Во ек на енергетска криза и војна во Украина, Македонија се соочува со највисока инфлација досега, со што несразмерно се намалуваат реалните приходи на сиромашните, се наведува во редовниот есенски извештај за Западен Балкан што ја вклучува и земјава. Оттука, поради ограничениот фискален простор, зголемен јавен долг и трошоци за финансирање, според Светска банка, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите домаќинства и компании.
Како што истакна Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија и Косово преку видео изјава за време на презентацијата на извештајот во Скопје, поддршката на Владата за енергетски ранливите групи е чекор во вистинска насока, но мерките треба да бидат насочени и временски ограничени за да се има што помали фискални ризици.
„Владата на Северна Макеодонија треба дa приоритизира политичка поддршка за енергетскиот сектор. Во исто време фокусoт треба да се насочи кон реформи кои не треба да се одложуваат“ рече Паолучи.
Видете и ова: Додека плаќаа евтина струја никому ништо, сега бараат владина помошСпоред извештајот, таквите реформи вклучуваат мерки за зголемување на нивото на пазарна конкуренција, отстранување на бариерите за влез на бизнисите, подобрување на задржувањето на реинвестирањето кај странските инвеститори, намалување на бариерите за учество на женската работна сила, подобрување на квалитетот на образованието и подигнување на стандардите за управување, вклучувајќи ја и дигитализацијата.
„Тековната криза исто така се провлекува во важноста на забрзувањето на зелената транзиција во регионот, да се оддалечи од карбонот и да се овозможи зелено производство и обрасци на потрошувачка“, додаде Паолучи.
Економската состојбата во сите шест економии на Западен Балкан и понатаму е под влијание на тековната војна во Украина и наглото зголемување на цените на енергијата, како и забавување на глобалниот раст, се нотира во извештајот. Притоа се потенцира дека овие кризи создаваат силни предизвици за регионот, и покрај економскиот раст кој е подобар од очекуваниот од почетокот на годината.
Маџаревиќ-Сјустер: Македонија има најголем пакет помош на Западен Балкан
Сања Маџаревиќ – Сујстер, виш економист на Светска банка и главен автор на извештајот на денешната презентација во Скопје посочи дека Македонија има најголем пакет на фискален одговор за кризата од сите шест земји во Западен Балкан, како поддршка што се дава на фирмите и домаќинствата. Сепак таа нагласи дека вториот пакет на поддршка за кризата треба да биде за најранливите домаќинства и фирми. Притоа забележа дека има владини реформи што не чинат многу пари, ама им треба политичка заложба и имплементација.
„Видовме случај на нов Закон за буџет на кој му требаше две години да помине низ Собранието. Ова е пример од реформите што не чинат пари, но ќе имаат многу посебно влијание во однос на транспарентноста и ефикасноста за користење на јавните ресурси, да се постави соодветен независен мониторинг на фискалната политика и севкупно ќе биде важно заради тоа што ќе имате модернизиран трезор и даночна администрација коишто ќе дојдат во овој процес“, рече Маџаревиќ – Сјустер.
Во однос на справувањето со инфлацијата и воведувањето маржи, Маџаревиќ – Сјустер рече дека Македонија не е единствената земја која воведе одредени ограничувања во однос на маржите, и многу од земјите во ЕУ ја применија оваа мерка. Ова, според неа, е подобра мерка отколку фиксни цени затоа што фиксните цени може да водат кон дефицит на одредени производи.
Она што би можело понатаму да се направи, според неа, се регулаторни реформи каде ќе се зајакне конкуренцијата на локалните пазари заради тоа што некои од маржите се многу повисоки отколку што би биле во случај на многу подобра конкурентност или совршена конкурентност.
Во првата половина на 2022 година економскиот раст предводен од приватната потрошувачка и инвестициитеги надмина очекувањата, а нивото на вработеност достигна историска највисоко ниво во неколку земји до средината на 2022 година, додека стапката на вработеност во регионот сега е во просек 46 проценти што е зголемување од три процентни поени во однос на средината на 2021 година. Сепак, според Светската банка, динамиката на раст сега започнува да забавува во пресрет на се поголемите предизвици.
Повисоките цени на енергијата и храната ја турнаа инфлацијата на ниво незабележано со години намалувајќи ја куповната моќ и деловната доверба. Закрепнувањето на пазарот на трудот почна да забавува со послаба вработеност во услови на висока инфлација и зголемена неизвесност.
Бесими: Потребата од фискална консолидација е поголема од кога и да било
Во својата неделна колумна пак, министерот за финансии Фатмир Бесими ја нагласи потребата до фискална консолидација, односно преземање конкретни политики насочени кон намалување на буџетскиот дефицит и долгот во ек на криза. Тој најави постепена фискална консолидација, која ќе го поддржи економскиот раст. Планот е тоа да се направи преку три механизми - подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување на буџетските расходи како и промени на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит.
Видете и ова: Извештај на ЕУ за Македонија – Спроведување на законите, а не ад хок решенијаБесими очекува предизвикот догодина да биде уште поголем, имајќи ги во предвид проекциите за продолженото траење на кризата, но и старите долгови кои доспеваат за отплата догодина. Само по основ на главнина во 2023 година доспеваат стари обврски во износ од околу 800 милиони евра, од кои 450 милиони евра се однесуваат на еврообврзницата издадена во 2016 година. Притоа, каматите за наредната година изнесуваат околу 240 милиони евра, или вкупно доспеан долг и камати заедно надминуваат милијарда евра.
„Сепак, имајќи ги во предвид сите мерки кои ги планираме во насока на фискална консолидација, ние остануваме на патеката на постепено намалување на дефицитот. Согласно контурите на буџетот за следната година, фискалниот дефицит постепено се стеснува, за да одговори на среднорочните таргети. Очекувањата за следната година се буџетскиот дефицит да се намали во однос на оваа година, со што ќе продолжиме веќе трета година по ред со намалување на дефицитот по 2020 година, односно по ковид-кризата“, заклучува Бесими.
Во анализата на Светска банка се проценува дека оваа година БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Албанија ќе забележат просечен раст на бруто домашниот производ од 3,4 отсто, што е двојно помалку од 2021 година, кога овој раст изнесуваше 7,6 отсто, но истовремено е значително повисока од проекциите за 2023 година, кога се очекува забавување на економскиот раст и пад на ниво од 2,8 отсто за целиот регион.
Годинава највисока стапка на раст на БДП забележа Црна Гора, каде може да заврши на ниво од 6,9 отсто.
Драматичното зголемување на инфлацијата се почувствува и во овој дел од европскиот континент, па таа до октомври достигна просечно 12 отсто за сите земји од регионот.