Фридом хаус: Граѓаните се разочарани од политичките елити

Илустративна фотографија.

Демократијата во Северна Македонија тапка во место, има длабока политичка поларизација и блокада во Собранието која го попречува носењето на закони, а граѓаните имаат се помалку доверба во институциите. Ова се главните заклучоци за земјава во новиот извештај на Фридом хаус. Во сите земји од Западен Балкан граѓаните се разочарани од политичките елити.

Во време кога руската инвазија врз Украина претставува најзначајната закана за европскиот мир од Студената војна наваму, новиот извештај на Фридом Хаус открива загрижувачки тренд на назадување на демократиите во мнозинство од 29-те земји во регионот од Источна Европа до Централна Азија. Организацијата наведува дека само 7 од нив покажуваат знаци на напредок, додека во 11 има назадување.

Северна Македонија е меѓу земјите од Западен Балкан каде граѓаните чувствуваат разочараност од домашните елити кои се противат на демократските реформи, бидејќи со тоа ќе ослабне нивната контрола врз моќта, оценува „Фридом хаус“ – организација со седиште во Вашингтон фокусирана на човековите права и промовирање на демократските вредности. Во извештајот е нотирано дека граѓаните на Западен Балкан исто така се чувствуваат напуштени од меѓународните елити, за кои сметаат дека им недостасува решителност да му дадат приоритет на процесот за пристапување во ЕУ.

Видете и ова: Уставните измени се само една од можните сопки кон влезот во ЕУ

Во Северна Македонија е забележана силната политичка поларизација и парламентарните блокади, за кои во извештајот се вели дека го попречуваат донесувањето на законите на национално ниво. Но, посочено е дека има подобрувања во транспарентноста на властите, граѓанското учество и меѓуопштинската соработка, што според организацијата има позитивно влијание врз демократијата и испораката на јавните услуги.

Политичката поларизација се интензивира

Блокадата на Парламентот веќе долго време ги подрива реформските процеси и нормалниот тек на политичкиот и секојдневен живот во земјата, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“. Но според него, нема изгледи дека политичката поларизација ќе се намали, туку спротивно, дека дополнително ќе се интензивира во наредниот период.

„Секако дека голема улога во оваа поларизација имаат премрежјата од минатото лето и преговарачката рамка, како и претстојните уставни измени коишто треба да се случат во насока на обврските преземени со преговарачката рамка на ЕУ. Мислам дека оваа година нè очекува уште поголемо продлабочување на таа политичка поларизација, токму поради овој аспект. Во делот на парламентарната блокада, секако дека поларизацијата влијае. Постои блокада на одредени закони од страна на пратеници и пратенички групи, меѓутоа мораме да кажеме дека и самите законски решенија неретко се избрзани, површни, не е консултирана или целосно е игнорирана опозицијата, во нив има скриени економски интереси и како такви секако делумно има смисла да бидат блокирани. Позитивен аспект е транспарентноста и граѓанската вклученост на општините и во насока на понатамошно зголемување на децентрализацијата“, вели Трошановски.

Во однос на пристапувањето во Европската унија, во извештајот на „Фридом хаус“ се наведува дека граѓаните на Западен Балкан се разочарани од децениското чекање за приклучување во Унијата. Тие се скептични дека членството во ЕУ е можно во краток рок, но дури и нивните долгорочни надежи се скромни.

Разочараност на Балканот од чекањето за ЕУ

Иако во земјите и натаму има силна поддршка за пристапот во ЕУ, за граѓаните членството во Унијата е повеќе привлечено поради индивидуален напредок, правото на патување, работа или студирање во странство, отколку изгледите за демократски напредок дома, се вели во извештајот.

„Кредибилитетот на Европската унија е нарушен, делумно поради процесот на проширување заради кои земјата треба да прави нерационални отстапки кои немаат врска со Копенхашките критериуми, и колку повеќе овој процес, како што стои во извештајот, се заштити од билатерални прашања, толку повеќе истиот ќе има перспектива и ќе има ефект во смисла на демократизација на општествата. Се дотогаш, луѓето ќе бидат и ќе гледаат на Европската унија како место каде што сакаат да се иселат, а не како Унија и ентитет којшто ќе го подобри нивниот живот дома“, вели Трошановски.

