Во училиште или дома - Неизвесност до крај

Илустрација

Конечно решение за почеток на школската година нема ни денеска, консултациите продолжуваат, а со нив и неизвесноста. Не се исклучува и одложување на учебната година. Каква и да е одлуката, поради епидемијата, таа може да се смени и на само еден ден пред почетокот на школската година.

На три недели пред почетокот на учебната година, се уште нема одговор како би се организирала наставата за основците и средношколците во услови на пандемија со Ковид-19. Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, денеска на прес-конференција, рече дека има три модели според кои би се реализирала наставата, годинава, во услови на пандемија од корона вирус. Тоа се класична настава со физичко присуство, онлајн настава за сите и комбинирана настава од двата модела.

„Најлесно е во вакви случаи да се определиме за онлајн настава. Само ако епидемиолошката состојба не дозволува да се организира настава со физичко присуство, би се определиле за оваа можност. Оваа одлука е најтешката до сега за Владата. Сакаме да бидеме сигурни дека нема да се загрози здравјето“, рече Адеми и додаде дека неговиот личен став е да се отворат училиштата, но дека „тврдоглаво нема да инсистира на тоа“.

Тој појасни дека се во постојана комуникација со министерот за здравство Венко Филипче и со Комисијата за заразни болести, дека за секој модел имаат про и контра ставови и дека одлука како ќе се одвива наставата годинава, се уште не е донесена, а тоа ќе се случи во наредните денови.

Не се исклучува и пролонгирање на учебната година

Според Адеми, ситуацијата со пандемијата е непредвидлива, па одлуката за тоа како би се спроведувала наставата, може да се смени и последниот ден пред почетокот на учебната година. Тој вели дека во неповолни епидемиолошки услови е најдобро да не се оди во училиштата, но дека мора да се има на ум и дека тоа може да влијае на квалитетот на образованието, па затоа мора да се најде најдоброто и најсоодветното решение. Тој нагласи дека без разлика кој модел ќе се избере, неопходни се и законски измени, а не исклучува и опција за пролонгирање на почетокот на учебната година.

Видете и ова: Над половина родители, наставници и директори се за настава во школо

„За било каков модел да се решиме, треба измени во законите за основно и за средно образование, па затоа укажуваме и на можно пролонгирање на учебната година, зависно од законските акти. Мора да сме флексибилни за да се прилагодиме на еден или друг модел, зависно од епдиемиолошката состојба. Барам разбирање од сите родители и наставници. Да ги имаме во вид сите ризици со кои би се соочиле. Што ако протоколите не се почитуваат, ако има неодговорен однос и ковид-19 да се шири и училиштата да бидат жаришта“, рече Адеми.

Комисијата има предлог, но бара дополнителни информации за училиштата

Пред прес-конференцијата на министерот Адеми, од Комисијата за заразни болести информираа дека од МОН побарале да достави податоци за сите училишта во сите општини во Македонија и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои се клучни податоци за да се утврди каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било евентуално безбедно да се одвива настава и со физичко присуство.

„Денес на Комисијата за заразни болести беа присутни и претставници на Министерството за труд и социјална политика и се разгледуваа и се разговараше и за протоколите за почеток на работењето на градинките. Заклучокот беше дека дел од протоколите треба да се доработат од страна на МТСП, да се разгледаат и потоа да се донесе одлука во врска со почеток на работењето на градинките“, информираа од Комисијата за заразни болести.

Вчера министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека став на Комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во коишто е неопходно физичко присуство на децата.

Видете и ова: Образовните протоколи во време на пандемија сè уште не се финални

„Во оваа ситуација стравуваме дека транспортот од и до училиште, комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории, во ходниците, во оваа ситуација, во есен во која едноставно не знаеме со што се соочуваме, што може да нѐ чека, не само ние, ниту една земја во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво огрраничување во затворена просторија. Овој став јас го презентирав на денешната седница на Владата, сѐ уште трае дискусијата и со дефинитивен став и заклучок, имајќи ги предвид сите аспекти од Министерството за образование и наука верувам дека Владата ќе заземе дефинитивен заклучок во следните неколку дена“, рече вчера Филипче.

Онлајн петиција на над 2500 родители за онлајн настава

Во меѓувреме отворена е онлајн петиција од родители кои бараат наставата да се одвива со далечинско учење. Петицијата ја имаат потпишано над 2500 родители, а барањето особено се однесува на учениците од прво до петто одделение. Авторите на петицијата упатиле и официјално барање до надлежните институции.

Во петицијата се бара да се донесе одлука за далечинко учење за сите ученици, а посебно да бидат опфатени децата од прво до петто одделение, имајќи ја предвид возраста и неможноста за самостојно почитување на здравствените протоколи.

Се бара да се доработат и дел од протоколите за градинките

Денеска на состанок на Комисијата за заразни болести беа присутни и претставници на Министерството за труд и социјална политика и, покрај за училиштата, се разгледуваа и се разговараше и за протоколите за почеток на работењето на градинките.

„Заклучокот беше дека дел од протоколите треба да се доработат од страна на Министерството за труд и социјална политика, да се разгледаат и потоа да се донесе одлука во врска со почеток на работењето на градинките“, информираа од Министерството за здравство.