Од моментот на доставување на иницијативата за уставни измени во Собранието до нивното усвојување минимално се потребни 4,5 месеци, рече на денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието Талат Џафери.
Веднаш штом Владата ја потпише Предлог - иницијативата за уставни измени кои ги состави Работната група, таа треба да биде доставена во Собранието. Во рок од 30 дена по доставувањето, Иницијативата треба да биде разгледана во законодавниот дом. Потоа, во следните десет дена за неа ќе расправа Комисијата за уставни измени, а подоцна следува и расправа на пленарна седница на која претресот може да трае исто така најмногу десет работни дена.
Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, во случајот со 80.
Џафери додава дека доколку нема две третини на првото гласање за Иницијативата за измени на Уставот, процедурата ќе прекине.
Но ниту со деловникот, ниту со други закони не е утврдено дали треба да помине време до поднесување на друга иницијатива. Доколку не се гласа во сегашниот парламентарен состав, тогаш новоизбраното Собрание ќе може да гласа за иницијативата за измени на Преамбулата на Уставот.
За тоа дали ова би било сценарио за избори, тој вели дека нема пречки доколку има 61 глас за распуштање на Парламентот.
Доколку пак се усвои Иницијативата за уставни измени, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот. Рок за ова нема, но претседателот Џафери очекува тоа да заврши за 10 до 15 дена.
Нацртот на амандманите Собранието го става на јавна дискусија, која се очекува да заврши за најмногу 15 дена.
Видете и ова: Поддршка од САД за уставните измени - можеби изгледаат минорно, но се тешкиЕвентуално, според предвиденото во деловникот, може да се намали времето предвидено за пленарна седница, комисиски расправи и јавна дебата, но само во случај ако нема доволно пријавени за збор.
На текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието, на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот.
Џафери: Постапката за уставни измени може да почне паралелно со политичкиот дијалог
Собранискиот спикер вели вели дека не постои правна пречка процедурата на уставни измени во Собранието да се одвива паралелно со процесот на преговори за обезбедување политички консензус за ова прашање.
„Процедурално не е невозможна мисија. Може да отпочне процесот и во текот на тие рокови има време за дебата. Процедурално е можно тоа. Лично, мислам дека треба да почне процесот и да се заврши, консензусот е неминовен во оваа процедура и ниту една постапка не може да помине без консензус“, вели Џафери.
На сличен став сега е и шефот на државата, кој смета дека тоа ќе ги идентификува двата блока во Собранието. Претседателот Стево Пендаровски вчера потврди дека е запознат со содржината на уставните амандмани кои додаде тој, се формирани според договореното со ЕУ и согласно заклучоците на Собранието. Наспроти порано изнесениот став, шефот на државата сега вели дека постапката во Парламентот треба да почне дури и да не е обезбедено потребното мнозинство.
„Голема политичка дилема е дали да влегувате во уставни промени ако претходно немате обезбедено две третини. Во таа насока беше и моето размислување, но денес повеќе сум склон да размислувам дека треба да се влезе во Парламент, дури под претпоставка да немате сигурни 80 претходно, со тоа што јасно на таков начин и со првото гласање кое бара две третини би се идентификувале двата главни блока во државата: проевропски и антиевропски блок. Да потсетам ако сме заборавиле, 2015 година пред влеземе во првата процедура и Преспанскиот договор, тогашната владина гарнитура немаше обезбедено 80 луѓе во тој момент“, изјави Пендаровски.
Видете и ова: Предлозите за уставни измени без обединет фронт на власта и опозицијатаРаботната група на 26 мај ја усвои Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. Предлогот е доставен до Владата која ќе треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги помине сите работни тела.
„Она што е најважно е дека се согласивме со она што е предлог за пристапување кон измена на Уставот на РСМ со одредени насоки, изменувања и дополнувања таму каде што треба. Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. После бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“, изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарира Цаца Николовска.
Ковачевски го покани, Мицкоски прифати лидерска средба
Обид за постигнување на консензус за измени во Преамбулата на уставот ќе биде направен веројатно на лидерска средба која уште не е закажана.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека претседателот на партијата Христијан Мицкоски е подготвен да разговара со премиерот Ковачевски кога станува збор за националните и државни интерси, но тој бара да разговараат и за тоа што ќе се прави во периодот по неуспехот на уставните измени.
„Доколку постои желба за национално единство и слушање на гласот на мнозинството, прифаќаме лидерска средба на која треба меѓу другото да се види што ќе се прави во периодот по неуспехот на тие уставни измени и иднината на граѓаните која треба да се обезбеди“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако претходно премиерот Димитар Ковачевски рече дека во наредните дестина дена ќе го покани на средба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на која би разговарале за носење на одуки за интеграцијата на Северна Македонија и за усогласување на ставовите за односите со соседните земји.
Инаку во работната група за уставните измени не членуваат претставници на ВМРО-ДПМНЕ, кои јавно се противат на ваквите измени.
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови.
Во меѓувреме, на потребата од донесување на уставните измени укажуваат претставници на Меѓународната заедница кои во изминатиот период упатуваат пораки дека промената на Преамбулата е гаранција за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и дека целиот процес треба да се демистифицира и преку него нема да се изгуби идентитетот, јазикот или историјата.