Социјалната мрежа Фејсбук ја додаде и Македонија на листата на земји за кои е потреба авторизација за реклами за општествени прашања, за изборни и за политички реклами. Од балканските земји, на листата се додадени и Србија и Црна Гора. Фејсбук од средината на месецов воведува правила и за овие три земји, според кои, огласувачите кои објавуваат реклами за избори или политика треба да се авторизираат и на рекламите да пишува кој ги плаќа. Од Фејсбук за Радио Слободна Европа велат дека одлуката зошто овие земји се ставени на листата се базира на повеќе фактори, како тоа дека во земјите наскоро се очекуваат избори, постојната регулатива и потенцијалниот ризик од мешање во изборите на земји од странство.
На прашањата од Радио Слободна Европа зошто одлучиле да ја спроведат оваа политика на рестрикции, од Фејсбук ни одговорија дека за да помогнат во заштитата на изборите, работат да овозможат поголема транспарентност и автентичност на огласувачите кои сакаат да објават реклами за избори или политика. Со тоа што се бара поголема автентичност, им се отежнува на тие што сакаат да ја злоупотребат платформата на Фејсбук, а од друга страна се зголемува нивната одговорност, велат од Фејсбук за РСЕ.
„Нашата цел не е да ги казниме организациите, туку да им помогнеме на луѓето да знаат повеќе за тоа кој се обидува да влијае врз нив. Нашите алатки нема да бидат совршени, но учиме од сите избори и се подобруваме. Знаеме дека сами не можеме да ги заштитиме изборите, па затоа соработуваме со власите, регулаторните тела, рекламните агенции за да ја зголемиме транспарентноста и автентичноста на рекламите“, се наведува во писмениот одговор од Фејсбук.
Видете и ова: Политичката кампања на Фејсбук во „сива зона“
Доколку политичарите или политичките партии сакаат да се рекламираат на ФБ, треба да станат овластени да водат кампања. Од Фејсбук велат дека ги разгледуваат рекламите врз основа на содржината, а не врз основа на тоа кој го објавува огласот. Сите реклами пред да бидат прикажани на Фејсбук се разгледуваат преку комбинација од автоматски и човечки преглед.
За тоа дали имаат податоци за користење на мрежата за ширење на лажни вести во овие три земји, од ФБ велат дека немаат регионална статистика, но дека се посветени на борбата против ширењето на лажни вести преку нивната мрежа.
Видете и ова: Ивановска - Со повеќе алатки ќе се бориме против корупцијата за време на избори
Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов вели дека со овие рестрикции ќе се ограничат лажните вести.
„Секој чекор којшто се презема, дали од социјалните медиуми и нивните менаџменти, дали од националните законодавства или партиите го стеснува просторот за ширење на лажните вести коишто се појавуваат во различни облици, така што за поздравување е поголемата транспарентност и јасно давање до знаење кој ги прави рекламите и кој стои зад секоја политичка реклама“, вели Кордалов.
Тој додава дека клучно што мора да се прави, особено на нашите простори, е менување на свеста на политичките партии. Тие мора да разберат дека социјалните медиуми не се арена во којашто не постојат правила, туку се уште еденуште еден канал преку кој може да се шири дебата.
„Така што, доколку свеста се промени и се разбере дека односот на партиите на социјалните медиуми треба да биде под еден – стратешки, под два – организиран и под три – треба да се знае на која целна група каква порака ѝ се праќа, не само да се оцрни противникот, туку пред сè да се промовираат мерките и активностите што секоја партија планира да ги направи ако ја освои или задржи власта, тогаш веќе ќе имаме многу појасна слика и многу поголема заштита од лажните вести“, вели Кордалов.
Тој вели дека Фејсбук и другите социјални медиуми во изминатите години беа сериозно ставени на тапет поради низа на пропусти или низа на активности коишто не ги спроведоа и доведоа до ширење на лажни вести коишто понатаму влијаат врз демократијата и демократските процеси. Кордалов не верува дека, поради пандемијата на коронавирусот, партиите во најголем дел ќе ја водат кампањата за претстојните парламентарни избори, на социјалните медиуми, туку во прв план повторно ќе бидат традиционалните медиуми.
Предвремените парламентарни избори во Македонија се закажани за 12 април. Државната изборна комисија ги повика политичарите да ги одложат изборите. Тие пак на лидерската средба што се одржа на 12 март, рекоа дека за одложување на изборите не зборувале, но се договориле како ќе се води изборната кампања, оти во државата на сила се мерки за заштита на населението од ширење на Ковид-19. Засега забраната за јавни собири трае до 24 март, што се поклопува со почетокот на кампањата за изборите која треба да стартува на 23 март. Затоа што големи митинзи нема да има, во тој период партиите се договориле кампањата да ја водат на алтернативни начини, преку медиуми, на социјални мрежи, и преку други начини на комуникација со граѓаните.
Двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно најмногу се обвинуваат дека едната или другата страна е креатор на лажни вести, а во изминатиот период бевме сведоци и на црна кампања преку која партиите си го оцрнуваат политичкиот опонент.
Минатата година Фејсбук затвори 5,4 милијарди лажни профили ширум светот. Но од компанијата не споделуваат колку од лажните сметки се регистрирани во Србија, Црна Гора и Македонија.
„Фејсбук“ минатата година, пред изборите за Европски парламент, воведе построги правила за политичко рекламирање. Тогаш од компанијата изразија надеж дека со новите правила ќе бидат препрека за сите они кое планираат однадвор да се мешаат во изборите во одредена земја. Ограничувања имаше и за изборите во Канада и во Индонезија.