Уметноста на Стаал и колективот „Что делат?“ - дел од Колекцијата на МСУ

„Нови сојузи“ на Јонас Стаал во Музеј на современа уметност Скопје

Колекцијата на Музејот на современа уметност – Скопје, деновиве, е збогатена со творби на неколкумина светски познати уметници. Своите творби за постојаната хуманитарна поставка ги отстапија холандскиот визуелен уметник Јонас Стаал и рускиот уметнички колектив „Что делат“.

Мислам дека и оние што го познаваат МСУ се изненадија што се* имаме во нашата колекција. Кога велиме дека имаме автори од сите делови на светот, тоа значи навистина од сите континенти, и тоа го потврдивме, од Аргентина до Нов Зеланд, од Белорусија до Јужноафриканската Република. Се работи за уметнички дела кои се навистина влезени во светската историја на уметноста, од автори кои се високо ценети во своите средини. Многу од нив се уште живи и активни уметници иако го одбележале творештвото во шеесеттите. Хокни имаше светска ретроспектива пред три години во чест на неговиот 80-ти роденден, а неговиот „Doll boy“ е изложен во Скопје 1964, кога тој има 27, тоа му е втора меѓународна групна изложба во кариерата. Сулаж имаше изложба во Лувр оваа година, по повод 100 години од неговиот живот, тој уште работи, а од неговата музеографија е јасно дека неговата донација во Скопје е личен чин. Можеби реакциите беа толку позитивни бидејќи скопскиот музеј е уникатен и по начинот на кој е настанат, тој е Музеј на уметниците, создаден од нив како одговор на природна катастрофа. Пандемијата потсетува очигледно колку е важна солидарноста за опстанокот на човечкиот род.

Вака зборуваше Мира Гачина, актуелна директорка на Музеј на современа уметност– Скопје, во интервјуто за Радио Слободна Европа на македонски јазик, објавено на крајот на мај 2020 година. А, во текот на овие нецели две години, во дадениот контекст, следуваа едно по друго и овие особено значајни информации. Најнапред дознавме дека македонскиот уметник кој долго време живее и твори во Канада - Глигор Стефанов на оваа наша институција и ги подари сламените „Ангелски крила“ и други 20 дела. Потем и тоа дека сценографот Крсте Џидров – Џиби стори безмалку идентичен потег со тоа што му ја отстапи на заштита и чување серијата концептуални дела од циклусот „Белешки“ на неговиот пријател и соработник, еден од пионерите на уметничките интерактивни инсталации кај нас - Симон Узуновски.

А, следователно на ова во определениот период и реномираната кубанска уметница Тања Бругуера, која живее и работи на релација Њујорк – Хавана, му ја подари на МСУ – Скопје својата видео инсталација со наслов „Само-Саботажа“.

И, тука не запира ваквата интенција. Напротив. Неодамна холандскиот визуелен уметник Јонас Стаал и рускиот колектив „Что делат­­­?“ , дружина што ја чина уметници, критичари, филозофи и писатели, го сторија истото тоа.

Стаал на МСУ – Скопје му ја отстапи својата инсталација „Нови сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која е дел од изложбата „Се‘ што ни е заедничко“ курирана од Мира Гаќина и Јованка Попова, додека „Что делат“ се решиле тоа да го сторат со нивното видео „Becoming With the Museum“ за постојаната поставка која е планирано да се отвори годинава во нашата главноградска културна установа. Ова видео беше продуцирано од „Контрапункт“ и развиено преку перформанс во рамки на „Крик фестивалот“, кој во 2017 година се одржа во МСУ.

Рускиот уметнички колектив „Что делат?“ во МСУ Скопје

Светски познатите уметници се свесни за значењето на нашиот музеј, затоа и донираат свои дела. Музејот на современата уметност - Скопје е симбол на солидарноста на некогашно солидарно Скопје. По катастрофалниот земјотрес 1963 година, се разбуди светската солидарност, не само во материјална помош за срушеното Скопје, туку и за подигнување на духот на настраданите. Многу светски реномирани уметници донираа свои дела во тоа време. Така почна и да се создава уметничката колекција на музејот. Денес, МСУ располага со богата уметничка колекција... од Пикасо, преку Калдер, Џаспер Џоунс, до Вазарели и многу други. Тој тренд интензивираше последниов период.“ вели Мира Гаќина, директорка на МСУ – Скопје.

