Украина тврди дека напредува во Бахмут, но и дека е рано за контраофанзива

Украински војници пукаат со топ во близина на Бахмут, 5 мај, 2023

Украинските власти велат дека напредуваат во Бахмут, а руските негираат и покрај тоа што шефот на Вагнер, кој е поврзан со Кремљ, тврдеше дека контраофанзивата на Киев е во тек. Зеленски, пак, вели дека за тоа им треба уште малку време и опрема.

Украина тврди дека има одреден напредок во Бахмут на 12 мај, град во источниот дел на земјата за кој украинските и руските сили се борат со месеци.

Заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Маљар на Телеграм напиша дека украинските сили напредуваат два километри во градската област во Бахмут, без да им отстапат никаков терен на Русите.

Маљар во исто време рече дека тврдењата на шефот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин дека неговите борци не добиле доволно муниција ,не се вистинити и дека тој треба да ги оправда руските загуби во Бахмут.

„Непријателот дава лажни информации за недостиг на оружје, веројатно со цел да се оправда реалната ситуација. А вистинската ситуација оваа недела е дека и покрај присуството на оружје: непријателот не ги остварил своите планови; непријателот претрпе големи загуби на жива сила. Нашите бранители напредуваа два километри во правец на Бахмут; не изгубивме ниту една позиција во Бахмут оваа недела“, напиша Маљар.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Бараме, напаѓаме, уништуваме“ - Со дронови против руските сили во Бахмут


Украинските сили одбиле 44 руски напади во изминатите 24 часа во Бахмут, објави Генералштабот на вооружените сили на Украина во својот дневен билтен на 12 мај. Во него се додава дека руските сили продолжиле да удираат на линијата на фронтот Бахмут-Авдијивка-Маринка, на кој се забележани најжестоки борби во последните неколку месеци.

Русија во меѓувреме побрза да ги негира извештаите од 11 мај за напредок на украинските сили во неколку области, вклучително и Бахмут, иако таквите извештаи дојдоа од промосковски воени блогери, па дури и од Евгени Пригожин, началникот на платеничката група Вагнер, кој е поврзан со Кремљ, а чии борци беа во првите редови во битката во Донецк во изминатите неколку месеци.

Бахмут од воздух - град претворен во пепел


Руското Министерство за одбрана ги демантираше информациите, велејќи дека „целокупната ситуација во областа на специјалната воена операција е под контрола“, додека портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, покажа оптимистичко лице, велејќи дека воената операција на Москва против Украина, терминот што Русија го користи за својата инвазија на Украина, е „многу тешка“, но одредени цели се постигнати.

Пригожин отиде дотаму што на 11 мај тврдеше дека контраофанзивата на Украина е веќе во тек.

Тој рече дека украинските вооружени сили „удираат по нашите крилни позиции во областа Бахмут и, за жал, на некои места тие се успешни“.

На 12 мај, Пригожин, го повика министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу да дојде и лично да ја „процени ситуацијата“ во Бахмут.

Видете и ова: Зеленски – На Украина ѝ треба уште време за контраофанзива


Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ги отфрли информациите. Тој во интервју за британски Би-Би-Си, рече дека Киев го одложува почетокот на контраофанзивата затоа што нема доволно западно оружје за таа да биде успешна, без да претрпе премногу жртви.

„Можеме да одиме напред и да бидеме успешни. Но, ќе изгубиме многу луѓе. Мислам дека тоа е неприфатливо“, рече тој.

„Значи, треба да почекаме. Ни треба уште малку време... Во однос на опремата, сè уште не е пристигната“, рече Зеленски за Би-Би- Си.

Подготовките на Украина за контраофанзива добија важен поттик на 11 мај кога Велика Британија објави дека и доставува крстосувачки ракети со долг дострел на Украина, давајќи му на Киев можност да ги погодува руските трупи зад фронтот.

Министерот за одбрана Бен Валас им потврди на британските пратеници дека Обединетото Кралство ќе ѝ донира на Украина ракети „Сторм Шадоу“ ( Storm Shadow)“.

„Употребата на Storm Shadow ќе и овозможи на Украина да ги потисне руските сили стационирани на украинска суверена територија“, додаде тој без да прецизира колку ваква опрема е испорачана.

Поглед кон уништени згради во Бахмут.

Овие ракети имаат дострел повеќе од 250 километри. Тие ѝ даваат на Украина капацитет добро да напаѓа зад руските линии на фронтот сè до Крим, окупиран од Москва.

Британските медиуми објавија дека Киев ветил дека нема да ги користи ракетите за напад на територијата на Русија.

Кремљ се закани со „соодветни“ мерки за да одговори на потегот на Лондон.

„Тоа ќе бара соодветен одговор од нашата војска, која дефинитивно ќе ги донесе одлуките што се бараат во воена смисла“, изјави портпаролот Дмитриј Песков за новинарите.