Министерот за здравство Венко Филипче, денеска најави дека ќе биде овозможено забрзано тестирање за присуство на коронавирусот, па пациентите нема да мора долго да чекаат на резултати. Според министерот, надлежните се трудат тестирањето да го спроведат веднаш, а резултатите да пристигнуваат најдоцна по 24 часа.
Според Филипче, до крајот на неделава во функција ќе бидат ставени уште две лаборатории, во МАНУ и во Институтот за судска медицина со што ќе се зголеми бројот на тестирања дневно за 50 до 100 и ќе се намали чекањето на резултатите. Што се однесува до бројот на тестирања, тој кажа дека по донацијата од 20 илјади тестови за анализа на антитела во Дебар, со оглед дека нема нови дијагностицирани, ќе се прави скрининг на 20-30 отсто од населението за да се процени имунитетот, што ќе помогне во натамошните активности.
Исто така, како што информираше министерот, направен е распоред и за делење на заштитните маски кои стигнаа како донација од Чешка, вкупно еден милион и тие ќе бидат дистрибуирани по сите установи согласно потребата. Филипче рече и дека во земјава веќе пристигнуваат најавените донирани тестови кои се дистрибуираат по лабораториите.