11. Филозофски филмски фестивал во знак на „времето“

Плакатот за 11. Филозофски филмски фестивал

Со проекција на четириесеттина филмови, педесеттина настани и бројни интернационални и домашни гости, од 27 мај до 3 јуни, во Кинотека ќе се одржи 11-то издание на Филозофскиот филмски фестивал, што како организатор го потпишува Филозофското друштво на Македонија.

Филозофскиот филмски фестивал, по минатогодишната пауза предизвикана од реатриктивните мерки за заштита од пандемијата, годинава му се враќа на големото платно и киното како колективно искуство. Иако, сепак „хибридно“. 11-то издание на манифестацијата е предвидено да се случува од 27 мај до 3 јуни во кино салата и, на отворено, во летното кино „Мирно лето“ во дворот на Кинотеката, додека едукативната програма и првата меѓународна конференција „Филозофија и филм“ остануваат онлајн. А, ќе биде во знакот на „времето“.

Единаесеттиот Филозофски филмски фестивал е во знакот на „Времето“, времето кое не одминува, времето кое нè одминува, загубеното време, (џепчиња на) пронајденото време, „Големата Пауза“, рефлексиите и медитациите со самите себе, пoтрагата по насока и ориентација, како индивидуално, така и како човештво – прашања кои сè уште се и ќе бидат со нас. Дали „вајајќи во времето“ во филмот, или спознавајќи се себеси како „битие во времето“ низ филозофијата, времето отсекогаш играло клучна улога во обете, седмата уметност и љубовта кон мудроста, ќе напишат во своето обраќање до јавноста од Филозофското филмско друштво.

Според најавите и ова издание на Фестивалот го чинат седум сегменти: Официјална селекција на долгометражни филмови, Официјална селекција на краткометражни филмови (двете со компетитивен карактер), Ревијална програма: филм-философија, Ретроспектива Тарковски, Едукативна програма, Првата меѓународна конференција „Филозофија и филм“ и Придружна програма.

Сцена од филмот „Атлантида“ на украинскиот режисер Валентин Васјанович

Според тоа, во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм ќе бидат пет филмови: „Атлантида“ на украинскиот режисер Валентин Васјанович - победник во програмата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал, „Вдиши – Издиши“ на грузискиот режисер Дито Ѕинѕадзе, добитникот на Гран при од жирито на филмскиот фестивал во Шангај, „Ѕид“ на полскиот режисер Бартош Груџиецки, „Авива“ - најновиот филм на израелско-американскиот режисер Боаз Јакин и „Проблемот со природата“ на данскиот дебитант Илум Јакоби.

Во официјалната селекција на краткометражни филмови има 21 остварување од држави како Канада, Киргистан, Мексико, Шведска, Данска, Велика Британија, Словенија, Перу, Грција, Португалија, Норвешка, Франција, Египет..., а во натпреварувачкиот дел се најдоа и три краткометражни филмови од македонски автори: „Прашливи цвеќиња“ на режисерот Мирослав Илиќ, „Последната светлина“ на Јован Саркањац и „Кавал“ на Саша Станишиќ.

Како што е планирано, почетокот и крајот на Фестивалот ќе бидат во знак на филмовите од Ревијалната програма: филм-философија којашто се навраќа на филмски класици во заедничка селекција со гостите, професори и истражувачи, односно оригиналното јадро на Фестивалот. На отворањето на 27-ми мај, ќе биде прикажан американскиот нем филм од 1928 година „Толпата“ (The Crowd), за кој видео вовед ќе даде Доминик Шато, емеритус професор по филозофија на Сорбона, Франција. Затворањето, пак, е резервирано за „Хаотичната Ана“ од 2007) и за излагањето на проф. д-р Маја Мухиќ од Факултетот за јазици, култури и комуникација при Универзитет на Југоисточна Европа.

На 28-мај како дел од ФФФ-Doc е превиден македонскиот документарен филм на режисерот Блаже Дулев „Кеиф“ од 2019 година и излагањето на проф. д-р Ристо Солунчев од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и автор на сценариото на филмот, „Македонска музичка епистема“.

Во текот на Фестивалот ќе бидат прикажани и ќе иницираат теми за раговор шпанскиот научно фантастичен филм „Ева“ на режисерот Кике Маило и францускиот „Бети блу“ на режисерот Жан Жак Бенекс. Сите проекции од Ревијалната програма: филм-философија се предвидени да се одржат на отворено, во летното кино „Мирно лето“.

Од друга страна, Програмата „Ретроспектива Тарковски“ посветена на еден од највлијателните руски синеасти од советската ера ќе започне на 29-ти мај со студентските филмови на режисерот. Во рамките на Главната програма ќе бидат прикажани „Убијци“ од 1956 година, па „Нема да има опуштање денес“ од 1959 и „Парното тркало и виолината“од 1960, а ќе продолжи паралелно и од 10 до 20 јуни во Кинотеката и киното „Киноверзум“ во рамките на МСУ “Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе, со проекции на долгометражните „Ивановото детство“ од 1962 , „Андреј Рубљов“ од 1966, „Соларис“ од 1972, „Огледало“ од 1975, „Сталкер“ од 1979, „Носталгија“ од 1983 и „Жртвопринесување“ од 1986.

