Се погласни се повиците и се позасилена е дипломатската активност периодов за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија до крајот на француското претседателство со ЕУ, кое завршува на 30 јуни. Францускиот претседател Емануел Макрон вчера телефонски разговараше со премиерите на двете земји, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, како и со бугарскиот претседател Румен Радев. Во посета на Софија се еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји и заменик-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид.
Видете и ова: Засега нема прифатлив документ за Скопје и Софија, со Белград односите на високо нивоВисокиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел пред некој ден изјави дека поставува временска рамка за решавање на спорот до крајот на јуни и предупреди дека ќе има сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан ако спорот не се реши.
Ова е многу чувствителен геополитички момент во ЕУ поради војната во Украина и многу повеќе се говори за Балканот, вели директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска. Целиот регион не е интегриран во НАТО и секако дека ЕУ се повеќе размислува за тоа дека регионот не е надвор од блокот, туку е опкружен со земји членки. Македонија за процесот на проширување е навистина проблем, поради блокадата од Бугарија што ја оневозможува ЕУ да биде влијателен актер во регионот, додава таа.
„Опаѓањето на имиџот на ЕУ не е добро ниту за европските челници, не е добро ниту за нас и тие се свесни дека може едноставно да се случи презаситеност од европската агенда во Западниот Балкан и регионот да се оддалечи од ЕУ. Овој ризик е доста голем како што и беше претходно, меѓутоа несомнено е дека Украина креира нов контекст во овој аспект“, вели Кацарска.
Борел потсети и дека Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора, се целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ и со санкциите против Русија. Воедно додаде и дека Македонија и Албанија се наоѓаат на списокот на непријателски земји на Москва, а тоа ќе има цена.
Според Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС се работи за стандардни флоскули од ЕУ да вршат притисок за да се откочи процесот што, како што вели, нема да се случи. Бесмислени се плашењата за влијание од трети земји, односно од Русија и Кина кое е толку минорно кај нас и на економски и на политички план, додава Кржаловски.
„Мислам дека повеќе галама се крева околу тоа, отколку навистина нешто има. Нормално во контекст на украинската криза се гледа некој сентимент, кој не би го нарекол проруски, туку е повеќе контра ЕУ и особено контра НАТО, бидејќи генерално ова се води од Американците што се случува во Украина и тоа што не преговараме за членство во ЕУ, а се бара од нас и натаму почитување на одлуките на ЕУ за санкции и сл. Кај граѓаните се гледа таа разочараност од самата ЕУ, па и од САД и НАТО дека едноставно се бараат од нас понатамошни жртви и усогласеност со политиките на Унијата, а не се прави никаков напор за да се деблокира процесот на евроинтеграции“, смета Кржаловски.
Во моментов, според Кацарска не сме високо на листата на Русија, но, она што е клучно, како што вели, е ЕУ да покаже дека различно ќе ги третира земјите од регионот кои се приклучија и кои не се приклучија кон санкциите. Во тој случај, ЕУ, според неа, ќе може да прати сигнал кон Русија за тоа како се бави со регионот и дека е доминантниот актер. На внатрешен план, како што додава Кацарска, ќе има дополнително ослабување на привлечноста на ЕУ и забавување на процесот на реформите и ќе се соочиме со дополнителна криза во Парламентот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Секако многу од политичките партии ќе гледаат како да го искористат овој момент за да добијат глас повеќе, наместо да се говори за некои суштествени реформи за кои што мора да се изгради барем поширок консензус кој го немаме во моментов. Не се исклучени и нови избори. Имаме најави дека опозицијата ќе блокира дел од процесите. Знаеме дека мнозинството во Парламентот е мало. Несомнено ќе биде многу тешко и за Владата, која треба да се фокусира на домашната агенда без разлика дали ние би го имале тој датум за почеток на преговори , бидејќи процесот ќе трае многу“, додава Кацарска
Елисејската палата по телефонските разговори на Макрон со Ковачевски, Радев и Петков соопшти дека нивната цел била да се поттикнат двете земји брзо да продолжат со дијалогот за спорот.
Владината прес служба соопшти дека Ковачевски и Макрон се согласиле дека нема време за губење и потенцирале дека натамошното одложување на почетокот на преговорите за членство на С.Македонија во ЕУ може да има сериозни регионални последици и широко ја отвора вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот.
Еврокомесарот Дидие Рејндерс кој го заменуваше Оливер Вархеји во Европскиот Парламент за време на расправата за извештајот за напредокот на земјава кон ЕУ повика преговорите со Северна Македонија, како и со Албанија, да започнат пред крајот на француското претседателство на 30 јуни.
Почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ е блокиран од страна на Бугарија, која стави вето поради прашања поврзани со историјата и јазикот на земјава. Во последно време се погласни се повиците од источниот сосед за ставање на Бугарите во македонскиот Устав како услов за решавање на спорот.