Франговска: Се додека државата ни е ваква ќе страдаме од синдромот на глумење култура

Ана Франговска, куратор и виш кустос во Национална галерија

Во Национална галерија, од 9 до 19 ноември се одржува Биеналната изложба на 31. и 32. сесија на ликовната колонија „Галичник“, која го третира проблемот на екологијата. Ја подигнуваме свеста и отворено славиме, но и критикуваме – знае да каже историчарката на уметност и кураторката Ана Франговска.

Ана Франговска е историчар на уметност, виш кустос во Национална галерија, куратор на бројни домашни и меѓународни проекти кои провоцираат нагласено внимание, мајка... Таа е жена-вода пред чиј налет попуштаа сите брани. Вистински борец. Згора високо образувана и жедна за нови сознанија. Спремна да говори за сите убави и уште поважно грди нешта во времево на изместени вредности и се некакви минливи калкулации. И, не само тоа туку и да делува. Да твори и да го промовира творештвото. Со визија дека промените на поарно нема сами да ни се случат. Конечно, Ана Франговска е чувар на аманетот на својот татко – уметникот Нове Франговски, творецот на Галичката ликовна колонија.

Последните две сесии на Галичката ликовна колонија го третираат горливиот проблем на екологијата, на заштитата на животната средина и враќање на загубената врска со природата. Успевате ли на овој начин да допрете до свеста на општеството во кое живееме и барем за миг да го иницирате процесот на будење и преземање одговорност за своите постапки?

- Бидејќи уметноста има општествено одговорна улога, сѐ повеќе уметници чувствуаваат потреба и обврка да создаваат дела кои ќе бидат критика, укажување, освестување за горливиот пролем со екологијата, заштитатата на животната средина, екобалансот. Чинам дека состојбата е станата толку алармантна што секоја индивидуа, од своите различни општествени сфери на делување треба да најде модус вивенди и да делува врз подигнување на свеста и иницирање на дебата кон овие прашања. Со двете последни сесии на Галичката колонија и со биеналната изложба поставена во Мала станица допревме многу широки и клучни аспекти од екологиите, за изгубената врска со природата, и за човековата доминација во природниот еко систем кој остава неибришлива девастирачка трага. Ја подигнуваме свеста и отворено славиме, но и критикуваме, на разновидни начини. Најчесто кога ќе се спомене било кое прекрасно планинско село или рурално место, се говори за позитивните аспекти, за природната убавина, за уникатните биолошки видови, за фолклорот, традицијата, градителството... но ретко кој се осврнува врз се погрдите глетки со кои се соочуваме, со особен нагласок, последните години, а тоа се опожарените пејзажи, дивите депонии, неконтролирано фрлање и одржување на хигиената...што секако е само дел од „новиот“ паноптикум на кој не треба да сме горди. Напротив.

Кристијан Јовановски - 31 и 32 сесија од Галичката ликовна колонија

Најголемиот дел од делата на Колонијата се изработени во новите медиуми, како видеа, видеоинсталации, дигитални графики, фотографии, интервенции во просторот, објекти и концептуални слики и графики. Значи ли тоа дека вие през годиниве ја поставивте рамката за натамошно делување?

- Во последните 12 години од делувањето на Ликовната колонија Галичник акцентот е ставен токму на новите медиуми и на визуелен израз во нетрадиционални уметнички форми. Една од причините е потребата од постојано следење на најновите уметнички збиднувања на современата ликовна сцена и создавање на уникатна база која ќе ја продолжи квалитативната линија воспоставена уште од самите почетоци на оваа уметничка манифестација. Уметноста се трансформира и менува, добива нови форми искажани во поинакви медиуми, па оттука и сите манифестации кои го следат равојот на уметноста треба да се трансформираат и прилагодуваат согласно актуелните случувања. Никогаш не ги исклучуваме и традиционалните медиуми, но и кога ги има, тие се ставени во нов и видоизменет контекст, со многу под слоеви на толкување и читање или комбинирани со друга медијалност. Уметноста со порака, секогаш наоѓа начин да комуницира со публиката! Некогаш новите медиуми ја олеснуваат медијацијата, некогаш ја отежнуваат, токму поради директноста која не е обременета со непотребна естетизација. Современоста, актуелноста и квалитетот се на прво скалило кај оваа колонија.

Галичката ликовна колонија е чедо на вашиот татко, уметникот Нове Франговски. Колку вие како негова наследничка, како историчар на уметноста, куратор, успевате на овој начин не само да го крепите неговото дело, туку и да му дадете свој белег? Да одговорите на предизвиците на иднината? Конечно можете ли да ја видите Колонијата некаде напред во времето и колку таа ќе мора да се менува, да биде еластична во поимањето на ликовноста, на творештвото, ако сака достојно да одговори на новиот миг во уметноста. Животот воопшто.