Мира Гаќина, директорка на Музеј на современа уметност Скопје

Инсталацијата „Нови сојузи“ од Стаал е уметничка и политичка кампања, чија појдовна точка е тековната политичка, економска, хуманитарна и еколошка криза во Европа со цел да ги здружи претставниците на трансдемократските движења и организации за да предложи сценарија за некои нови идни сојузи. Воопшто, делата на Стаал се однесуваат на врската помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата и се изложувани во Музејот Stedelijk во Амстердам, M_HKA во Антверпен, Музејот модерна во Стокхолм и Уметничкиот центар Nam June Paik во Сеул, како и 7 Берлинско биенале, 31 биенале во Сао Паоло и 12 биенале во Тајпеј.

Подареното видео од рускиот колектив го документира процесот во кој „Что Делат“ работат со група млади уметници и создаваат перформанс, кој го прикажува односот на учесниците со избраните уметнички дела од колекцијата на МСУ. Делото го поврзува макронаративот на различните уметнички дела (кога и како се создаваат, нивното општествено значење) со микронаративот на секој изведувач, кој преку своето тело и лирски текст го објаснува односот со избраното делото. Делото е освежувачко мапирање на музејот и историјата на младата генерација што го активира трансформативниот потенцијал на музејот. Колективот „Что делат“ (Што да се прави?) има за цел да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот. „Что делат?“ се залагаат за еднаквост на сите луѓе, борејќи се против различните форми на патријахатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку: филм, театарски претстави, радио програми, мурали, јавни кампањи и семинари.

Рускиот колектив има соработувано со Документа 12 во Касел во 2007 година, 11-то издание на Биеналето Гвангжу во 2016 година, Програма за практика на Гараж Музејот во Москва во 2017 година.... И имаат изложувано на многу светски биеналиња, уметнички галерии и музеи низ светот како во Шангај, Москва, Мексико Сити, Берлин, Сан Паоло, Ливерпул, Њујорк, Лондон, Љубљана...

Кон ова само уште и една исклучително значајна информација. Музејот на современата уметност – Скопје деновиве стана и дел од Меѓународната комисија на музеи и колекции на модерна уметност – CIMAM, во која членуваат директори и куратори од светски познати музеи, колекции и архиви за модерна и современа уметност.

Напорната работа, исклучителната посветеност и грижа за колекцијата, излегувањето од нашите граници на меѓународната сцена, богатата програма и „Големото Стакло“, беа препознаени од страна на CIMAM, единствената меѓународна заедница, која ги застапува интересите на професионалците во музеите на модерната и современата уметност и која ги нуди ресурсите и можностите за размена, кои се неопходни за развој на оваа дејност. Ова членство дополнително ја зацврстува позицијата на МСУ помеѓу најреномираните музеи на современа уметност во светот, појаснува директорката Гаќина.

Инаку, ЦИМАМ е дел од Меѓународниот совет на музеи - ICOM (ИKОМ), кој е мрежа на повеќе од 35.000 членови - музејски професионалци, кои ја претставуваат глобалната музејска заедница.

Основана во 1962 година, визијата на ЦИМАМ е свет во кој се препознава и почитува придонесот на музеите, колекциите и архивите на модерната и современата уметност за културната, социјалната и економската благосостојба на општеството. Целта е да поттикне глобална мрежа на музеи и музејски професионалци од областа на модерната и современата уметност со цел да се подигне свеста и да се одговори на потребите на овие музеи. Со генерирање дебата и охрабрување на соработка помеѓу уметничките институции и поединци во различни фази на развој, ширум светот, ЦИМАМ игра клучна улога во растот на секторот.