Рускиот режисер Андреј Тарковски

За долгометражните филмови воведни видео излагања или излагања со дискусија со публиката ќе имаат гостите: проф. д-р Игор Евлампиев (Институт за филозофија при Државниот универзитет на Санкт Петербург, Русија), филмологот д-р Атанас Чупоски, м-р Кирил Трајчев (професор на МСУ „Гаврило Романович Державин“), проф. д-р Славица Србиновска (Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје), режисерот и филозоф, м-р Стефан Палитов, директорот на Кинотека, филмологот Владимир Љ. Ангелов и д-р отец Милан Ѓорѓевиќ (вонреден професор на Православниот богословски факултет во Скопје).

Инаку, едукативна програма започна многу и пред официјалниот старт на Фестивалот. Од крајот на април досега беа огранизирани неколку онлајн работилници за млади на кои средношколците од СОУ „Кочо Рацин“ – Свети Николе, ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје и СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес можеа да дебатираат на теми инспирирани од различни филмски остварувања.

Во овој контекст организаторот на на 11. Филозофски филмски фестивал ја најавува и годинешната Работилница „Фил(м)ософија со деца“ во комбинација со македонската премиера на еден од најинтересните анимирани филмови за деца последниве години, „Патешествието на принцот“ на познатите француски аниматори, Жан-Франсоа Лагиони и Ксавиер Пикар.

Интересно е и тоа што во пресрет на Главната програма ќе се одржи и Првата меѓународната конференција „Филозофија и филм“ ко-организирана од Филозофскиот филмски фестивал и Филозофското друштво на Македонија, Филозофскиот факултет при УКИМ и Факултетот за драмски уметности – Скопје. Конференцијата која беше планирана да се одржи минатата година со физичко присуство на учесниците, како дел од јубилејното 10-то издание на Фестивалот, поради Ковид пандемијата беше одложена за оваа година.

Во рамките на онлајн конференцијата ќе учествуваат професори и истражувачи кои доаѓаат од областа на филозофијата и/или филмот од Хрватска, Словенија, Португалија, Србија, Велика Британија, Турција, Полска, Холандија, Бугарија, Франција, Грција, Соединетите Американски Држави, Ирска и од земјата домаќин Македонија. Тие ќе ја истражуваат врската меѓу филмот и филозофијата од различни интересни перспективи. Конференцијата ќе биде пренесувана во живо на социјалните мрежи на Фестивалот, а ќе биде отворена и за слушатели коишто ќе сакаат директно да се вклучат во вебинарот, преку Zoom платформата на Фестивалот.

ЈОРДАН КОСТОВ КВИНТЕТ

Инаку, како дел од Придружната програма и ФФФ-Doc сегментот, на 18 мај 2021 се случи и кино проекција на отворено, под тремот на Музејот на современа уметност на документарниот филм „Тело на вистината“ на Евелин Шелс. Посетителите притоа имаа можност да уживаат во документарниот филм кој претставува емотивно патување низ биографиите на четири уметници: Марина Абрамовиќ, Сигалит Ландау, Катерина Зивердинг и Ширин Нешат и воведот во филмот на д-р Вангел Ноневски, вонреден професор на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје.

Фестивалот свечено ќе биде отворен на 27-ми мај во 20:00 часот со мини џез концерт на ЈОРДАН КОСТОВ КВИНТЕТ , кој ќе се одржи во летното кино „Мирно лето“, а крајот на манифестацијата на 3-ти јуни очекувано ќе биде означен со доделувањето на наградите.

Годинешното жири за долгометражни филмови во состав: Џон О’Меларка, професор на Катедрата за критички и историски студии на Универзитетот Кингстон во Велика Британија и член на редакцијата на списанието Film-Philosophy, Снежана Младеновска Анѓелков, м-р по уметности од областа на филмската и телевизиската монтажа и наградуван писател и Слаѓан Пенев, професор по филозофија и селектор на програмите Европски филмски перспективи и Земја во фокус при Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, ќе додели „Златен був“ за Најдобар долгометражен филм. Краткометажното жири во состав: Златко Ѓелески, филмски, музички и книжевен критичар и режисер на краткометражни филмови, Глорија Морано од Италија - главен програмер на програмата за млада публика и член на уметничкиот одбор на Luxembourg City Film Festival, селектор на Festival des Cinémas Différents et Expérimentaux во Париз и Владимир Ѓуровиќ, професор по филозофија, истражувач од областа на реториката со фокус на уметноста како средство за масовна комуникација, ќе го додели „Златниот був“ за Најдобар краткометражен филм за 2021 година, како и Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за дебитантски/студентски филм или за филм со социјално ангажирана тема. Покрај наградите од жирито, публиката, исто така, ќе биде во можност да гласа за нејзиниот омилен филм во двете селекции, односно по нејзин избор ќе бидат доделени и наградите „Златен був“ од публиката.