- Аманетот кој го наследив и кој мене ми ја донесе и животната определба – историчар на уметноста, е аманет со кој израснав и без оглед на фактот, што неретко нејзиното одржување значи многу жртви и одрекувања, сепак е нешто што како чедо на мојот татко, а сега моја оставина ја негувам, одржувам, продлабочувам, трансформирам, адаптирам и видоизменувам согласно новото време во кое живееме. Впрочем веќе кажав дека една ваква манифестација подразбира актуелност и уникатност. Во плејадата ликовни колонии кои станаа привлечна занимација на голем број општини, рурални места, групи и поединци, неопходно е да имате знаење, но и визија и мисија во што ќе се издвоите и ќе бидете посебни и препознаени, но не само локално, туку и регионално, па и меѓународно.

Пред 12 години на татко ми му кажав дека треба нешто да менуваме, од година в година, малку по малку да ги имплементиравме новите медиуми, што не беше воопшто лесно. Најнапред едно е да создадеш услови за традиционална ликовна колонија, а друго е за дигитална или ново-медиумска. Импактот врз средината е исто така различен, некој што до пред некоја година доаѓал и гледал и се восхитувал на тоа како една слика или скулптура се создава, сега станува сведок на уметност за која треба да стекне нови сознанија, да се пред-едуцира. Па оттука и таа, едукативна улога ја носиме како обврска што не е лесна, но е добар пат за прифаќање на новите можности и предизвици. Секое повторување на самите себе е тавтологија, а живот во тавтологија е регрес, а не прогрес. Оттука патот е да стремиме напред и да се бориме со предизвиците и препреките кои ни стојат на патот, совладувајќи ги и создавајќи една значајна уметничка архива за генерациите кои доаѓаат.

Клитса Антиноу - од колекцијата „Хербариум“

И, ако актуелната поставка со последниве две сесии е само мал дел од архивата што несомнено ја поседувате, планирате ли можеби поголеми зафати со она што не само како документ постои да ја испровоцирате културната јавност. И, не само дома туку зошто да не и пошироко, во регионот.

- Пред две години имавме голема ретроспектива – 30 години постоење, со која одново го предизвикавме интересот на професионалната и поширока јавност која ги следи уметничките настани и збиднувања. На одбележувањето такви значајни датуми се гледа и просејува квалитетот. Она што вреди навистина си добива свое место. Продолжуваме со исто темпо, создаваме иднина. Следат нови јубилеи, кои со задоволство ќе ги споделуваме со јавноста. Интересот за делата од Галичката колонија е несомнен. Дела од сесиите се претставувани во САД, Шпанија, Португалија, Босна и Херцеговина, Косово. Самата колонија создава плодно тло за многубројни соработки кои се продлабочуваат и се иницијација за нови проекти и споделувања на сработеното со публика од различни земји. Сега работиме на една меѓународна соработка со Грција, Шпанија, Португалија, Австрија на тема уметност на планинарење со подготовка на еден голем европски проект. Ќе ве известиме за резултатите.

Како човек од овој сегмент на општествено делување, па ако сакате и член на Синдикатот на работниците во културата, сметате ли дека државата, нејзините институции, имаат концепт, разбирање... за нејзината улога воопшто? И покрај слаткоречивоста на секоја идна власт и нејзините „заложби“, законите... културата и натаму е на маргините. Монета за поткусурување и пазарење меѓу владејачките партии, далеку од тоа да биде насловната страница? Што треба, според Вас, да се стори за да говориме за систем и поставеност која на културата ќе и овозможи да биде онаму каде што и прилега во едно нормално општество?

- Држава во која има многу сиромаштија, во која луѓе страдаат за леб и основна егзистенција и во која процентот на едуцирано население е многу низок неможе да се пофали со системски пристап кон културата. Сѐ додека културата е фон за политички и дипломатски настани и додека преку неа се пазарат политичките моќници за да стекнат гласачко тело, ниту како нација нема да не биде. Сѐ додека политиката ги делегира менаџерите и влијае врз културните политики во корист на ситни интереси, и не почне да се гледа на културата (заедно со спортот) како на единствен мост за зближување со соседите, регионот, нациите, етникумите, верите, нешто што го определувал/а и го отсликувал/а нашиот идентитет, сѐ дотогаш ќе страдаме од синдромот на глумење култура.

Превработеноста во администрацијата и во јавниот сектор е болест која се прошири и во културата, па со оправдување се покажува на нас - културните работници – генерализирано секако – како на „цицачи“ на државната каса без само одржливост во продуктивниот процес. Но, културата не се создава за материјална корист, барем не онаа вистинската и вредносната. Напротив таа е нешто што не идентификува, разликува и спојува со народите, но и нешто што развеселува, естетизира, анимира, едуцира, критикува, освестува, продуховува на посебен, индиректен и неповторлив начин... Треба една чистка и рационализација, просејување на квалитетот, поставување на јасни критериуми и цели, а потоа концентрација на вистински и препознатливи вредносни резултати. Системска и продлабочена меѓународна афирмација е исто така круцијален аспект во градење на здрави културни политики и меѓународна видливост.