Иселена една петина од жителите на Балканот

Податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) покажуваат дека околу една петтина од населението родено во регионот на Западен Балкан живее во странство, главно во неколку земји членки на ОЕЦД.

„Имајќи ја предвид кризата на доверба што ја претставува овој егзодус, можеби не е изненадувачки што демократските институции продолжија да тапкаат во место во 2022 година“, наведува „Фридом хаус“.

Видете и ова: Руските дезинформации влијаат на јавното мислење за војната во Украина

Земјите во извештајот, кои не се членки на ЕУ, се оценети како хибридни режими позиционирани во сивата зона помеѓу демократија и автократија. Но, сепак за 2022 година добиваат повеќе подобрувања на оценките, отколку опаѓања. Исцрпените процеси за пристапување на Западен Балкан во ЕУ
го засилуваат разочарувањето и ја намалуваат моќта на ЕУ да поттикне реформи, се вели во извештајот. Предизвиците со пристапувањето само се зголемија со додавањето на Босна и Херцеговина, Молдавија и Украина како формални кандидати за членство во ЕУ, наведува „Фридом хаус.“

Демократијата назадува

Во регионот кој се протега од Централна Европа до Централна Азија демократското владеење и оваа година претрпува опаѓање, што е назадување кое се бележи 19-та година по ред. Додека меѓународната заедница беше сведок на целосната инвазија на Москва врз Украина, автократските режими опстојуваа во нивниот домашен напад врз остатоците од институционалната независност на медиумите, локалното владеење и особено врз граѓанското општество, се вели во главните заклучоци на Извештајот.

Инвазијата на Москва врз Украина претставува најголем предизвик за мирот, слободата и демократијата во Европа од крајот на Студената војна, наведува „Фридом хаус“.

„Додека Украинците продолжуваат да се борат за самото постоење на земјата против авторитарен режим со империјални амбиции и геноцидни намери, влијанието на војната минатата година се почувствува во сите 29 земји опфатени со извештајот „Нациите во транзит“ од Централна Европа до Централна Азија“, наведуваат авторите. Резултатите за демократијата во овој извештај се намалени во 11 од 29 земји, а во 7 има подобрувања.

Црна Гора како и Северна Македонија доживеа акутна политичка дисфункција во текот на годината, но оценките за демократијата се движат во спротивната насока, наведува „Фридом хаус“.

Резултатите на Албанија исто така се блиску до оние на Северна Македонија и Црна Гора во однос на демократскиот развој, но анкетите во земјата покажуваат дека Албанците се пооптимисти за потенцијалот на членството на земјата во ЕУ, коешто треба да обезбеди не само економски просперитет, туку и подобри демократски стандарди.

„Демократските институции во Албанија се предизвикани од клиентелистичка партиска политика, заостанатиот процес на судска проверка и неконтролираната корупција“, се вели во извештајот.

Видете и ова: Договорите од Берлинскиот процес заглавени во парламентите

За Србија и Косово се вели дека затегнатите односи меѓу двете земји продолжуваат да го поткопуваат демократскиот напредок, иако во различни аспекти. Во Косово се нотирани „извонредните напори“ на косовското граѓанско општество да изврши позитивни промени во политиката за родово засновано насилство и етничките поделби, но се вели дека тие се засенети во текот на годината од порастот на насилството на северот на Косово со мнозинство српско население, каде што влијанието и активностите на српската влада продолжуваат да ја поткопуваат целосната власт на Косово над неговата територија.

Србија е наведена меѓу земјите каде владејачките партии наоѓаат посуптилни начини да ги заштитат своите интереси, заедно со Грузија и Унгарија каде се прават обиди за манипулација на гласачите и ги сокриваат нивните антидемократски акции зад формалното придржување кон уставните и законските процедури.

Во Бугарија е нотирана „стабилна нестабилност“ каде е наведено дека формирањето на влада се покажува како недостижно и каде има тековни несогласувања околу политичките прашања, како што е повлекувањето на бугарските приговори за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ кои што поттикна гласање за недоверба на владата на коалицијата од четири партии предводена од Кирил Петков. Исто така е наведено дека паралелните несогласувања на бугарскиот претседател Румен Радев за испорака на воена помош за Украина, го принудиле Петков да користи тајни средства за испорака на залихи во Киев.