Филипче: Тестови во 14 центри преку матичен, терапија има, 7 излекувани...

д денеска во земјава се отворени 14 центри за тестирање на пациенти за коронавирус, во Скопје тоа се поликлиниките „Јане Сандански“ и „Ченто“, а на тестирање може да се јави кој било граѓанин откако претходно ќе искомуницира со матичниот лекар, објави министерот за здравство Венко Филипче.

„Матичниот, откако ќе направи разговор и преглед, доколку одлучи дека треба тестирање, ќе ја процени неговата итност и ќе го закаже. Матичниот лекар врз основа на состојбата и резултатите од тестот, заедно со колеги инфектолози со кои може да комуницира, ќе одреди што да се преземе и каде евентуално да се упати пациентот. Закажувањето ќе оди преку системот „Мој термин““, појасни Филипче.

Министерот на денешната прес конференција информираше и дека Комисијата за заразни болести и Централниот кризен штаб разговарале за зајакнување на мерките за граѓаните постари од 65 години и помлади од 18 години, за што ќе разговара и Владата, како и дека е обезбедена терапија за заболените.

„Обезбедивме терапија која според повеќе студии се покажува како соодветна за заболени, а ја применуваат повеќе земји. Стручниот колегиум на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби утрово ја прифати терапијата за лекување и нејзина употреба, а се очекува и дозвола од Агенцијата за лекови и медицински средства -МАЛМЕД, по што таа ќе може да се аплицира“, рече Филипче.

Тој ги потврди денеска објавените податоци за втората жртва на Ковид-19 во Македонија, за новорегистрираните заразени со коронавирусот, како и за состојбата на лицата кои беа во самоизолација по контактот со директорката на Клиниката за кожни болести.

„Периодот од 14 за сите лица кои беа во самоизолација поради заболената докторка на клиниката на кожно, помина. Тие веќе ќе се тестираат за коронавирус и ќе се преземат понатамошните активности, во зависност од резултатите, рече на денешната прес конфренеција. Во моментот има нови 22 заболени, со што вкупната бројка е 136. Од нив двајца се починати, а седум се излекувани. По градови, најмногу заболени има во Скопје, 80, 40 во Дебар, 7 во Штип, 3 во Охрид, 3 во Куманово, 2 од КАвадарци и 1 од Гостивар“, рече Филипче.