Иако живеат на самиот брег на Охридското Езеро, жителите од населбата Грашница патуваат по неколку километри кога сакаат да уживаат на плажа.
Сината боја на езерото таму често добива нијанси на сиво и кафено, заматена од отпадните води испуштени низ цевките за канализација кои завршуваат на самиот брег. Неизбежен е и мирисот на фекалии создаден од исфрлените бактерии во човековото дебело црево кои помагаат во разградувањето на храната.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Жители на Грашница велат дека состојбата со водите на езрото кај нивната населба е ваква повеќе од 20 години.
„Оваа цевка што ја гледате е канализација. Поради малиот капацитет на цевката, цело ова ѓубре се исфрлаше низ шахта на улица. На 50 метри понатака, има уште една канализација која тече во езерото“, вели тие.
Анализите покажуваат дека на плажите на најсторото природно езеро во Европа се влеваат бактерии од човечки и животински измет и урина од отпадните води кои истекуваат од канализациите и септичките јами, како и од сточните фарми и пасиштата.
Кај Грашница се случува да растат домати, пипер и лубеници од семки од човечки измет коишто низ канализацијата стигнале во езерото, а потоа езерските бранови ги вратиле назад на плажите по што никнал зеленчук, според сведочењето на жителите.
Високо ниво на фекално загадување исто така има и на другите плажи кои најчесто се посетени од туристи, како Трпејца, Куба Либре, Лабино, Мизо, Струга и Елен Камен. Освен фекално, на овие плажи има и органско загадување категоризирано како умерено од втора класа.
Охрид е едно од главните турисктичи места во Македонија, но и регион кој е под заштита на УНЕСКО како светско природно и културно наследство.
Фекалиите во водите на плажите на Охридското Езеро особено се присутни во месец август, за време на летната туристичка сезона.
Анализите на Хидробиолошкиот завод направени за време на летната сезона во минатата 2021 година, покажуваат високо ниво на фекално загадување со групи бактерии познати како фекални колиформи, фекални стрептококи, Ешерихија коли и други.
Најпогодени од фекалното и органското загадување се водите на Охридското Езеро во близина на населбите и речните устија, според микробиолошките истражувња на Хидробиолошкиот завод.
Загадување и во изворите кај Св. Наум
Загадувањето со фекалии главно потекнува од отпадните води од нерегулираните септички јами од домаќинствата. Загадување има и од животински отапд, од отпадни ѓубрива од сточните фарми и од истекување на атмосферските води во руралните облсти, според Хидробиолошкиот завод во Охрид.
Ваквото загадување исто така укажува на потенцијално присуство на патогени вируси и паразити. Од Хидробиолошкиот завод велат дека извор на бактерии се и капачите за време на туристичката сезона кога загаденоста е највиоска. Загадувањето е пониско во останатиот дел од сезоната и на локациите надвор од населбите и речните устија, покажуваат податоците.
Грашница е една од локациите со највисоки нивоа на бактерии, пред устието на реката Велгошка која е најзагадена притока на езерото од каде се влеваат најмногу отпадини комунални и индустриски води во кои се присутни загадувачи, органски материи и бактерии. Значително фекално загадување на езерото има и од реките Сатеска и Коселска.
Големо количини на бактерии влегуваат и од градот Охрид, а особено кај Грашница и Мизо каде дел од домаќинствата не се приклучени на колекторот. Влијание имаат и бројните пловни објеки, немањето на санитарни чворови и конфигурацијата на теренот.
Професор Ленче Локоска од Одделението за микробиологија на Хидробиолошкиот завод во Охрид за РСЕ објаснува дека слична состојба со изразено антропогено влијание има и на локациите кај Струга, како и во селските населби, камповите и хотелите.
„Туристичките објекти околу изворите кај Св.Наум исто така влијаат врз квалитетот на водата од самите извори и Езерото. Домаќинствата и угостителските објекти во селото Трпејца сè уште не се поврзани со колекторскиот систем, што влијае врз загадувањето на езерската вода, посебно изразено кај параметрите од санитарен аспект и за врме на туристичката сезона“, вели Локоска.
Деновиве повеќе граѓански организации реагираа за загадувањето на плажата Грашница. Тие велат дека жителите од овој дел на Охрид редовно споделуваат материјали, но проблемот и натаму не е решен.
„Редовно објавуваме и реагираме до институциите, овој проблем никој не сака да го реши. Оваа црна точка која го загадува езерото никој не сака да ја санира“, велат од граѓанската иницијатива „Ohrid SOS“.
Државниот инспекторат за животна средина по реакциите изврши вонредени инспекциски надзор во населбата Воска кај вливот на реката Грашница во Охридското Езеро.
Инспекторите констатирале дека од реката се влива матна вода „најверојатно поради зголемениот водостој на водите“ по обилните врнежи.
„Веднаш до фудбалското игралиште има два испусти за атмосферски води од кои во моментот на увидот течеше заматена вода која веројатно е измешана со фекална вода од колекторскиот систем“, се вели во извештајот на ДИЖС.
Кожни инфекции, дијареа и повраќање
Зголемениот број на колиформни бактерии и фекалии во водите за капење можат да бидат ризик за луѓето доколку дојдат во допир со нив, велат од Хидробиолошкиот завод.
Можно е да дојде до кожни инфекции и до појава на дијареа, повраќање и слично, а тоа често се појавува кај деца кои нуркаат и пијат вода и кај возрасни со намален имунитет.
Можно е индиректоно да дојде и до инфекции кај луѓето ако таква вода користат за миење на овошје и зеленчук.
„Поради тоа, малите дечиња и луѓето со намален имунитет треба да ги избегнуваат поабундантните плажи преполни со капачи. Дополнително ќе ги спомнам и миленичињата чиј измет често може да се најде во песокот, а со самото бранување доспева во водата. Само да потсетам дека еден грам на измет содржи 109 единки од Ешерихија коли(E. coli)“, вели Локоска.
Зголемените нива на бактерии ги намалуваат концентрациите на кислород и го зголемуваат нивото на јаглерод диоксид СО2 во водата, со што се влошуваат условите во животната средина и стануваат неповолни за животинските видови. Локоска вели дека доаѓа и до масовен развој на алги при што настанува процес на забрзана еутофикација.
Колекторски систем и мониторинг на водите
Од Хидробилолошкиот завод велат дека поради ваквата состојба потребна е брза и радикална интервенција за стопирање на загадувањето и отстранување и санација на загрозените делови.
Сè уште нерегулираните депонии околу Охридското Езеро, особено кај селото Радожда, како и нерегулирани отпадни води од септички јами, полски клозети, објекти за чување на домашни животни и живина, од домаќинствата и од одгледувањето на стока во селските населби покрај Езерото и реките кои се вливаат во него.
Потребно е сите отпадни води од населбите во крајбрежјето да се вклучат во одводен систем за пречсистување на отпадните води, доизградба на колекторскиот систем и подобрување на неговата функционалност, велат од Хидробиолошкиот завод во Охрид.
Исто така е неопходно и воспоставување на редовен мониторинг на водата од Езерото и неговите притоки, заради навремено согледување на состојбата и превземања на соодветни мерки за заштита.