„Далавери правите за народот да го лажете“ - ваши коментари

Илустрација - „Еднакви, заедно посилни“ на ликовната уметница и професорка Јана Јакимовска

Меморандумот на Бугарија до членките на ЕУ, и наводното бегство на екс осудената министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска за набавката на мерцедесот на екс премиерот Груевски во фокусот на коментарите на посетителите на Фејсбук страницата на РСЕ.

РСЕ, редакцијата на македонски јазик, неделното интервју го оствари со германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн, чија земја во моментот е претседавач со ЕУ. Покрај другото, повод за разговорот, освен почнувањето на преговорите на Македонија со Унијата, планирано за декември, беше најновиот настап на Бугарија со меморандумот што го упати до сите земји – членки на Унијата, во кој тврди дека македонската нација и македонскиот јазик се измислена творба од Титова Југославија во 1944 година.

„Билатералните проблеми не треба да се во преговарачката рамка“ – вели германската амбасадорка и порачува дека во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира преговарачкиот процес со Република Северна Македонија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Холштајн - Посветете се на правна држава и попис

Вашите коментари, почитувани, почнуваат од сомневањата во ЕУ, па се префрлаат на Договорот за пријателство со Бугарија, на Преспанскиот договор со Грција, па референцата ФИРОМ, за да дојдат до наоѓањето маани на сегашното раководство на најголемата опозициска партија која во времето на Груевски одржувала помасовни протестни собири.

Ташко Јовчевски смета дека во преговорите со ЕУ билатералните проблеми „ќе бидат решавачки и шанса на Заевите ʼпријателиʻ да нѐ уценуваат и блокираат!“ Слободанка Камчева коментира: „ЕУ е на ред. Ќе почекаме и ќе видиме. Да го видиме правниот систем, правдата и демократијата на ЕУ во пракса“. А Ангеле Зафировски за својата партија: „Јас сум член“, пишува, „од 1990 г. Послабо ВМРО-ДПМНЕ не било како сега со даскалот Мицко“.

Презентирајќи ја мисијата на МНР во наредните 4 години, новиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, на пресот по тој повод, на новинарско прашање одговори дека „Меморандумот на Бугарија отстапува од принципите на Договорот“ и дека „ги имаме црвените линии на бранење на нашите национални и државни интереси и цврсто стојам на бранење на тие интереси“. Џемал Џафероски се чини не му верува на Османи, па напишал: „Абе, до кога со таа Европа со години викате, далавери правите на народот да го лажете, вака-така“. Игор Јакимовски, пак, му порачува на министерот Османи: „Од овие нашите ништо не бива, ако спасиш нешто, дај боже“.

Видете и ова: Јанкулоска- Дома сум, не ми паѓа на памет да бегам

Врховниот суд ги потврди пресудите на поранешната министерка за внатрешни, Гордана Јанкуловска и на премиерот Никола Груевски, кој избега во Унгарија за „она на М“, како што јавноста слушна од телефонскиот разговор на Јанкуловска со Груевски. Јанкуловска ќе треба да лежи во Идризово 4 години, а на својот ФБ профил напиша дека е дома и дека „на ум не ми паѓа да бегам“. Соња Данева ги коментира зборовите на Јанкуловска со следниов пост: „Оваа се надева на одлагање на извршување на казната!“, но Вера Ристеска ѝ реплицира: „Заевче ги менува таблиците и си го вози... не е кај обвинетата... политичка хајка...“ Милован Миленковиќ, пак, ѝ реплицира на Ристеска: „Прво треба да знаеш што објавуваш и не брани лопови“. Џевад Шкријељ потсетува: „Уште еден викаше ʼтука сум, за Македонија сум тука во секој мигʻ, ама се докажа спротивното“.