тоа значи дека македонските граѓани најголемиот дел од своите приходи трошат на храна и сметки, и кога тие две работи ќе поскапат, ударот е многу посилен.
Според ССМ, минималната потрошувачка кошница за четиричлено семејство во ноември била 51.714 денари. За храна биле потребни минимум 19.518 денари, а за режиски трошоци 12.983 денари, што е повеќе од половина од минималните трошоци.
На едно четиричлено семејство за живот сега му се потребни 300 евра повеќе од ноември минатата година.
3. Висока зависност од увоз на енергија.
4. Енергетската интензивност на нашата економија е поголема од онаа на европската, односно трошиме поголема количина на енергија за производство на една единици БДП, велат во НБРМ.
Тоа значи дека Македонија троши повеќе струја за помал ефект. Со тоа поскапувањето на струјата повеќе ги зголемува трошоците за производство и ја зголемува вкупната инфлација.
Просечниот БДП по жител во Македонија е околу 6500 американски долари, додека на пример во Словенија е 30 илјади, а во Австрија над 50 илјади долари.
5. На крајот, и преземените мерки за ублажување на растот на цените во различни земји се со различен обем и различна структура и со тоа и нееднакво е нивното влијание врз инфлацијата, велат во НБРМ.
Алчноста на трговците кои ја искористија ситуацијата и неоправдано ја зголемија цената, пред сè на храната, е главна причина за тоа што Македонија има една од највисоките стапки на инфлација во Европа, дециден е економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците за живот во ноември биле за 19,5 отсто повисоки од истиот месец минатата година. Според Еуростат, повисока инфлација во Европа имаат само Унгарија и Балтичките држави – Естонија, Литванија и Летонија, каде што инфлацијата е меѓу 21 и 22 проценти.
На Балканот, инфлацијата во Босна и Херцеговина е над 17 отсто, Црна Гора нешто помалку, Србија околу 15 проценти, Бугарија 14,8, Хрватска скоро 13, Словенија околу 11, Грција 9, а во Албанија околу 8 проценти.
Видете и ова: Просечно семејство со потпросечен животЈовановиќ вели дека инфлацијата во Македонија е убедливо највисока во регионот зашто трговците неоправдано ги зголемија цените, а владата немо гледа на тоа.
„Само за илустрација, во последните 7 месеци, од март досега, цените на храната во Македонија се зголемени за околу 33 отсто, а глобалните цени на храната, според индексот на ФАО (Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации), се намалени за 15-16 отсто. Значи на меѓународните берзи во светот, во последните седум месеци има намалување на цените на храната, а во Македонија има покачување на цените на храната“, вели Јовановиќ.
Тој инсистира дека е потребно ограничување на цени и маржи и инспекции за тоа да се спроведува.
Други економисти со кои разговаравме посочуваат дека не се работи за алчност, туку за инфлаторни очекувања. Бизнисите сакаат извесност, па ако очекуваат да има инфлација, тие почнуваат уште пред време да ги зголемуваат цените за да се заштитат. Исто така, ако граѓаните очекуваат поскапувања, може да почнат да прават залихи, што ќе ја зголеми побарувачката и ќе ги крене цените.
Видете и ова: Инфлацијата ја „јаде“ владината помош за граѓанитеДруг важен фактор е структурата на економијата во земјата, прво дали има доволно енергенси и храна, и од друга страна што произведува, а кои производи ги увезува.
По руската инвазија врз Украина, владата воведе ограничување на маржите на основните прехранбени производи, но по укинувањето на мерките цените драстично се зголемија. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека има вештачко зголемување на цените, а маржите за одредени производи скокнале над 70 отсто. Тој се закани дека владата ќе излезе со список на компании кои енормно ги зголемиле цените, но тоа никогаш не се случи.
Сега, владата ја намали цената на струјата за прехранбената индустрија со надеж дека ќе придонесе за поевтинување на храната, но ефектот на мерката е неизвесен.
Во обид да ја заузда инфлацијата, Народната банка од април ги зголемува основните каматни стапки од 1,25 до сегашната стапка од 4,75 проценти.
Видете и ова: Трговците тактизираат со снижување на цените на прехранбените производиДруги економисти посочуваат дека отвореноста на македонската економија исто така е една од причините за високата инфлација.
Јовановиќ не се согласува дека тоа е главната причина, зашто сите економии во регионот се многу отворени.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Добрата вест е што инфлацијата забавува, а лошата е што цените ќе продолжат да растат, но со побавно темпо. Инфлацијата во ноември е за нијанса пониска од таа во октомври. Очекувањата се дека догодина ќе се намали, но повторно ќе биде висока.
Најголемо месечно покачување на цените имало од април до јуни, кога трошоците растеле за по над 2 отсто месечно. Поскапувањата во ноември во однос на октомври биле 0,5 отсто.
Во Народната банка велат дека најновите проекции за движењата на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци од увозните цени, при што се очекува дека цените на храната и на нафтата ќе забележат пад во текот на наредната година.
Во 2023 година се предвидува забавување на инфлацијата на околу 8 – 9 отсто на годишна основа. Од 2024 се очекува нормализирање на инфлацијата на преткризното ниво.
Инфлацијата во Европа почна да расте уште кон крајот на минатата година поради олабавување на антиковид мерките и зголемувањето на побарувачката во светот, а се засили по руската инвазија врз Украина во февруари годинава.