Министрот за здравство, Венко Филипче, и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, денеска учествуваа на видеоконференција со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Северна Македонија, со која претседаваше амбасадорот на делегацијата на ЕУ во Скопје Самуел Жбогар.
На видеоконференцијата, како што се соопштува, се разменети информации и мислења за состојбата со ковид-19 во земјата, како и за можностите за поефикасно сузбивање на кризата преку помошта од ЕУ, но и билатералната соработка со нејзините земји членки.
„Засега успешно го менаџираме текот на епидемијата. Со линеарен раст на потврдени позтивни пациенти на ковид-19, успеваме да го амортизираме здравствениот систем и да ги оптимизираме болничките капацитети и медицинскиот пероснал. Пикот на епидемијата го очекуваме кон крајот на април и почетокот на мај. Мерките и препораките даваат резултат. Во услови кога целиот свет се соочува со кризата, поддршката што ја добиваме од ЕУ и земјите – членки е од исклучителна важност и доказ дека заедничкото делување и заемното помагање водат кон побрзо справување со оваа состојба“, истакнал Филипче.
Министерот Димитров ја поздравил одлуката на Европската комисија да ја прифати иницијативата на министрите за надворешни работи од земјите од регионот за укинување на извозните рестрикции за Западниот Балкан за набавка на медицинска заштитна опрема од ЕУ. Се заблагодари за континуираната поддршка што земјата ја добива на повеќе нивоа, како од Унијата, така и од нејзините земји – членки.