Филхармонија со два концерта неделава: „Фантазија“ и „Бетовен: Редефиниција“

Евгениј Генчев, славниот бугарски пијанист, со рецитал насловен „Фантазија“ во Филхармонија

„Фантазија“ е насловен рециталот на бугарскиот пијанист Евгениј Генчев што ќе се одржи овој вторник во Камерната сала на Филхармонија, а само два дена подоцна, на 25 февруари, Оркестарот ќе го свири концертот „Бетовен: Редефиниција“, на кој солист ќе биде Јониан Илијас Кадеша од Берлин, Германија.

По само 10-на дена од одржувањето на „24 илјади бакнежи“, концертот на кој поп класиците од минатото ги пееја Благој Нацоски, Светлана Јовановска и хорот ПроАрс а со ансамблот диригираше маестра Дијана Имери Илкоска, во Филхармонија уште два концерта едно по друго. Најнапред овој вторник, на 23 февруари, во 20 часот во Камерната сала ќе го видиме бугарскиот пијанист Евгениј Генчев кој во оваа пригода ќе го изведе рециталот „Фантазија“ составен од дела на елегичниот Албинони и романтичните Шопен и Лист. Само два дена подоцна, пак, во редовниот термин во четврток, ќе се одржи концертот насловен „Бетовен: Редефиниција“, на кој солист ќе биде Јониан Илијас Кадеша од Берлин, Германија, а диригент нам добро познатиот маестро Емил Табаков.

И, кога сме веќе на чекор подолу од основната информација еве што вели пребарувањето на реалноста.

Евгениј Генчев е исклучително познат бугарски пијанист кој со леснотија плива во повеќе стилови и кој е еден од омилените инструменталисти на широката публиката во Европа, Северна Америка, Азија и во Австралија. За своите изведби добитник на повеќе од 50-на национални и интернационални награди на натпревари за пијано. Неговите перформанси биле пренесувани и на телевизиски канали како РТЛ, АРД, ЗДФ, Класик, Мецо и други. Исто така настапувал и на телевизиското шоу на Хајди Клум – „Топ модел“, на фестивалот „ПаРус“во Дубаи заедно со Лука Шулиќ и Филип Киркоров и така со ред.

Од друга страна, Генчев се искачувал и на прочуените концертни сцени во светот како Хофман центар во Њујорк, во Филхармонијата во Минхен, „Алтре Опер“ во Фракфурт, „Бриџвотер хол“ во Манчестер, „Мерцедес арена“ во Берлин, Центарот на национални уметности во Мексико сити, Филхармониската сала „Глинка“ во Санкт Петербург, Националниот центар за изведувачки уметности во Пекинг ...

Последнава сезона настапуваше со Филхармонискиот оркестар во Мексико Сити, со Полската филхармонија „Фредерик Шопен“ во Гданск, со Филхармонискиот оркестар ЛИСМА во Њујорк, со Симфонискиот оркестар во Пловдив... соработувајќи со диригенти како Максимилијано Калди, Аркади Лејтуш, Језус Месина, Жан -Паскал Тортелие и други.

Инаку, Евгениј Генчев пијано учел во Националното училиште за музика и танц „Добрин Петков“ во Пловдив, Бугарија, а едукација ја продолжил на Кралската академија во Лондон и на Интернационалната пијано академија „Incontri col Maestro“ во Имола, Италија. Во неговата биографија ќе биде забележано и дека со успех ја поминал програмата на училиштето за музика и драма „Гилдхол“ во Лондон, Велика Британија.

Од друга страна, пак, во четврток, на 25 февруари, во Големата сала на Филхармонија ќе се одржи концертот „Бетовен: Редифиниција“ на кој како солист ќе настапи виолинистот Јонијан Илијас Кадеша кој доаѓа од Берлин, Германија. Со оркестарот ќе диригира маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата се „Варијации на тема од Хајдн“, опус 56 од Јоханес Брамс и Концерт за виолина и оркестарот во Де-дур, опус 61 од Лудвиг Ван Бетовен.

Виолинскиот концерт во Де-дур опус 61 за виолина и оркестар од генијалниот Лудвиг Ван Бетовен премиерно бил изведен во Виена во 1806 година. Ова е единствениот виолински концерт на славниот композитор и едно од неговите најлирски дела. Напишан е во еден од неговите најкреативни периоди, кога создал многу значајни дела. Му го нарачал виолинистот Франц Клеменет, кој сакал драматично дело за неговиот следен концерт, по што Бетовен го завршил за кратко време, непосредно пред концертот.

И, кога сме веќе тука да кажеме дека дека солистот во Виолинскиот концерт во Де-дур опус 61 на Бетовен на Филхармонија е Јонијан Илијас Кадеша, музичар кој има грчко-албански корени а подолго време работи и живее во Берлин, Германија. За неговата изведба ќе биде забележано дека се карактеризира со „стилска посветеност и егзактна артикулација во интерпретацијата на дела од сите музички епохи. Кадеша секогаш трага по имагинацијата на звукот, постојано барајќи нови звучни хоризонти, истакнуваат критичарите.

Кадеша е добитник е на повеќе интернационални награди меѓу кои и на натпреварите „Виндзор“ и на „Леополд Моцарт“.

Како млад виолнист дебитирал со Шкотскиот камерен оркестар, а потем настапувал и со Ројал филхармоник оркестра, со Новиот руски државен оркестар под диригентската палка на Јури Башмет, и со камерниот оркестар на Европа.

Во 2019 година музицирал и со Атинскиот државен оркестар со кој го изведе Виолинскиот концерт на Никос Скалкотас, кој заедно со дела од Енеску и Равел потем се најде и на неговиот солистички албум. И, кога сме веќе кај дискографските исчекори да кажеме и тоа дека тој заедно со челистката Вашти Хантер го сними и албумот „Патување за двајца“ со дела на Онегер, Скалкотас, Ксанакис и Кодаљ.

Кон ова и информациите дека Јонијан Илијас Кадеша веќе настапува на водечките светски сцени и на познати фестивали во Европа. Во август, 2020 година, по неколку месечната коцертна пауза, тој го отвори фестивалот на „Млади европски класици“ во Берлин.

Настапувал и во Вигмор Хол, во Лувр, со Филхармонијата на Берлин, на фестивалот „Резонанс“ во Белгија... Како солист свирел со повеќе оркестри во Европа, а во неговата концертна агенда за сезоната 2020–2021 година, освен концертот со Филхармонијата на РС Македонија, запишано е дека ќе настапува со Државниот симфониски оркестар од Атина и со камерниот оркестар „Лондон Моцарт плејерс“ со кои ќе го изведе и Концертот бр. 2 за виолина и оркестар од Шостакович.

Да кажеме и тоа дека камерната музика го врзува со познати музичари како што се Марта Аргерич, Стивен Исерлис, Николас Алштед, Илја Григолтс... а тој е со-основач на триото „Гаспард“ со кое музицира во Европа и во САД.

Конечно, Кадеша свири на виолина изработена од Џовани Батиста Гуаданини од 1749 година.