Недостасува уште координатор за координирање на националните координатори

Илустрација

Сега треба да се вработи и координатор кој ќе ги координира националните координатори, коментираат граѓаните на социјалните мрежи по објавувањето на владината листа на национални координатори. Голем дел од граѓаните сметаат дека овие позиции се измислени за ухлебие на партиските кадри.

Ако нема место за министер ќе те ставиме некој национален координатор за нешто, коментираат граѓаните на социјалните мрежи, откако владата ја објави листата на национални координатори. Доскорешниот министер без ресор задолжен за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, е назначен за Национален координатор за одговорно владеење и транспарентност. На поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, пак, му го сменија називот на работното место, па од Национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка го именуваа за Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка. Тие двајца се додадени на листата од деветмина национални координатори и нивни заменици за разни области.

Владата претходно се пофали дека го намалила кабинетот и ги укинала министрите без ресор. Сепак, и за нив се координира некое место.

Дел од граѓаните потсетуваат дека позицијата национален координатор не е нова и оти постои со години.

Но, други сметаат дека се работи за монтипајтонштина.

Алаѓозовски на Фејсбук напиша дека новото звање попрецизно ги опишува неговите задолженија.

Според коментарите на социјалните мрежи, голем дел од граѓаните ги сметаат овие позиции за измислени за вработување на партиски кадри.

Други, пак се шегуваат дека Македонија има најмногу координатори по жител и оти човек на човека му е координатор.

Дел од граѓаните шеговито бараат координатор за образование со оглед на тоа што денеска почнува учебната година, а учениците и професорите не можат да се логираат на платформата за онлајн настава. Други пак шеговито одговараат дека тоа што нема координатор е можеби подобро зашто досегашното искуство покажа дека многу координатори, некоординирано дете.