Вие низ годините наназад имате потпишано бројни проекти, изложби што несомнено го предизвикале вниманието на јавноста. Како ги бирате и колку притоа ( па дури и емотивно) длабоко влегувате во нивната подготовка? Од што се водите во процесот?

- Секогаш бирам уметници, концепти, проекти кои ми се блиски до преокупациите и интересите за работа и доволно провокативни за да направат некакво влијание врз публиката, за да ги изместат границите, за да не исфрлат од конфорната зона. Кога нештото што го работите го сакате, тоа ви е и помило за работа и влегувате со страст, предаденост и посветеност. Верувате во него, колку и да тој процес не е едноставен и понекогаш носи ситуации кои ве освестуваат дека сме многу конзервативни како општество. Во таквите мигови се чувствувам поразена како особа, како интелектуалка, како еманципиран граѓанин со демократски видици, но не се откажувам, ја продолжувам борбата за осовременување и поширока едукација во трасирање на патот на слободата на мислата и изразувањето со секој нареден проект.

Дело на Христина Пулејкова од изложбата „Допирот / Нови екологии“ одржана во Национална галерија

Будно ја следите домашната ликовна сцена, но и она што е актуелно во регионов. Во светот. Успеваме ли да бидеме во чекор со тамошните случувања? Што е потребно ( пресудно) за еден по засилен пробив на македонски творец, па дури цела една генерација, на целата ликовна сцена?

- Имаме одлични уметници, автори кои со своите уметнички пристапи можат да стојат рамо до рамо со голем број регионални автори кои заземаат значајна позиција на интернационалната уметничка сцена. За жал ние не сме дел од неа, или не со толкава бројност и интензитет кој го заслужуваме. Зошто е тоа така? Веројатно сите си носиме дел од вината, но најмногу од сѐ, за ваквата позиција виновни се одредени чинители на нашата визуелна сцена кои имаа импакт фактор врз голем број регионални и меѓународни манифестации, институции и индивидиуалци, а кои заради лични убедувања и фрустрации ги скратија крилјата на цела една плејада успешни и плодни македонски уметници, потценувајќи го националното присуство во регионот и пошироко. Нѐ нема на многу значајни пресеци и изложби во регионот, а нѐ нема и пошироко на изложби кои третираат и уметници од Балканот. Навистина жално и пот ценувачко. Но, тоа не значи дека ваквото сценарио не може да се измени. Напротив. Токму таа суштинска креативна политика на меѓународна визибилност е нешто на што треба стратешки да се пристапи, а не е (не)воможна мисија, бидејќи сега тие конци ги држат малкумина индивидуалци кои љубоморно ги чуваат за себе сите ловорики. Оскудниот лоби круг треба да се прошири и да добијат можност за меѓународна промоција сите квалитетни уметници, а особено многубројните млади и надежни автори кои се појавуваат сигурно на нашата сцена.

И, по поставката од последните две сесии на Галичката ликовна колонија, онаа на Горан Деспотовски од соседна Србија, Олег Кулик од Русија, Заке Превлукај од Косово, по исклучително значајниот и обемен меѓународен проект каков што беше „Допирот / Идни екологии“ со учество на уметници како Елпида Хаџи Василева, Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски... работен во соработка со Британскиот совет во земјава и други, што ја очекува Ана Франговска? На што во перидот што следува ќе ги насочи сопствената енергија и креативност?

- Сега сиот фокус ќе го насочам на финализирање на мојата докторска дисертација, обврска која ја одолговлекувам заради тековните активности, но сѐ си има свои рокови и граници, па така крајно време е оваа важна обврска од моето научно наобразување да добие финиш. Темата е многу интересна и современа, токму во контекст со моите изложбени интереси и работа и го третира проблемот на „Трансдисциплинарноста и трансмедијалноста во македонската современа уметност виден во контекст на екологија, политика и технологија“. Од средината пак на 2022 ме чекаат други интересни проекти, како ретроспектива на македонскиот видео арт – или уметност на подвижни слики; потоа големо претставување на меѓународно познатиот албански современ уметник Дриант Зенели, со Националната галерија како ко-продуцент на еден дел од неговата нова трилогија кој треба да се сними во Поштата; ретроспекива на Илија Аџиевски; претставување на еден од најзначајните хрватски уметници и светски познати илустратори – Свјетлан Јунаковиќ во соработка со Ефектива итн.