Украински регрути се обучуваат во Англија за урбана војна против руските сили

Украински регрути практикуваат преглед на куќи среде звук на пукотници и димни бомби во лажно село каде што британските војници претходно биле обучувани за операции во Северна Ирска.

Во обуката која се одвива во четири бази во Британија, учествуваат повеќе од 1.000  британски обучувачи. Некои нордиски земји, Канада, Холандија и Нов Зеланд, исто така, даваат своја воена експертиза.

Украински регрути минуваат низ скратена верзија на пешадиска обука што британската армија ја обезбедува со свои војници. Опфатени се и ракување со оружје, прва помош, патролни тактики ...

„Најважниот дел е урбаната обука, бидејќи најопасната борба е градската борба“, вели Серхи, поранешен работник во ИТ, кој, како и другите Украинци, не сакаше неговото целосно име да се користи поради безбедносни грижи. „Британските инструктори имаат големо искуство од Ирак и Авганистан. Можеме да го прилагодиме сето ова знаење на украинската ситуација и да го искористиме за да ја ослободиме нашата земја од руската инвазија“.

Целта е брзо да се трансформираат новите регрути во борбено подготвени војници. Првиот контингент пристигна минатиот месец и веќе доби наредба во првите редови да им помогне на исцрпените украински единици.

„Ние водиме основен пешадиски курс, кој зема украински регрути и ги учи да пукаат добро, да се движат и добро да комуницираат во секоја тактичка средина и добро да се лекуваат“, вели мајор Крег Хатон, офицер на шкотската гарда на британската армија кој помага да се надгледува обуката.

Хатон вели дека многу од Украинците имаат мало воено искуство, но додава: „Тие се толку мотивирани. Имаат фантастична волја да учат и само сакаат да вежбаат, вежбаат и вежбаат“.

Нови униформи, панцири, шлемови и друга опрема и испраќаат на украинската војска од Британија како дел од пакетот воена помош од 2,8 милијарди долари, кој вклучува и противтенковски ракети и напредни ракетни фрлачи.

Захар, поранешен инженер, вели дека е тешко да се биде далеку од Украина додека беснеат борбите. „Ги оставив родителите. Ги оставив моите браќа и сестри, моите роднини, да стекнам знаење и искуство што ќе ми помогне... да ја ослободам нашата територија од окупаторите и освојувачите“, рече тој.

Серхиј, поранешниот информатичар, е во униформа неполн месец и е подеднакво одлучен. „Знам дека украинските војници умираат за да ги заштитат нашите домови во моментов. Затоа, тешко е да се знае дека не сум со нив“, рече тој. „Но, на украинската армија и требаат само професионални војници, така што јас сум подготвен да тренирам што е можно посилно за да бидам подготвен за битката што претстои“.

Бригадникот на британската армија Џастин Стенхаус, кој е задолжен за обуката, рече дека гледањето на мотивацијата на Украинците е за восхит. Тој призна дека подготовката за хаосот на урбаната борба е „речиси невозможно да се направи на обука“. Целта на мисијата е да ги обучи за да можат да се прилагодат за да преживеат во првите недели од борбата“.

„Тие ќе научат повеќе во првите недели од борбата отколку што можеме да им дадеме овде“, рече тој.